Марихуаната е новиот Microsoft?

14.01.2014 11:20
Марихуаната е новиот Microsoft?

Легализацијата на продажбата на марихуана во одредени држави во САД доведе до вртоглав раст на акциите на компаниите кои ја одгледуваат оваа билка.

Нов „хит“ меѓу оние кои вложуваат во купување акции во САД се компаниите кои се занимаваат со одгледување марихуана. Цените на акциите на одредени компании кои се занимаваат со производство на марихуана значително пораснаа за кратко време, што предизвика еуфорија кај вложувачите.

Брус Перловин, директор на компанијата „Хемп“, чиишто акции за само три дена пораснале за 205%, вели дека вложувачите масовно купуваат акции во компаниите поврзани со марихуана, бидејќи сакаат да го пронајдат „новиот Microsoft“.

Роберт Фричел од компанијата Advanced Cannabis Solutions чииштоакции во последните три месеци пораснале за 144% вели дека еуфоријата на пазарот е толкава, што некои акции бележат пораст и до 1.700%.

„Побарувачката на марихуана постојано расте, сведоци сме на раѓање на една нова индустрија“, вели Перловин, инаку поранешен осуден дилер на марихуана, кој минатиот месец продал 12 милиони акции од својата компанија.

Од друга страна, регулаторите предупредуваат на можноста за измами и загуби. Меѓутоа, вложувачите, заведени од високата заработувачка, како да не се грижат премногу за предупредувањата.

Програмата за продажба на акции започна откако Колорадо ја легализираше продажбата на марихуана за лицата постари од 21 година, а Њујорк речиси истовремено објави дека планира да ги ревидира законтие за да се дозволи користење на марихуана за лечење на одредени болести.

Во моментов 18 држави во САД дозволуваат медицинска употреба на марихуаната. Според проценките на Блумберг, легализацијата на марихуаната би покренала индустрија вредна од 35 до 45 милијарди долари.

Извор: Bloomberg