Среќна и успешна нова 2014!

10.01.2014 10:22
Среќна и успешна нова 2014!

Во англискиот јазик можат да се разликуваат два вида среќа: luck се однесува на она кога некој има среќа, да речеме, кога на коцкарот бериќетно ќе му се погоди; happiness е кога ти е убаво во животот, кога често наутро ќе се разбудиш гурелав и среќен си што пред тебе е цел ден, а богами и цела недела.

Оттука, на англиски Нова година се честита: Happy New Year! Тоа значи: Да даде бог животот да ти биде убав во новата година. Од друга страна, во нашето честитање: Среќна нова година! Неизбежна е двосмисленоста. Може да значи: Да даде бог сета животна среќа да ти се насобере во следните 365 дена. Но, исто така може да се употреби слично како кај рударите кои еден на друг си велеле Среќно! пред секое потенцијално кобно симнување во подземјето: Тешко тебе, но ако имаш среќа ќе се извлечеш!

Според мене носталгијата е ретроактивна наративна утопија, приказна за сопствениот живот (кој, ако е барем малку поднослив, нашиот свет го смета за „нормален“) ослободен од несреќи, расправии, нерешливи проблеми, кукавичлук, бесмисленост итн. Носталгичната нарација го префрлува во минатото тоа што го нема сега како и тоа што би сакале да се случи во иднината (среќа, младост, здравје, дружење, отуство на неволји), затоа што, најпосле, реалните шанси тоа да биде трагично се намалени или да биде уште потрагично се укинати. Дел од неопходната наративна стратегија е монтажата, како кога извештај од досаден второлигашки натпревар соодветно ќе се монтира со интересни моменти, кои потоа неколкупати се повторуваат во забавена снимка и од различни агли. За мене носталгијата е професионално интересна, носталгичните наративни методи се дел од мојот писателски репертоар, селективно сеќавање на еден од алатите. Заради сето тоа јас сакам да мислам дека сум вакциниран од истата таа носталгија.

Потомството

И навистина, не трошам многу време навраќајќи се на најдобрите моменти од своето/нашето минато затоа што од овој разнобоен живот – полн, колку со среќа толку и со несреќа, речиси како и секој друг – ништо не изгледа едноставно и еднобојно. Па сепак, за време на празничната сезона, често прустовски се сеќавам на предвоените новогодишни прослави, при што прекинувач за тоа спонтано присетување е вкусот, на пример, на петдневната руска салата. Меѓутоа, прославите на кои се сеќавам не се мои, туку на моите родители: додека ја преживам презреаната руска салата, ми се прикажуваат нивните пријатели, аранжманот на масата за јадење, песната, пиењето и веселбата, сите ситни дечиња расфрлани по ќошињата, заспани или стриповски анестетизирани, а потоа полноќната, оргазмична размена на новогодишни честитки и вкрстени сочни бакнежи. Ако сакам да ги замислам своите родители во моментот на нивната среќа, тие ми се појавуваат додека заради нечија полубезобразна шега се превиткуваат од смеа или соживувајќи се ги подигнуваат рацете додека пејат една од оние лажно-староградски песни (Меанџике, наточи уште вино...), кои во пубертетот почнав активно да ги презирам.

Исто како што бев почнал да го презирам и нивното големо радување за Новата година. Затоа што мојата пубертетска идеолошка позиција – која, за жал, излезе дека е коректна – беше дека иднината секогаш е полоша од ужасната сегашност, сметав дека нема причина за каква било посериозна радост и оттука нивното забавување беше директно причинето од нивната несвесност за реалната состојба во светот и за тоа дека мојата маленкост немала никаква причина да очекува напредок. Алтернативниот формат на дочекот за Нова година, кој јас и мојата раја главно го практикувавме, беше едноставна конфузна пијанка, со лудило и можност за секс тука и таму, следена со повраќање и тегобен утрински мамурлак.

Сега ми е жал што не посветував повеќе внимание на новогодишната среќа на своите родители и нивната генерација, не само затоа што мојата меморија би содржела повеќе среќни слики од нив, туку и затоа што би ми било појасно како воопшто можеа да ѝ се радуваат на катастрофалната иднина која како цунами сигурно се движеше кон нас.

Јас ја славам Нова година, што би се рекло, во потесниот круг на семејството: Госпоѓата, нашето двочлено потомство (Ела и Естер), нашето куче и јас вечераме, потоа сите заедно културно играме, си честитаме, а потоа Потомството здружено оди на спиење, најдоцна до пред десет часот вечерта. Госпоѓата и јас уште малку резимираме, па до полноќ и ние одиме на спиење. Нам новата година ни доаѓа скромно и незабележано, без возбудувања и огномет. Првото новогодишно утро го поминувам играјќи со топка, ако даде господ, во снег до глуждовите, со верна група фудбалски фанатици, од кои некои немаат ни куче ни маче.

Меѓутоа, не станува збор за тоа дека ја игнорирам Нова година само заради својот нео-пубертетски песимизам. Во Америка Божиќ е голем празник, кој ние го славиме секуларно со украсување елка и лажеме дека претходната вечер Дедо Мраз, натоварен со подароци, дошол лично. За време на целата сезона низ куќата дефилираат армии пријатели и деца, а и ние одиме во кратки и пријателски посети на туѓ грб. Сето тоа е многу возбудливо за Потомството, па нема дополнителна потреба за новогодишна забава.

Светот им припаѓа на нив

Но и без таа новогодишна забава, ние го славиме – пред некој ден ретроактивно ми светна – она што всушност, моите родители и нивната генерација го славеле: доаѓањето на детската иднина, која секоја година се зголемува кај децата. Со растењето ќе стане загрижувачки огромна, а потоа полека ќе почне да се намалува, заради што, со текот на годините и искуството, се менува односот кон иднината. Моите родители и нивните пријатели славеле затоа што биле живи, затоа што доживеале уште една нова година опкружени со здрави деца и драги пријатели. А го славеле и тоа што децата – а тоа го разбирам сега, не ги чека иднината, туку ја носат во себе – растат во рамките на својот живот и полека ја собираат сета своја човечност, за што им треба уште време, кое, еве, пристигнува во форма на една комплетно нова година во која може да се случи сè и сешто.

Утринава, размислувајќи за сето тоа, го прашав шестгодишното Потомство како ја замислува новата година, како би сакало таа да изгледа. Ми рече дека би сакала Дедо Мраз да ѝ донесе подароци кои не ѝ ги донесе оваа година, меѓу кои најбитни се иглите за плетење. Кога ја прашав дали има нешто што ја загрижува во иднината, таа без размислување одмавна со главата – нејзината 2014 година е сосема нова и потполно нераспакувана. Заради тоа, дури и јас едвај чекам да стигне, иако моите грижи (деца, родители) и стравот од иднината (климатското невреме, пропаѓањето на Америка) не само што со ништо не се намалени, туку постојано, како рудник, се продлабочуваат.

Светот, еве подоцна разбрав, му припаѓа на потомството кое треба допрва да ја оствари својата иднина. Им посакувам секојдневно да бидат гурелави од среќа. На останатите, на кои им е тешко, им посакувам успешно да се извлечат од невремето.

28.12.2013

Извор: http://www.radiosarajevo.ba

ОкоБоли главаВицФото