Пронајден сиромашен провладин новинар

14.01.2014 13:12
Пронајден сиромашен провладин новинар

Скопје, 14 јануари 2014

Македонскиот Црвен крст во соопштение до медиумите објави дека во новото истражување за новинарите на кои им е потребна материјална помош е пронајден провладин новинар во ужасно лоша материјална состојба.

Станува збор за 45-годишниот Петко Мегафончев, уредник на дневниот весник „Партиски збор“, кој поседува само еден стан, мала викендичка, супермаркет, автомобил стар дури три години и има скромен четирицифрен месечен приход од 5.000 евра.

Веста за Мегафончев силно одекна во јавноста и предизвика загриженост кај власта, која се плаши дека тоа може да го наруши нејзиниот имиџ на власт која добро ги ухранува новинарите што ја фалат и учествуваат во пропагандата.

„Се работи за ненамерна грешка која ќе настојуваме да поправиме што побрзо. Знаете, непосредно пред избори се прават обемни списоци со наши членови и поддржувачи на кои треба да им обезбедиме голем број поволности и услуги, па ништо чудно во таа бркотница случајно да биде затурен некој список или име“, изјави премиерот Никола Груевски.

Премиерот додаде дека тендерите за 2014 година веќе се резервирани, но ако се обезбедат поволни кредити од странските банки или меѓународните финансиски институции, Мегафончев ќе биде еден од првите што ќе добие некаков тендер.

Колегите провладини новинари покажаа солидарност со Петко Мегафончев и веќе организираа неколку акции со кои треба да му се помогне. Следната сабота, во старо-новиот театар треба да се одржи хуманитарен концерт под мотото „Милионче за нашиот Мегафонче“, а отворена и телефонската линија за донации „Со срце, ама и со кеш за Петко“ на бројот 1-000-000.

На хуманитарниот концерт ќе учествуваат и повеќе политичари од власта, меѓу кои и премиерот Груевски. Планирано е на заедничкиот настап политичарите да свират, а новинарите од провладините медиуми да играат и пеат во тактот на музиката на политичарите.

Слика: Свирачиња