Поетскиот дијалог со сликарството во „Синкаво и други песни“ од Магдалена Хорват

13.01.2014 12:24
Поетскиот дијалог со сликарството во „Синкаво и други песни“ од Магдалена Хорват

1.

Со поетскиот првенец Ова е таа, твојата (2006) на Магдалена Хорват современата македонска поезија доби нов моќен поетски глас, доби ново, оригинално лирско пеење што е внимателно градено, пеење раскошно со мисловните и концептуалните зафати, разнообразно со поетските облици и неодоливо заводливо со музикалните ефекти на поетската реч. Уште за оваа дебитантска книга на Магдалена Хорват, Зоран Анчевски со право констатираше дека станува збор за „добро осмислени песни, свесни за сопствената ‘јазичност’, што се гледа од многубројните фонични, ритмички и други формални експерименти..., изведени со висок степен на познавање на поетскиот „занает“ (...) поезија што не е резултат на младешки инстинкт, туку на длабоко почувствувана, обмислена и технички зрело изведена постапка“.

Уште со стихозбирката Ова е таа, твојата Магдалена Хорват се наметна како поетеса која има изграден поетски светоглед, како и особен усет за звуковната, т.е. музичката димензија на лириката. Во една од првите критички опсервации за поезијата на Магдалена Хорват, Маја Апостолоска го потенцира овој афинитет на поетесата како стожерна определба на нејзиното поетско писмо: „Тоа што во одредена мера ја разликува од споменатава генерација и што може да се забележи и при површно читање на оваа стихозбирка е впечатливата музикалност на стиховите. Нејзините врсници вообичаено го пренебрегнуваат тој аспект на поезијата, афирмирајќи го наративниот дискурс (...) Стилската доминанта во поезијата на Хорват“, истакнува Апостолоска, „се токму фономорфолошките фигури, што не се случајни факти или необмислени гласовни игри, туку претставуваат смисловни постапки што го потенцираат нејзиниот естетски квалитет (...) Јазичните експериментирања што доведуваат до создавање интересни параномастични склопови и внатрешни рими се јасен показател дека оваа поетеса влегува во македонската книжевна сцена со продлабочен однос кон можностите што ги нуди сопствениот јазик“.

2.

Втората поетска книга на Магдалена Хорват, насловена Синкаво и други песни (2010), не само што ги потврдува на најубав начин овие согледби туку недвосмислено укажува на продлабочувањето на поетското искуство и во нови простори на уметничката слобода. Имено, иманентната музикалност на стихот на Хорват, во оваа најнова книга не само што се одразува во најголемиот дел од лирскиот корпус туку и експлицитно влијае во обликувањето на композицијата на поетскиот ракопис: 43 песни, овој пат, се распределени во три циклуси (10 „Синглови“, сонетниот венец „Тишина“ и 18 „Б-страни“) упатуваат на музичката структура на поетската книга. Алузијата на винилските плочи, во првиот и третиот циклус би можела да се толкува на неколку рамништа: тие ја манифестираат свеста дека секоја песна е посебна, заокружена целина, еден кохерентен, посебен универзум, како музичките синглови, од една страна, но и свеста дека поетските творби меѓусебно се надоврзуваат или се надополнуваат, дека добиваат своевидни пандани или Б-страни во книгите на еден автор, како во старите винилски плочи. (Мала паралела: да ја споменеме, макар како уште еден пример од најновата македонска поетска продукција, стихозбирката на Јовица Ивановски со карактеристичен наслов Двоен албум.)

Во трипартитната поетска книга на Магдалена Хорват, оттука, дијалогот со музиката се одигрува на повеќе рамништа:

1) Поетесата експериментира со звукот во рамките на канонизираните лирски форми, што е еден вид раритет во најновата македонска поезија. Во едно интервју Магдалена Хорват го елаборира овој свој афинитет: „Ме привлекува и формата, било да е сонет, хаику, пантум, сестина или виланела. Пишувањето во однапред определени рамки ми помогна и при конструкцијата на песните во слободен стих“ (Утрински весник, 16.10.2006).

2) Особено впечатливо е што песните на Хорват постојано нè изненадуваат со звучните решенија: поетесата трага по не толку лесно уочливи врски меѓу зборовите, така што мошне често римите одекнуваат и онаму каде што нè ги очекуваме.

3) Музиката и чинот на слушањето се чести теми во оваа книга, од тишината на твојата бас – / гитара (во песната „Бубамара“), преку гласна(та) самотија (во „Виланела: Разговори со супата“ во циклусот „Синглови“ преку тематизирањето на многубројните аспекти на тишината во истоимениот сонетен венец, па сè до песната „Разгледница од Амалфи“ од циклусот „Б-страни“, во која (...) Се мешаат / звуци на црвени ѕвона, телефони,/ бранови, одвај чујна виолина...

3.

Покрај со музиката, на страниците од Синкаво и други песни, поетесата води и дискретен, но исклучително слоевит дијалог и со ликовната уметност, така што во оваа пригода ќе се задржиме само на неколку впечатливи примери што го одразуваат и нејзиниот продорен поглед во светот на сликарството.

Да почнеме од еден од стожерните потходи во оваа стихозбирка, т.е. од игрите со позицијата на лирскиот субјект во остварувањата од оваа поетска книга. „Полесно ми е да пишувам песни во кои говорникот не сум јас. Ме привлекува драмскиот монолог, во кој зборува измислен лик“, вели поетесата во едно интервју (Утрински весник, 16.10.2006). Затоа, индикативно е и претставувањето на оваа книга по медиумите: „Формално, Синкаво и други песни е составена од драмски монолози во слободен и во врзан стих, чии говорници се статуи, патници, деца, самосвесни жени, старци, набљудувачи и раскажувачи“.

Во оваа смисла, особено егземпларна е песната „Плашилото“. Според мотото, песната се базира врз еден интригантен запис на Нове Цветаноски од Разнесено наследство, според кого една античка скулптура (копија на Атена Партенос) во Битолско во триесеттите години од дваесеттиот век добила улога на плашило во една нива. Записот потсетува дека „статуата денес е во Народниот музеј во Белград“. Секој од нас може да ја слушне оваа возбудлива, фантазмагорична приказна, но во книгата на Магдалена Хорват, таа статуа-плашило добива „право на глас“. Така, песната „Плашило“ ни овозможува да прочитаме/слушнеме што има да ни соопшти скулптурата изложена во музејот. Еве го нејзиниот „драмски монолог“:

Вар варосано, ѕид ѕидосано:
во музејов е толку досадно.

А кога си бев во лозјето
(мовлива – уште млада, зелена,
не вака налицкана, побелена)
гледав како зрее грозјето,

се будев со роса оросена,
мирисав на трева искосена.

Дури и кога работев за него
– кога по цели денови стоев
сред нива и облаци броев –
имав поглед вперен во небо.

Вар варосано, ѕид ѕидосано:
во музејов е толку досадно.

Низ гласот на женскиот лирски субјект се артикулираат, имено, и двете перспективи: и онаа на скулптурата-плашило, но и онаа на скулптурата изложена во музеј. Во првата перспектива доминира носталгијата по „животот под отворено небо“: се будев со роса оросена, / мирисав на трева искосена (...) имав поглед вперен на небо. Втората перспектива е онаа на заробената скулптура меѓу ѕидовите на музејот (перспективата на вечна досада), така што гатанката (вар варосано, ѕид ѕидосано) од првиот и последниот дистих добива повеќе нови конотации во оваа песна. Дали „вар варосано“, што во традиционалната гатанка упатува на јајце, сега во песната на Хорват да го читаме како алузија на „варосаното плашило“? Дали, пак, да ја толкуваме гатанката како алузија на музејот како еден вид затвор за скулптурата, особено да ја продолжиме гатанката што сите ја носиме во нашата меморија „нигде ѕирка ни проѕирка“? Конечно, не е ли случајно што поетесата преку римата „ѕидосано-досадно“ ја потенцира не само на фонетски туку и на семантичка план нововоспоставената врска меѓу зборовите, што сега создаваат или сугерираат нови значења во поетскиот текст?

Всушност, мотото и гатанката не се единствените интертекстуални параметри на оваа куса песна. Преку гласот на статуата-плашило, воедно, во песната „Плашилото“ се артикулира и гласот на секој изложен ликовен артефакт, така што оваа творба на Хорват бездруго би можела да се споредува со „Свети Трифун“ на Матеја Матевски, во чијшто прв дел лирскиот субјект (во овој случај насликаниот светител) се жали дека е вечно заробен во фреските на манастирските ѕидови. Иако конципирана како лирски монолог, оваа песна на Хорват ја манифестира длабоката дијалогичност на нејзината поезија, засведочена во едно нејзино интервју: „Без читањето на врвните македонски поети никогаш немаше да ја засакам поезијата“ (исто). Од оваа перспектива, неизбежно е да наспоменеме дека поетските зафати на Магдалена Хорват се бездруго проникнати и со нејзините препејувачки опити, и тоа, како преку препејувањето од англиски на македонски јазик (на делата на Силвија Плат, Фиона Самсон, Ана Агилар-Амат, Пат Боран...), така и преку препевите на делата на поетските остварувања на повеќемина македонски поети на англиски јазик.

4.

Оттука, не би требало да нè изненадува и фактот што во Синкаво и други песни наидуваме и на други песни базирани врз проседето на интерсемиотички „превод“/транспозиција, познато под името екфразис. Станува збор за песните „Ретровизор“ и „Есен“ од двајца сликари-врсници, првата инспирирана од сликата „Автопортрет“ на полската сликарка Тамара де Лемпицка (1898 – 1980), а втората – од графиката „Три света“ од холандскиот графички уметник Мауриц Корнелис Ешер (1898 – 1972). Да го проследиме првин поетскиот „автопортрет“ на полската сликарка, направен од страна на македонската поетеса:

Секако дека има ракавици. Држењето волан
е напорно, а без ракавици, кожата огрубува.
Има и шал, оти ова е кабриолет, а цел свет е
полн ветер, од кој шалот ја штити додека вози.

Очите, на прв поглед, ти се чини ѝ се полни
небулози, замаглено сини (или, да не се сиви?).
Но нема солзи; само фрла поглед настрана,
од што не може да заклучиш ништо. Освен

дека не е заспана. Тоа е сигурно; знае кај вози.
Се гледа по положбата на раката, и строгоста
на дамската кацига – во тон со правливо-белиот

шал; сепак била насликана за насловна на моден
журнал. Затоа ли нема ретровизор? И кај врти,
лево или десно? Ах, пак избор. Мислиш е лесно?

Имено, во овој вербален сонетен портрет на автопортретот на полската сликарка, Магдалена Хорват ни предлага еден вид итинерар во движењето на погледот низ деталите на сликата: од ракавиците преку шалот, очите на сликарката-возач, положбата на раката, па сѐ до дамската кацига. Но, песната (нѐ) поставува (пред) една дилема што е клучна токму за жанрот автопортрет: Зошто возилото нема ретровизор? Зарем е возможен автопортрет без огледало? Дали сликарката била само модел за моден журнал, па затоа не ѝ било потребно огледало? И во овој случај лирскиот субјект не (ни) нуди еднозначен и дефинитивен одговор, туку напротив нѐ поставува пред изборот. Исто како што е тешко (дури и неблагородно) да се прогнозира во која насока ќе се упати возилото што го управува сликарката, исто така е тешко да се направи и финалниот избор во обидот да се протолкува песната: Ах пак избор. Мислиш е лесно?

5.

И во песната „Есен“ е индикативно обраќањето на лирскиот субјект кон читателот-набљудувач, екфразискиот читател (Мајкл Бентон):

Страшна е црно-белава есен пред нас, мила моја.
Во првиот свет гледаш само лисја на површината,
лисја сронети од дрвјата што крај водата стојат
и беспомошно ги креваат голите гранки. Но, тоа

не го гледаш веднаш; ти се чини пуштиле корени.
Таков ми личи светов број два – дрвја изморени.
Свесни ли се дека се огледуваат во водава? Оти
ние наопаку ги гледаме? Да разликував облици,

ќе ти кажев, според листовиве, и што дрвја се.
Но, зар тоа е битно? Лисјава си лебдат мирно
едни покрај други, толку совршено различни.
Третиот свет, мене бар, најмногу ме плаши:

оваа кротка риба со раширени очи, небаре наши,
човечки; небаре знае дека некој одозгора стои,
загледан во неа. Но не знае зошто, и не знае кој.
И зошто, Ешер, само една риба, а лисја безброј?

Ако во претходната песна луцидно беше регистрирано отсуството на огледалото, тогаш во „Есен“ е особено впечатлива играта што е постигната токму преку метафора на огледалото: лирскиот субјект се обидува да ги одгатне да ги разликува трите света од графиката на холандскиот мајстор.

Огледалната перспектива е тематизирана преку тематизирањето на гледната точка на набљудувачот на сликата: Свесни ли се дека се огледуваат во водава? Оти / ние наопаку ги гледаме? Теоретичарот Диди-Уберман има пласирано теза дека уметничките творби што се базираат врз огледалната перспектива не само што го инволвираат погледот на набљудувачот туку и постигнуваат ефект дека и набљудувачот е набљудуван. Последниот катрен од песната на Магдалена (што навестува еден вид поентата на поетскиот текст) го актуализира токму тоа ретко естетско искуство. Таа двојна перспектива, според луцидното укажување на Ристо Лазаров е својствена и за оваа поетска книга на Магдалена Хорват: „кога ја читаме оваа книга, напати помислуваме дека и таа нè чита нас и дека цело време градиме со неа заемен однос ’на ти’.“

Токму Ешер во книгата Истражување на бесконечноста има забележено дека уметноста е еден од основните патишта на тоа бескрајно и возбудливо истражување на бесконечноста. Песните од Синкаво и други песни, меѓу кои и неколкуве посочени примери, се суптилен уметнички влог на Магдалена Хорват во таа бескрајна авантура на поезијата и уметноста.

Извор: Зоон поетикон, Кликер, 2013.

Слики: Maurits Cornelis Escher

ОкоБоли главаВицФото