Уништувањето на медиумите го уништува секој предуслов за слобода

08.01.2014 12:19
Уништувањето на медиумите го уништува секој предуслов за слобода

Хана Арент вели: „кога секој секогаш ве лаже, проблемот не е дека луѓето ќе веруваат во лагите, туку дека никој нема да верува во ништо. Во таква ситуација луѓето не можат да донесат одлука затоа што општествените параметри по присила на лагата постојано се менуваат. А со луѓе кои се се лишени од можноста да го употребат својот капацитет за расудување можеш да правиш што сакаш“.

Ако основната функција на новинарот е да ја корегира државата со тоа што ќе ја информира јавноста и ќе го зајакнува капацитетот за општествено расудување, се чини дека Македонија не ја научи основната лекција. Во последните неколку години сведоци сме на страшен притисок врз новинарите: бркање од работа, тужби и закани за искажани критички ставови, спинувања и обвинувања дека новинарите се платеници на „опозицијата“, А1 телевизија беше затворена, новинарот Кежаровски осуден на затвор, конечно е донесен новиот рестриктивен закон за медиуми.

На овие теми, за блогот на Солидарност, говори претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – Тамара Чаусидис.


Најнапред да ви се заблагодариме што прифативте едно вакво интервју. Вие сте една од најактивните синдикалисти во Македонија, и воедно сте претседателка на синдикатот, па првото прашање би било како е да сте жена претседателка на синдикат?

Па не знам како е да се биде маж претседател, не можам да споредам. Се шегувам. Прашањето е само навидум лесно, всушност е многу тешко и ризично за одговарање. Ризично, велам, затоа што лесно се запаѓа во стереотипизација. Еве, на пример, една од работите што искуствено можам да ги посведочам е дека кога сте жена – лесно ве потценуваат. Навидум фрустрирачка позиција, но всушност добра стратешка предност. Ете, само еден пример на тема на која можеме да посветиме цело интервју.

Новиот закон за медиуми, кој е доста рестриктивен, е изгласан со амин од ЗНМ, што се случи? Каде потфрливме?

По првичното изненадување сега е веќе извесно, аминот - како што го нарекувате - од ЗНМ е даден за дел од Законот, односно за согласноста на Владата да прифати одредени забелешки, односно измени. Тоа е аргументацијата на ЗНМ. Аргументацијата на Владата дека Законот се носи со согласност на двете новинарски здруженија ЗНМ и МАН. И тоа е така. Аргументот дека Законот се носи наспроти медиумската заедница е загубен неповратно. Каде потфрливме? Па после битка сите се генерали и лесно е сега да се наоѓаат мани на стратегиите и одлуките. За мене, од влегувањето во преговори со Владата, полошо е само влегувањето во преговори со странски посредници, а двете опции се страшни и погрешни. Кога ќе дозволите цел еден еснаф да биде третиран како некаква мала политичка партија – тогаш и ќе ја имате судбината на мала политичка партија, ќе бидете декор на големите играчи и ќе зависите од нивната волја. Независно дали играчите се домашни или странски. А резултатот секогаш ќе биде форма без суштина зад која никој не застанува со полн капацитет.

Дали оваа ситуација создава поголема или помала солидарност помеѓу новинарите и медиумските работници?

Помала. Разединети сме, сега и во рамките на организациите коишто, да речеме, имаа заедничка платформа околу крупни прашања. Довербата е загубена, нема солидарност, нема соработка кога нема доверба. Но тоа не мора да биде лоша ситуација по секоја цена. Немањето сојузници ве прави послаби, но од друга страна ви дава можност за автентична активност која нема да има обврска да „координира“ и усогласува. Ако имате јасна платформа, ако точно знаете што сакате, тогаш тоа може да биде и добра ситуација затоа што вашиот ангажман нема никогаш повеќе да биде по автоматизам припишуван на некој друг. Се разбира, тоа ја прави одговорноста поголема, ризикот исто така, но и слободата да се делува. А синдикатот има намера да делува, тоа ве уверувам.

Дали мислите дека проблемот во медиумите се наоѓа само во недостатокот на професионалните стандарди или проблемот може да се лоцира во поставеноста на приватните медиуми, каде на газдата му се дава право да ги третира новинарите и медиумските работници исто како што се третираат сите работници во фабриките?

Страшна е, цинична и морам да признаам, навредлива инверзијата на тези која инсистира на професионални стандарди и „квалитет“ во условите во кои функционира новинарството кај нас. Повеќе пати сум кажала, но се чини никогаш доволно – слободата е предуслов за професионални медиуми, но тоа не значи дека слободата може и смее да биде условена со професионалноста. Кога новинарите работат во слобода, тие можат да бидат професионални и препознаени како такви според довербата, авторитетот што го имаат кај публиката, но можат да бидат и непрофесионални и да се водат како жолти, несериозни и слично. Впрочем, не дека нема и од едните и од другите во светот. Но, кога работат во неслобода, тогаш новинарите не се новинари. Тогаш се само, во најдобар случај, трансмитери на изјави, а неретко и манипулатори и спинери. Во такви услови новинарството умира, не постои. Опасноста од отсуството од непостоењето на новинарството како чувар на демократијата, критичар на општествените и политички појави можеме да ја аргументираме со денови, но мислам дека веќе на сите ни е јасно до што доведува таа – до анестезирана, некритична, зомбифицирана јавност, која запаѓа во некакво политичко празноверие, која веќе речиси не реагира на никакви дразби, колку и да се силни, очигледни неправди, лаги или конструкции.

Што се однесува до паралелата со газдите на медиумите и на фабриките, не сум баш сигурна дека ја разбирам. Не мислам дека е помало зло ако работниците во фабриките се третираат лошо, а еве, новинарите да бидат иземени. Знаете, почитувањето на работното и професионалното достоинство е човеково право и нивното кршење е секогаш посегање по фундаменталните одлики на поединецот, тука не може да се прави градација. Всушност, тие федуални односи кои владеат по приватните претпријатија, кои сѐ помалку се фабрики, а сѐ повеќе некакви гранапчиња и мануфактури се прелеаја во сите сфери на општеството, а чинам полека почнаа да ја фаќаат и досега неприкосновената државна администрација – сѐ повеќе договори на дело, вработувања на определено време, лесни отпуштања, казнувања, намалувања плати. Она што е страшно и што е специфично кога говориме за медиумската индустрија е што последиците се брзо видливи и непоправливи – тие ја ронат демократската супстанца на едно општество, супстанца со која тоа природно се брани од автократските импулси и амбиции. Многу едноставно, уништувањето на новинарството ја уништува критиката и слободната мисла кои се предуслови на сите други слободи. Несигурната, слабо платена и условена работа од новинарите кои треба да бидат чувари на интересот на јавноста, на јавното добро, прави исплашени луѓе кои не можат да се спротивстават на притисок. Тоа е она што е директна последица на ужасните економско социјални услови во медиумскиот бизнис, поради што некако имам потреба да ги алармирам сите, сите професии, сите еснафи, целата јавност, затоа што драмата на новинарите не ги засега само на оние на кои непосредно се однесува, последиците ги чувствуваат сите.

А што е со новите искуства, на пример интернет медиумите, каде новинарите самите се „газди“?

Состојбата со интернет медиумите, кои ја имаат таа тешка задача да бидат замена за целата задушена медиумска индустрија, е најблаго кажано катастрофална. Мислам дека условите во кои функционираат тие - како што ги нарекувате - „газди“ е страшна. Тие повеќе работат од ентузијазам и инает, отколку што работат за матерјална добивка. Притоа се шиканирани, етикетирани како „предавници“, „платеници“, изложени на невидена негативна кампања. И тука фактот што пазарот на трудот е комплетно затворен служи во позитивна смисла – луѓето немаат избор, освен да опстојат. Но целава ситуација не носи ништо добро. Ги брка од професијата храбрите, чесните. Остануваат најупорните и егоманијаците. Овие последниве, за жал, ги има сѐ повеќе. Една комплетно луда, нездрава состојба.

Дали новинарите и медиумските работници ја перцепираат својата борба како класна?

Не. А која професија ја перцeпира? Класната борба како термин комплетно е изгонета од јавниот дискурс и не е реално да очекуваме од новинарите да бидат исклучок.

Како граѓаните можат да се солидаризираат со вашиот отпор?

Можат конкретно така што ќе ги поддржат акциите на новинарскиот синдикат. Минатата година како никогаш досега бевме активни и гласни. А генерално, така што нема да дозволат да бидат лоботомирани, така што нема да се согласат манипулацијата да ја именуваат како новинарство, нема да генерализираат, затоа што професионалците меѓу нас тоа не го заслужуваат.

Извор: solidarnostblog.wordpress.com