Тендерландија

13.01.2014 13:02
Тендерландија

Прво правило на режимот на Груевски: давањето тендери и милионски бизниси на мегафоните, бизнисмените или на поддржувачите на режимот не е криминал и не е корупција. Криминал и корупција постојат во демократски држави и во капиталистички општества.

Во крипто-корпоративистичкиот комунизам на Груевски, каде не постои ниту држава, ниту јавни институции на системот, туку постои само партијата, за режимот и за партијата тендерските договори и дилови не се криминал. Според таа логика, по којзнае кој пат ни се докажува следното, дека Груевски никогаш не бил, ниту ќе биде државник. Груевски никогаш не бил, ниту ќе биде претседател на Владата. Моќта во режимите ала Грујо не лежи ниту во државата, ниту во Владата, туку само во партијата. Груевски секогаш бил и секогаш ќе биде само шеф на партијата која ја уништи државата и институциите на власта.

Е, сега, кога велам дека нема држава и нема Влада, тоа значи дека нема закон, но и тоа дека парите од државата ќе одат само онаму каде партијата ќе посака. А што посакува партијата? Или, што е навидум контрадикторно во еден партиски режим каков што е нашиот? Неверојатно е колкави суми се вртат во таа тесна олигархија на режимот, во рамките на медиумската булумента, во рамките на фамилијарните бизниси, или колку пари се трошат на приватната корупција. Јавната корупција, или партиско-институционалната преку јавната администрација е подеднакво скапа за државата, и партијата не размислува кога треба се потрошат 200 милиони евра државни пари пред избори и да се позајмат уште толку. Ама, зошто би трошеле огромни пари и на луѓе надвор од нивниот систем, надвор од фамилијата, како на една Ивона или еден Кондоминас?! Па, одговорот е прост, затоа што во режим нема луѓе надвор од системот на партијата, со таа разлика што тие што се инструментални и корисни за проектот, за лажење на јавноста, ќе заработуваат милиони.

Партијата и режимот сакаат и привилегираат униформирани магариња. Можеби утре режимот ќе заврши, ама битно е магарињата да останат, како победници и како добро нафатирани и натоварени. Или, поинаку кажано, врската помеѓу партијата и нејзините бизнис-коaлициски, мегафонски послушници и партнери е базирана врз „здрави“ материјално-коруптивни односи. Ваквиот вкоренет режим на криминал и корупција, кој е навлезен во сите ганглии на економско-политичко-административно-медиумскиот систем, е најдобриот доказ дека режимот не се одржува само на заблуди и митови за широките маси, туку пред сѐ на една централизирана, партиска и тендерско-коруптивна машина.

Заблудата која кај еден дел од широките маси доаѓа во форма на национал-популизам, медиумска доминација и константна лоботомија, идентитетски и историски ревизионизам, всушност е само продукт на една органска, егоистична и антисоцијална корупција. Клиентелизмот кај малиот човек е всушност само разбирање и прифаќање на поголемите коруптивни логики. Стравот е пред сѐ детерминиран од свеста за економската, а со тоа и за репресивната хегемонија на режимот. Режимот на Груевски е добро наштимувана машина, чии жлебови се фиксирани и е синхронизирани секој фрлен денар за корупција и криминал, поткуп или бизнис-дил, било приватен или јавен, ако може да се сврти прво низ јавноста како јавно добро, како нешто од јавен интерес, а потоа, кога јавноста веќе заборавила, да се врати на местото од кај што се тргнало, како приватен интерес и како профит за фамилијарната олигархија.

Внимавајте, токму таа шема со државните пари да се глуми јавен интерес, или да се бранат интересите на режимот додека се создава приватно богатство и олигархија, е единствената причина поради која ние го гледаме милионскиот, милијардски криминал кој ни се случува пред очи. И можам да замислам дека тоа што го гледаме е само врвот од глечерот, кој знае што се случува и колкави суми се крадат без воопшто да знаеме.

Тоа значи дека државата е само експозитура на партијата каде преку лошо раководење со јавните добра, со националните чувства, со митовите и заблудите на граѓаните, не само што ќе се уништува државата, туку и партијата постојано ќе се богати и ќе наоѓа се понови форми како да нѐ држи заробени.

СК 2014 е најдобриот пример како преку еден политички и идентитетски инженеринг и маркетинг, власта успеа да испере речиси половина милијарда евра. Внимавајте, проектот е речиси готов, но власта сѐ уште испумпува некои си 100 милиони евра преку анекс договори. Таа шема сега ја прават и преку катните гаражи, утре ќе ја прават преку наводната модернизација на нашето пропаднато здравство или инфраструктура.

Значи, не е важно преку какви јавни тендери ќе одлучат да нѐ пљачкаат, тие нема да испорачаат никакво јавно добро, ама затоа медиумски и идеолошки така ќе нѐ бомбардираат, што нас веќе ниту една милионска сума на украдени пари нема да нѐ тангира повеќе. Еве друг пример. МТВ е наводно јавен сервис, потрошија милиони на него, плус плаќаме такса. За што? Повторно за инструмент на режимот и машина за перење пари и мозоци. Ќе си речете, во такви услови, која е логиката да ѝ се даде еден милион евра на Ивона, која работи за приватна телевизија?!

Токму за тоа говорам, режимот не штеди кога станува збор за своите појачувачи и мегафони. Ако Ивона земала милион, замислете колку земала низ овие години, колку пари земал Латас, Миленко, Мирка, Јанко, разно-разни Русјаковци и други режимски киклопи, платени да затворат едно око или комплетно да замижат. Во режим има само приватни дестинатори на државни пари, кои потоа завршуваат на партиското конто.

Во бизнисот и градењето е истата логика. Партијата постојано ја финансира најтесната олигархија која демек е легитимен и успешен бизнис фактор. Од Калениковци и Теранови, до Кичевци и фамилијарниот бизнисмен Камчев, милијарди се вртат во тесни раце блиски до режимот и партијата. Дрскоста оди до тој степен, толку се влезени во филмот дека се самонаправени луѓе и бизнисмени, што се однесуваат како јужноамерикански картели. Вили, ранчеви, скапи коли, тепачки и луксуз на сите страни.

Од бизниси со здравство, нафта, шверц на цигари, бело робје, струја и греење, хортикултура, субвенции, сѐ што наводно е добро за јавноста или што државата го решава како проблем, всушност стана приватен бизнис за режимот. Странските инвестиции и пропагандата, исто така, бизнис на режимот. Субрата и Кондоминас, на кои партијата им подарува државно земјиште со цел да ѝ перат пари и да глумиме прилив на странски инвестиции, исто, пак приватен бизнис и милиони државни пари и земјиште слеани кај режимот. Режимот користи странски криминалци кои во сопствените држави или се зад решетки или парите им се замрзнати, или пак им се водат сериозни судски процеси.

Па, дури и коалициските односи со ДУИ не се политика, туку брак од интерес, тендерска коалиција. Албанците си ја наплатија некогашната и наводната борба за демократијата и материјалната алиенација од минатото, со градењето на своја материјална олигархија и со бесрамно акумулирање на територија и капитал преку соучесништво во режимизацијата на Македонија. Не се ништо помалку перфидни и одговорни од ДПМНЕ. Свесни се дека не можат да го сменат или да го диригираат идентитетот на Албанците, како што ДПМНЕ прави со Македонците, се задоволија да ги лажат за иднината во Европа и да ги тешат со тоа што постојано земаат арач и концесии од Македонците. Конечно, и да се распадне оваа Македонија, Албанците најмалку губат, па логиката на ДУИ е, додека тоне бродот, кради од сребренаријата.

Ова е една симплифицирана и апроиксимативна шема, но тоа е шемата на режимот. И јас разбирам дека голем дел од луѓето ќе ги подигнат рамениците пред тоа што го разбираат, а не мислат дека можат да го променат. Подеднакво знам дека за луѓето тие суми на украдени пари, тие милиони и милијарди евра, вака кажани не им значат ништо.

Но, не разбирам кога ќе ја споредат сликата, онаа личната или на нивното опкружување, кога ќе се соочат со општата мизерија и тој еден милион или којзнае колку на Ивона, како не ги фаќа бес, како не се освестуваат?! Затоа што секој е корумпиран во нашето општество на еден или друг начин? Затоа што секој или некој се продава за пари и некои се продаваат на лажните идеи произведени со украдените пари?! Па луѓе, до пред 6-7 години да слушневме за ваков криминален тендер од еден милион евра тоа ќе беше скандал од невидени размери. Колку такви скандали сме чуле и виделе, колку милијарди украдени пари и колку години наша мизерија ни поминале пред очи?

Денес не се шокираме пред што било, и тоа е уште еден доказ дека во режим скандали не постојат, криминал не постои, корупција нема. Сфатете дека режимот во најголем дел се држи на овој лоповлук, добро скриен или вешто претворен во јавно добро. Сфатете дека со секој украден денар, со секој денар за кој евтино или скапо се продаваме, само ги правите посилни оковите на режимот. Ние ќе си заминеме сиромашни и бедни, а товарените магариња на режимот ќе си останат како богати победници.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото