Индијки со црн појас ќе ги чуваат жените од силување

09.01.2014 12:51
Индијки со црн појас ќе ги чуваат жените од силување

Новите градски власти во Њу Делхи планираат да ангажираат жени кои се носителки на црн појас во некоја боречка вештина за да ја зголемат безбедноста на жените поради честите силувања. Поради големиот број сексуални напади, Њу Делхи во последно време го носи и надимакот „престолнина на силувањето“.

Рахи Бирла од Њу Делхи, градот кој има 17 милиони жители, задолжена за заштита на правата на жените и децата, вели дека планира да ги ангажира поранешните припадници на војската и мајсторите на боречките вештини заради обука на волонтерките кои ќе патролираат низ улиците на главниот индиски град.

Таа верува дека патролите кои ќе бидат составени исклучиво од жени ќе ги направат улиците на Њу Делхи побезбедни. Бирла го најави и планот за ангажирање на 5.000 жени како возачи на авто-рикша за жените да се чувствуваат помалку загрозени.

Активистите за права на жените ги оспоруваат нејзините планови, бидејќи сметаат дека со тоа ќе биде создадена паралелна сила, која нема да биде поддржана од полицијата. Според зборовите на Ранјана Кумари од Центарот за социјални истражувања, потребно е да се зголеми бројот на жените во полицијата, а не да се создаваат паралелни сили.

Несигурноста и стравот од силување дополнително се зголемени по минатогодишното групно силување и убиство на 23-годишата девојка во автобус во Њу Делхи. Бруталноста на тој напад предизвика демонстрации ширум Индија и владата мораше да воведе нови закони и поостри казни за силување и сексуални напади.

И покрај новите регулативи, во Њу Делхи бројот на силувања минатата година е двојно зголемен, на 1.330 од 706, колку што изнесува во 2012 година. Бројот на сексуални напади во 2013 е зголемен на 2.884 во однос на 2012 година, кога се пријавени нешто повеќе од 700 случаи.

Извор: timesofindia.indiatimes.com