Што направи оваа власт за државата?

10.01.2014 10:23
Што направи оваа власт за државата?

ВМРО ДПМНЕ од 2006 година е на чело на државата. Чекор по чекор, по победата на изборите, направи народот да нема друг избор освен да гласа за нив. Со страв дека ќе ја изгубат работата, граѓаните почнаа да гласаат за ДПМНЕ и за нивните идеали со кои ја прикажуваат својата фрустрација кон другите земји. Македонија, полека но сигурно, заличи на циркус, а главната улога како лабораториски глувчиња ја добија граѓаните. Еве што успеа македонската власт да направи за Македонија овие неполни 8 години.

Го уништи главниот град

„Луксуз“ со споменици, враќање кон античкиот период и заглавување во барок стилот, се едни од примарните нешта што оваа власт ги направи. Почна со мали планови за промена на ликот на Скопје, а потоа, откако им се допадна, преку ноќ ставија стотици споменици, мостови и „барок облека“ за згради на повеќе локации низ градот. Набрзо Скопје почнаа да го споредуваат со Дизниленд и беше предмет на зафрканција на поголем дел од државите.


Ги понижи новинарите

Во времето на оваа власт, Македонија изгуби вредни медиуми. А1 телевизија, сестринската А2 и дневните весници Време, Шпиц, Коха е ре. По загубата на овие медиуми, храбри бизнисмени пробаа да го спасат медиумскиот мрак и да отворат нови медиуми чиј век беше многу краток. Дневниот весник Ден го доби својот крај на речиси една година од своето постоење, а дневниот Фокус го доби својот крај заедно со својот храбар сопственик Никола Младенов. За разлика од дневниот, неделникот Фокус продолжи да постои без својот татко, со група храбри новинари.

Се отворија и неколку интернет портали чија цел е да го спасат овој мрак, а најнов и најуспешен проект е дневниот весник Слободен Печат кој е моментално и најтиражен дневен весник во Македонија.

Стави „линија“ до каде смеат да одат новинарите

Владата си одбра неколку „свои чеда“ кои реши да ги „почести“ со свои реклами, а останатите ги затвори или ги „посвои“, со цел да нема телевизија која ќе ги оцрнува. На малите екрани светат оние кои ја сакаат власта и кажуваат како нема подобра земја од нашата.

Европска Унија

Власта не ѝ се „покори“ на соседна Грција, па така наместо да се смири и да најде компромис, реши да се прави жртва до крај и да не седне да разговара со соседот. ЕУ ја искара државата за законот за медиуми, но државата со присилен „амин“ од претседателот на ЗНМ, отиде до крај и со минимални измени го усвои законот.

Лопати и ленти

Власта во овие години фрли повеќе лопати отколку што се фрлени од осамостојувањето на Македонија до сега. Со лопати за споменици, со лопати за мостови, за деловни згради, за зградата на партијата и ред други работи. Ленти се сечеа дури и на најситните промени, од реновирање на тоалет во училиште, па сѐ до менување на фасадите низ цела Македонија.

Фаворизирање на пензионерите, младите како иднина на државата оставени сами на себе!

Пензионерите добија од бесплатни автобуси, па сѐ до бесплатно скијање. Бутканици и пцости во автобусите на ЈСП има скоро секој вторник, петок и сабота. Пензионерите станаа привилегирана маса во државата, а младите - нејзината иднина - се препуштени сами на себе. Студентите плаќаат автобуски билети, кои се прилично скапи за плиткиот џеб во новите високи стандарди, студентите плаќаат студирање во државна квота како ретко која друга земја, плаќаат да скијаат, плаќаат да се качат на Милениумскиот крст на Водно со жичарата. За разлика од нив, пензионерите само покажуваат лична карта и продолжуваат.

Преголеми казни, премали плати

Благодарение на владата која со цел да нѐ внесе во ЕУ и да ни ги донесе нејзините стандарди, живееме брз и скап живот, а пари немаме. Минимални плати се даваат во приватните фирми, а онаму каде што би можел да живееш нормално, мораш да имаш партиска книшка, да си активен во партијата и да имаш малку повеќе среќа за да се вработиш. Луѓето си ги продаваат и душите за повеќе пари, а власта се полни со гласови, како што би се рекло - „и волкот сит и овците на број“, само овојпат овците истрижени и кожата делумно е одрана.

Опозицијата е секогаш крива

Без разлика дали е нешто се случило денеска, вчера или пред 100 години, единствен виновник е опозицијата. Опозиционерите се лоши, не им се верува, тие ја уништуваат државата и се лош пример за добрата нација. Бранко беше крив до лани, Бранко остана крив и оваа година. Иако човекот се повлече од политиката, тој сѐ уште останува единствениот виновник за сѐ. Дури и му диктира на Зоран Заев како да раководи со партијата. Всушност, опозицијата е виновна што постои, а не се повлече засекогаш, така што ќе нема никаква друга партија освен нивната.

5 најлоши економии

Среќна нова 2014 година, вие имате најголема невработеност! Иако премиерот слепо веруваше во CNN, па дури им довери и реклами, тие му вратија вака. Срамота за CNN! Имено, во нивното истражување стоеше следново:

Measure: Unemployment rate
2013 estimate: 30.02%

Среќни нови даноци

Нова среќа во новата година донесе премерот за стравствените уплаќачи во спортските обложувалници. Данок ќе се плаќа за секоја добивка во спортските оболжувалници, дури 10 проценти од добивката. Владата донесе доста реформи кои многу им помогнаа на граѓаните, но секако, да потонат во долгови, а не да ги извадат од нив. Со доаѓањето на „модерната“ влада, и со нивните реформи, живеачката во Македонија од ден на ден расте, а со неа се смалува можноста на Македонците да направат нешто за самите себе.

Извор: izrazisemk.blogspot.com
Слики: Свирачиња