Универзален јазик

08.01.2014 14:45
Универзален јазик

Еден копиљ со топка и сладолед во раце случајно помина покрај мене. Го фрли сладоледот на улица, ја тапна топката, силно ја шутна и ме погоди во чело. Додека лежев на тротоар, зашеметен од ударот, детево ми намигна, ми се насмевна и ми рече:

„Ммм... вдиши длабоко. Имај контрола над лутината, набљудувај го и прифати го преминот на нештата. Тоа што го гледаш изгрева со твоите мисли. Ако зборуваш и дејствуваш со чист ум, среќата сигурно ќе те следи. Смеењето е универзален јазик. Научи да се смееш. Сочувствувај со сите живи битија. Препушти го срцето во мир, почувствувај го сопственото тело, уникатен си, разбери го тоа. Прифати се себеси, спознај се себеси, промени се себеси, биди себеси. Ништо не е случајно во овој бескраен волшебен космос. Контемплирај љубов. Сега издиши и биди среќен...“

Го фатив и го убив од маање.

Расказот е дел од книгата „Метаморфузија“, победнички ракопис на конкурсот „Новите!“ во 2013 година.

Цртеж: Џесика Круз

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото