Диктатурата на симболите и на маркетингот

14.01.2014 11:55
Диктатурата на симболите и на маркетингот

Можеби една од најсилните манипулации на режимот е неговата маркетиншка успешност да не направи ништо, освен голема врева и реклама. Демек, направиле нешто.

Тоа е пракса која стана широко распространета во нашата политика и општество, нешто што дури прерасна и во индивидуална карактеристика. Замислете, власта или опозицијата треба да обмислат или да спроведат некаква си политика! Треба да решат некој си голем општествен проблем! И што се прави во такви околности? Се испраќа сигнал! Или, пак, се прави маркетиншка кампања!

Банален пример, Скопје и Македонија се опасно загадени, власта не презема никаква конкретна мерка, освен што изразува загриженост и симболични мерки за кои однапред знаеме дека ништо нема да променат.

Или, на пример, власта вели дека се бори со невработеноста и потроши стотици илјадници евра за рекламна кампања за отворање на приватни бизниси „Осмели се“! Сега, сите знаеме дека приватен бизнис во Македонија, ако не си со власта, не се отвора! Но, тоа не беше пречка за власта повторно да потроши милиони на реклами, а невработеноста да остане иста. Чекајте за момент, приказната не завршува тука! Власта, бидејќи веќе рекламира вработувања, а вработувања нема во приватниот сектор, со статистички манипулации почна да го рекламира падот на невработеноста. Гледате, сѐ е симболично или е маркетиншко мачкање очи на јавноста.

Еве еден повеќе политичко-етнички пример. Бидејќи односите во тендерската коалиција се такви какви што се, односно, нема концесија без кеш или бизнис, кога ДУИ почна кампања на незаконско поставување на етнички знамиња на Албанија низ Македонија, како одговори власта? Не одговори со спроведување на законот и со отстранување на тие знамиња, туку со бизнис од поставување на високи јарболи низ Македонија на кои би се веело националното знаме. Чиста симболика на национализам и на силна држава, а државата и законите, всушност, се покажаа како погазени.

Такви примери на т.н. симболична политика имаме многу, а симболиката и брендирањето станаа инструменти за комплетна замена на политиката, одговорноста и на решавањето на реалните промени или за подобрувањето на животот на граѓаните. Така, ние сме жртви и на една диктатура на симболичното и на брендираното.

ДПМНЕ станаа мајстори да ја компензираат упропастената реалност, со тоа што ќе ја имитираат или ќе ја фалсификуваат. СК 2014, сите споменици за избрендираната и симболична историја, ребрендираните фасади, се можеби најдобар пример за тоа колку ниско падна политиката. Говорите и настапите на пастирот и на неговите министерчиња, покрај секогаш присутната избрендираност во позадина, се сведуваат на изразита гестикулација и политика на спектакли.

До каде оди симболичноста и брендирањето можете да видите и по промените на имињата на улиците и училиштата. Не е битно што нашата инфраструктура е заостаната и катастрофална, што училиштата се руинирани и едвај имаат греење, она што е важно дека тие се преименувани во Јордан Мијалков или во Конгреси и Манастирит.

Или на пример, не е важно што режимот затвора политичари и новинари, што сме единствената европска земја со политички затвореници. Тоа што е важно е што премиерот ќе ви каже дека тој, на пример, не го познавал Кежаровски, тој не бил важен новинар, а дополнително е еден од ретките на домашен притвор! Што е важна секоја злоупотреба и насилство, кога премиерот испраќа симболична порака, дека законот и судството си работат како што треба, и дека режимот дури знае да глуми попустливост или великодушност.

Истото е и со странските инвестиции. За режимот да испрати симболична порака дека пари се влеваат во државата и дека сме полни инвестиции, се потрошија милиони на Си Ен Ен и кај други светски медиуми, се снимија десетици наместени интервјуа, се донесоа најголемите светски криминалци, ама важно е дека режимот испратил порака. Не е важно што сме земја со најниска стапка на странски или какви било инвестиции во регионот и во светот.

Во исто време за политичката каста да покаже колку е блиска до народот, таа симболично ќе шета по улица, ќе се возат велосипеди, ќе се месат лебови и пити, ќе се палат свеќи, ќе се настапува опуштено на пушачки емисии. А додека тоа се случува, во реалноста се множат стотици милионски тендери, анекси, договори, дилови, кои од државната каса се слеваат на партиското или на приватното конто на режимските властодршци и нивните мегафони.

За да докажат колку се демохристијани и љубители на традиционалното семејство, ќе се испраќаат симболични пораки, па дури и сериозни гестови на насилство кон личните слободи и права кон оние различните, ќе се носат ако треба и закони против абортус, ќе се испраќаат закани дека бракот уставно ќе се регулира, ќе се прават кампањи за многудетни семејства. А дали семејствата имаат услови и економска моќ, дали нивните деца ќе добијат соодветно образование и перспективи за иднина, сето тоа што е реално и е важно, е победено од потребата за испраќање симболични пораки и лесни идентификации.

Гледате, диктатурата на симболите предвидува дека ќе бидеме жртви или заморчиња на социјалниот маркетинг, на економскиот маркетинг, на етничкото и патриотско брендирање, дека секое важно политичко, економско, национално и какво да е државно или општествено прашање и проблем, ќе биде заменето со фасада, симбол и со реклама.

Ваквата диктатура и поведение е тесно врзана со популизмот. И ќе беше добро тој популистички сенс за стомакот на Македонецот да го користеа за неговите проблеми и решавање на истите. Но не, режимот те храни со твоите заблуди, со своите симболи и брендови, а мизерната индивидуа станува свесна дека таа храна не може да ја свари, дека не може ни да се најаде, да ја зграпчи, да добие нешто од нејзе.

Политиката, па макар и онаа базирана на симболизмот, брендот и на популизмот, предвидува дека политичарот ќе знае и умее да отиде чекор над слоганот и брендот, дека ќе го собере знаењето што му треба на народот и што тој сака, и ќе му го врати во форма на елаборирано и реално решение.

Внимавајте, истото денес важи за политиката на опозицијата и за секој критичар. Не е доволно симболичното, не е доволно градењето бренд, не е доволно јавањето на популизмот. Тоа што особено е штетно и што се појавува како еден вид на опозиционерство за идиоти, е палењето на масите преку неконтролирани навреди и пцости, барањето крв и одмазда, плукањето на сѐ што размислува и бара поинакви решенија. Да биде таков може речиси секој, но да се разберат вистинските јазли на народната мака, да се понудат реални и остварливи решенија, да се води кохерентна политика, а не само симболична, е за тоа малкумина се способни. Лесно е само да се вика по режимот, сосема друго е да се излезе на улица и да се соочиш со народот во битки кои не гарантираат гласови или популарност.

Тоа што треба да се избегнува се логиките на диктатурата на симболите, на површното. Треба да се избегнува кичот на режимот, па макар тој произлегувал од потрагата по лажна скромност. Треба дури да се избегнува и таа режимска иконографија и брендираност, со партиски и министерски жигови, како некој си пародичен претседател од Америка на Роберт Алтман, политичарот со илјадници спонзори, секогаш воден од бизнисот и приватните интереси. Маркетинг политика која потсетува на она извикано лого „Keep Calm and vote VMRO“. Со други зборови, вистинскиот опозиционер го избегнува политичкиот и општествениот, маркетиншко-популистичкиот конформизам кој режимот го издигна до ниво на диктатура.

Тоа што на оваа земја ѝ треба, повеќе од само потрага по вистината и реалност, потрага за вистинските проблеми и нивни решенија, е потрагата по нови идеи и сѐ понови решенија. Треба да се бара реалната слобода и новите идеи за нејзино постигнување, да се има однос кон реалната сиромаштија и мизерија и да се градат нови политики за соочување со истите. Треба да се прави сѐ што е во наша моќ да се симнат маските на секое лажно дејствување заради маркетиншки успех и наместо само испраќање сигнали, да почнеме да испраќаме вистински акции и дела.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото