Во Скопје преовладува кич во архитектурата

13.01.2014 09:18
Во Скопје преовладува кич во архитектурата

Како изгледаше Скопје пред да се случи катастрофалниот земјотрес во 1963 година?

- Земјотресот се случи тогаш кога Скопје доживуваше расцут. Пред потресот се вршеше тотална реконструкција на централното подрачје, која почна веднаш по војната. Во центарот на Скопје, пред да се почне со изградбата, на десниот брег на Вардар имаше цели маала со супстандардни услови. Во дворовите се чуваа коњи, кози, магариња. Затоа, власта наложи изградба на модерни објекти и пробивање нови улици. И тогаш кога бевме при крај со урбанизацијата на центарот на Скопје, земјотресот ја прекина изградбата. Уништи многу. Речиси се’ што изградивме се претвори во пепел.

Но, веднаш по земјотресот, Скопје почна повторно да се гради. Тогаш некои сметаа дека градот треба дури и да се дислоцира?

- Големата материјална штета и човечките загуби предизвикаа загриженост кај луѓето. Се јавија некои идеи дека Скопје не треба да се гради на старото место, туку дека треба да се напушти оваа локација. Имаше предлози дека најдобро би било новиот град да почне да се гради во непосредна близина на Велес. Веднаш дојдоа стручњаци од странство по сеизмологија кои потврдија дека цела Македонија се наоѓа на сеизмички активно подрачје. Но, тогашната Влада и покрај ваквите наоди, реши Скопје да се гради таму каде што се наоѓало отсекогаш.

Која беше примарната работа што се презеде откако се случи катаклизмата на полето на обновата?

- Откако беа извадени настраданите под урнатините, пристапивме кон утврдување на степенот на оштетеноста на објектите. Беа формирани екипи кои го поминаа цело Скопје и ги бележеа зградите. Тешко оштетените се бележеа со црвена боја, со што се потенцираше дека тие објекти се опасни и дека треба да се урнат. Лесно оштететните се означуваа со зелена, а оние објекти кои можат да се санираат се бележеа со жолта боја. Можеби тука имаше и грешки во критериумите и процените, но и тоа се случува во една таква драматична состојба.

Дали изградбата на градот се одвиваше плански?

- Пред да почне изградбата, под покровителство на Обидинетите нации се формира специјален фонд за планирање на градот. Во Скопје дојде фирмата „Доксиадис" од Атина, инаку познат институт за урбанистичко планирање, и заедно со нашиот Завод за планирање почнаа да работат на осмислување на идниот изглед на Скопје. Дојдоа стручњаци и од други земји. На пример, Варшавскиот завод за урбанизам направи неколку варијанти на планот на Скопје, под раководство на познатиот Адолф Циборовски, кој беше познат по изградбата на Варшава по разурнувањето во Втората светска војна. За изработката на урбанистички план за центарот на Скопје, пак, беше распишан меѓународен конкурс со цел да се добие голем избор на идеи и да се држи меѓународната јавност постојано заинтересирана за нашиот главен град.

Имавте ли визија како треба да изгледа Скопје во иднина, како треба да се гради и развива?

- Новиот урбанистички план предвидуваше Скопје да се развива по должина на реката Вардар. Со изградбата на монтажните населби на 18 локации, градот се издолжи од 9 на 24 километри во правец исток-запад. Но, градот се ширеше и на север. Според планот, за наредните 30 години Скопје од град со 200.000 жители требаше да прерасне во град во кој ќе живеат 500.000 жители. Индустриската зона источно од „Континентал" остана и во новиот план, а беа предвидени и две нови зони. Една е т.н зона за чиста индустрија низводно на Вардар кај Ново Село и Ѓорче Петров, а втората кај железничката станица Скопје- север. Исто така, планот предвидуваше развој на моќна сообраќајна мрежа.

Велите дека била планирана моќна сообраќајна мрежа. Но, ако го погледнете сообраќајниот хаос во Скопје, многумина ќе речат дека ваквата состојба е резултат на лошо проектираниот план по земјотресот?

- Таквите тврдења не се точни. Планот не е правен од неуки луѓе, туку од големи стручњаци кои проектираа силна сообраќајна мрежа. Сообраќајниот хаос во Скопје не е последица на лошо изготвен план, туку на неизградената мрежа. Од моќниот систем на планирани сообраќајници е изградено само околу 30 отсто. Метежот по скопските улици ќе се намали доколку се реализира Јужниот булевар, или булевар „Македонија" кој ќе ги растовареше „Партизанска" и „Илинденска". Булевар „Илинденска" е исто така тесно грло и тој треба допрва да се развие. Големо олеснување за сообраќајниот метеж ќе биде и пробивањето на тунелот под Кале, кој треба да излезе на булевар „Никола Карев", како и изградбата на обиколницата на Скопје која е во тек на реализација.

Рековте дека за изградбата на центарот на Скопје се распише меѓународен конкурс. Зошто?

- Идејата на конкурсот беше да се приберат неколку идеи од светски познатите проектанти со цел Скопје да добие вистинко градско јадро. Се пријавија 4 домашни и 4 странски фирми. Со свои идеи конкурираа архитектот Кензо Танге од Јапонија, Макема и Ван де Брук од Холандија, Морис Ротивал од Франција и Луиџи Пичинато до Италија. Од домашните фирми се пријавија „Македонија проект" од Скопје, урбанистичките институти од Загреб, Белград и Љубљана. Интернационалното жири се одлучи за проектот на Кензо Танге, според кој и се изгради центарот на Скопје. Практично тој е проектант на Градскиот ѕид и согласно конкурсот доби 60 отсто од предвидената награда. Но, идејата на Градскиот ѕид не е само негова, туку по препорака на жирито се користеа и идеи од другите проекти.

Каква му беше идејата на Кензо Танге со изградбата на Градскиот ѕид?

- Идејата на Танге беше да се потенцира градското јадро. Тој на почетокот предвидуваше во строгиот центар на Скопје да се изградат згради високи 60 метри. Доколку се случеше да изградат толку високи станбени објекти, тоа значеше дека ветровите од Водно нема да стигнуваат во центарот, односно ќе се блокира струењето на воздухот. По овие укажувања тој направи испитувања на моделот во специјализирана лабораторија во Јапонија. Откако виде дека со проектот ќе се задуши Скопје, тој направи измена. Од предвидените 60 метри зградите ги намали на 45 метри, а приземјето на зградите го проектираше да биде слободно, без локали за да има проветрување.

Но, сведоци сме дека подоцна проектот на Танге, односно неговата идеја е уништена?

- Градскиот ѕид се градеше во периодот од 1968 до 1970 година. Зградите беа изградени на столбови. Но, за жал, кога почна да преовладува неговото височество „денар", приземјето на Градскиот ѕид почна да се пополнува со локали, така што проектот на Кензо Танге, кој беше познат светски архитект, со визија да се направат градови дури во океан, се уништи. Затоа сега во центарот на Скопје летно време не може да се диши. Ветровите од Водно не можат да се осетат, ниту пак можат да струјат затоа што Градскиот ѕид се затвори. Тоа е грешка на оние кои подоцна го градеа Скопје и која не може да се прости.

Дали при изградбата на Скопје се отстапи од планот изработен по земјотресот?

- Скопје не се разликува во однос на тоа како е проектиран по земјотресот. Единствено што остана нереализирано е изградбата на сообраќајната мрежа. Но, морам да го спомнам и ова. Денес во Скопје, за жал, преовладува кич во архитектурата. Еден архитектонски популизам и архитектонска демагогија. Како што сака инвеститорот, така проектира проектантот. По земјотресот беше донесена одлука за сите важни објекти што се градат да се распишува конкурс за да се има избор на идеи, од кои ќе се одберат најдобрите. А, денеска што се случува? Во трката по пари секој инвеститор си бара свој проектант кој наместо два, додава три или четири ката. Се прават пропусти и никој не води сметка за тоа. Но, не дај боже на Скопје да му се случи потрес како оној во 1963 година, тогаш нашите архитекти и проектанти ќе сфатат какви грешки прават при проектирањето.

Извор: Утрински весник, 2003

ОкоБоли главаВицФото