Тито беше Бреговиќ

11.01.2014 12:27
Иван Ивачковиќ: Тито беше Бреговиќ

Југославија беше далеку подобра земја од сите кои ја наследија. Нејзината политичка елита многу повеќе држеше до културата, бидејќи и самата беше покултурна. Самиот Тито е најдобар пример. Беше, како што знаеме, голем филмофил, а исто така знаеме дека умееше и да седне зад клавирот. Некој ќе рече дека тоа било само за сликање. Не сум баш сигурен, ама нека било и така.

Овие после него толку го мразеа клавирот, што не се ни сликаа со него. Може ли некој да го замисли Туѓман зад клавир? Тито барем се сликаше со клавирот, тие слики беа објавувани и тоа беше важна порака. Бидејќи, ако Тито мисли дека клавирот е нешто добро, и ако го порача тоа со таква слика, тогаш тоа влијае на јавниот вкус и во најмала рака кај народот го разблажува презирот кон клавирот и одбивноста кон отмените форми на музика - вели за Данас Иван Ивачковиќ, белградски новинар и публицист. Тој во издание на Лагуна штотуку ја издаде една од ретките книги која се занимава со општествениот амбиент во кој настанал југословенскиот рокенрол и популарната музика.

Книгата се вика „Како пропеавме“. Навистина, како пропеавме?

Лесно, бидејќи ова е дел од светот во кој песната е поважна од лебот или сапунот. Што е сјајно и грозно. Меѓутоа, имав друга работа во главата кога одлучив да ја насловам книгата така, а тоа е фактот дека се пееше и на бина и во полиција. Мислам дека тој наслов добро ја сумира приказната сместена меѓу кориците на оваа книга, бидејќи тоа е приказна не само за музиката, туку и за земјата во која таа музика настануваше. Оваа книга, всушност, е историја на една држава и нејзиниот звук.

Кој беше мотивот да напишеш таква книга?

Мотивот беше двоен и се однесува на неколку генерации. Прво, сакав на оние генерации кои се родиле, прооделе и пораснале во СФРЈ, а во тие генерации спаѓа и мојата, да им понудам потсетник на нашите сопствени животи. Значи, ова е многу носталгична книга. Второ, сакав на генерациите кои за Југославија знаат само од приказните да им понудам уште едно видување на таа земја, многу специфично. Зашто, овде приказната за таа тажна и несреќна земја, која беше многу почитувана во светот, но која не умееше да се почитува самата себеси, е раскажана главно преку историјата на нејзината музика. Велам главно, затоа што тука има и текстови за важните политички настани, крахови и потреси. Освен тоа, се обидов да го прикажам и општествениот амбиент во кој таа музика настануваше и умираше, а тоа да не биде наметливо. Сѐ на сѐ, ова е книга преку која не дефилираат само Ѓорѓе Марјановиќ, Бјело дугме, Силуете, Азра, Мишо Ковач, Тереза Кесовија, Рибља чорба, Бајага, Ѓорѓе Балашевиќ и многу други големи имиња од светот на музиката, туку се спомнуваат и Мате Парлов, Драган Џаиќ, Драган Киќановиќ, и така натаму. И уште многу повеќе, се зборува за политичарите кои ја одредуваа судбината на таа земја. Книгата почнува и завршува со текстовите за Тито. На крајот на краиштата - а и на почетокот - тој беше најголемата југословенска ѕвезда. Човекот кој во Југославија го воведе гламурот и шоу бизнисот. Не е само Горан Бреговиќ Тито на југословенската рок музика, туку и Тито беше Горан Бреговиќ на југословенската политика.

Твојата теза е дека музиката и политиката во СФРЈ никогаш не беа одвоени. Како тоа изгледаше тогаш, а како по падот на комунизмот?

Да, музиката и политиката во Југославија навистина никогаш не беа одвоени. Музиката некогаш беше огледало на таа политика и нејзин послушник, а некогаш беше најжестока опозиција. Ова второто беше поретко, а ова првото не е толку страшно како што звучи. Бидејќи, како прво, политиката на СФРЈ - со целото идолопоклонство и бизарните ритуали кои одат со тоа идолопоклонство, со еднопартискиот систем и диригираниот печат, со теророт не само на крупната, можеби и повеќе на ситната бирократија - не беше толку лоша. Југославија, нели, сепак беше една нормална земја. Второ, музиката често ѝ служеше на таа политика од љубов, а не од интерес. Генерално гледано, југословенската музика не беше спонзоруша зависна од југословенската политика, туку ѝ се умилуваше од љубов. Некој можеби ќе рече дека тоа е уште полошо, но не мислам дека е така. Во тоа умилкување многу повеќе имаше една романтична варијанта на патриотизам која исчезна со распадот на Југославија отколку што имаше гола имбецилија. Во секој случај, ако го погледнеме резултатот на сето тоа, тој несомнено е чуден. На пример, чудно е што во времето на Тито, како ваква или онаква опозиција, беа казнувани и режисерите и писателите и самите членови на партијата, но не и рок музичарите. Еден единствен рок музичар, Ипе Ивандиќ, тапанарот на Бјело дугме, беше во затор, и тоа не заради директно спротивставување на системот - иако позадината на таа афера беше политичка - туку поради дрога. Ете, така стојат работите, иако, да речеме, токму рок музиката требаше да биде жариште на вечната побуна.

Хроничарите велат дека државната политика на полето на популарната музика од почетокот на педесеттите била свртена кон популаризација на џезот кој требало да ја поврзе Југославија со западниот свет, од кој тогаш станала финансиски зависна, а од втората половина на педесеттите кон формирање на југословенска естрада и создавање југословенска забавна музика. Од средината на шеесеттите, партиските стратези прифатиле дека рокенролот е музика на младите Југословени. Зошто дури тогаш?

Па, не можеше многу порано, рокенролот во Југославија стана популарен во почетокот на шеесеттите. Силуете, најпопуларната белградска, а според некои и југословенска група во таа деценија, е основана 1961 година. Естаблишментот беше збунет од експлозијата на рок музиката во Југославија во шеесеттите и прво не знаеше што да прави со тоа. Рокенролот растеше и стануваше сериозна општествена сила многу брзо, така што власта беше затекната. Тој во една уредена и контролирана градина израсна како диво цвеќе и градинарите не знаеја што да прават со него. Зашто, одеднаш се испостави дека многу луѓе сакаат баш такво цвеќе, трнливо, но полно со живот, а не пластичното кое, преку забавната музика, го негуваше државата. Тогаш дојде моментот во кој некаква одлука за рокенролот, макар и премолчана, мораше да се донесе. И беше паметна - тие бендови да се остават на мира. Па потоа е донесена една уште попаметна - државата да ги тапка по рамо и дури и овде-онде да ги наградува. Некој во власта сфатил дека рок музичарите по правило боледуваат од мала шизофренија: дека копнеат по признанијата на естаблишментот на кој, барем со самата своја појава, претставуваа опозиција. Не само во Југославија, туку насекаде. Во Англија кралицата им додели ордени на Битлси, а во Југославија рок групите ја примаа наградата на Седумте секретари на СКОЈ и други признанија. За возврат, тие групи не го критикуваа системот, или, дури и кога ќе проценеа дека ситуацијата станува премногу жешка, одеа, како Бјело дугме, на работни акции. Така југословенскиот рокенрол е пацифициран елегантно и без врева.

Слушнав приказна дека Бјело дугме било државен проект. Велат дека тие биле оние кои го ширеле југословенскиот национализам од сараевски тип.

Бјело дугме, да се разбереме веднаш, не беше државен проект. Од гледна точка на државниот интерес, тие беа најчудната група во историјата на југословенската музика. Од една страна, беа бенд каков што власта можеше само да посака - создадоа автентичен, југословенски звук кој најпрво во хрватскиот печат, без потсмев, дури со извесни симпатии, беше наречен „пастирски рок“. Бреговиќ инаку го нарече „југословенски поп“. Низ сето тоа се провлекуваше силниот дух на југословенството и тоа, секако, му се допадна на естаблишментот. Од друга страна, Бјело дугме, како класична капиталистичка појава, претставуваше шлаканица која сериозно го здоболе инаку прилично дебелиот образ на социјалистичкото општество. Освен тоа, моќта и популарноста на Бјело дугме ја загрижуваше власта. Како што вели Душан Весиќ, новинар и најголем стручњак за Бјело дугме, само Тито и Бебек имаа таква моќ. Тито ја крева раката, сите стануваат. Бебек ја крева раката, сите стануваат. Некои стануваат затоа што сакаат, некои стануваат бидејќи не можат да гледаат од оние што станале, ама сите стануваат. Тито ја спушта раката, сите седнуваат. Бебек ја спушта раката, сите седнуваат. Бјело дугме беше и под постојан надзор на полицијата, па и покрај заминувањето на работната акција на Козра во ’76 и членството на Бреговиќ во Сојузот на комунистите, тоа е единствената група од која некој, а тоа е - веќе кажавме - тапанарот Ипе Ивандиќ, судирот со естаблишментот го плати најпрво со слободата, потоа со здравјето, а на крајот, недоволно силен за да закрепне, и со главата.

Кои се најважните моменти и најважните луѓе на „пропевањето“ во поранешна Југославија?

Во педесеттите, секако, владеењето на Ѓорѓе Марјановиќ и забавната музика. Во шеесеттите се случи нешто интересно: дојде до паралелна експлозија на рокенролот и новокомпонираната народна музика, предводена од Лепа Лукиќ. Лепа Лукиќ ја отвори вратата за уште поубавата Брена, а оваа ја отвори вратата од хорор-собата во која чекаше турбо-фолкот. Во седумдесеттите без конкуренција беа Бјело дугме и Здравко Чолиќ. Осумдесеттите, како и шеесеттите, беа обележани од детонациите на рокенролот, преку панкот и новиот бран, и новокомпонираната народна музиа, на чело со Брена и Мирослав Илиќ. Брена беша Евита Перон на новокомпонираниот фолк, а Илиќ беше, и сѐ уште е, Синатра на таа сцена.

Се изнаслушав приказни дека пред деведесеттите „никој не ги слушал народњаците“, но мислам дека тоа не е точно. Ни тогаш не можеа да се споредат тиражите на Лепа Брена и Мирослав Илиќ со рокерите. Сепак, рокенролот од осумдесеттите се утврди како никогаш поквалитетен југословенски бренд и остана официјална култура до распадот на СФРЈ. Дали се согласуваш?

Да, и едното и другото е точно. Некои албуми на Брена беа продадени во повеќе од еден милион примероци, што не можеа да го достинат дури ни Бјело дугме или Рибља чорба. Меѓутоа, Брена не беше третирана како официјална југословенска музика, туку како „шунд“, забава од понизок ред, што и одговараше на вистината. Освен тоа, оној естаблишмент кој во СФРЈ го наследи Тито најпрво ќе биде изнервиран од популарноста на Лепа Брена, а дури потоа ќе се препознае во нејзината музика. Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија расправаше за попупарноста на Лепа Брена на седница во 1983 година, жалејќи се дека „средствата за информирање посветуваат поголемо внимание на Брена отколку на принципиелните дискусии на функционерите“. За тоа време, тоа беше незамислив момент. Како денес Пентагон да расправа за евровизиските дострели на Жељко Јоксимовиќ. Од друга страна, рокенролот во осумдесеттите исто така беше предмет на партиското внимание, и најчесто во случајот на Бора Ѓорѓевиќ, на лутина, но беше третиран како дел од официјалната култура.

Народната мелодија влезе во југословенскиот рокенрол. Се чини дека еден од првите примери на стопување на рокенролот и новокомпонираната народна музика, ако не и прв, е песната на Ханка Палдум која ја компонираше Милиќ Вукашиновиќ „Вољела сам, вољела“ (1979). Во текот на осумдесеттите во новокомпонираната народна музика се населија гитарските рифови, а стадионските настапи на некои ѕвезди како Лепа Брена визуелно потсетуваа на големите рокенрол спектакли. Колку во СФРЈ беа испреплетени народњаците и рокерите?

Тука е клучен моментот на воведување на голема врата на мешавината од рок и фолк. Значи, повторно сме кај Бјело дугме. Бреговиќ прв го направи тоа на спектакуларен начин. Поради тоа, некои го сметаат за татко на југословенскиот рокенрол, бидејќи со тоа го претвори Дугме во вистински масовен бенд, му обезбеди моќ и влијание. Некои други поради тоа мешање на рок и фолк го обвинуваат Бреговиќ за чедоморство - со истата работа, веридбата на електричната гитара и хармониката, тој го создаде југословенскиот рок и истовремено го уби, бидејќи рок музиката, велат оние кои мислат така, не ја трпи хармониката. Зборувам за хармониката како симбол, не нужно како инструмент. Што се случи потоа? По десетгодишниот петинг, хармониката се осмели и во лезбејска врска со гитарата, посака вистински секс. Ја зграби електричната гитара и така е родена музиката со која ќе се просави Лепа Брена и со која е поплочен патот за турбо-фолкот. Со тој звук, стигна и соодветниот имиџ, како и кореографија и сценографија, па Брена во 1984 година, со кран се креваше над својата публика на стадионот, баш како Мик Џегер три години претходно. Брена од Џегер зеде многу повеќе отколку рок музичарите. Тоа е нејзина интелигенција и нивен срам.

Извор: Данас

Слични содржини

Балкан / Култура / Музика
Европа / Балкан / Историја
Општество / Балкан / Историја
Балкан / Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото