1015 hPa
62 %

12 °C
Скопје - Пет, 14.02.2025 15:59
Група од 27 добитници на Нобеловата награда упати повик до Русија да го укине неодамна донесениот анти-геј закон, во отворено писмо кое во вторник го објави британскиот весник Independent.
Писмото е напишано за да се укаже дека голем број високи членови на меѓународната научна заедница изразуваат солидарност со политичарите, уметниците, спортистите и останатите кои веќе изразија негодување поради потегот на руската влада против геј популацијата.
Автори на писмото се хемичарот Харолд Крото, добитник на Нобеловата награда и неговиот школски другар Јан МекКелен, британскиот глумец познат по отворената одбрана на правата на хомосексуалците. Меѓу потписниците на писмото се и Ерик Корнел, добитник на Нобеловата награда за физика, Џон Куци, кој ја доби Нобеловата награда за литература и неговата нобеловска колешка Херта Милер.
Харолд Крото наведе дека пред да го добие предлогот за пишување на пимото, бил повикан да ја посети Русија. Тој вели дека дури и да ја посети земјата, тоа ќе биде негова последна посета сѐ додека законот не биде укинат.
„Изразувајќи несогласување со тој закон, може да ги поттикнеме руските власти да ги прифатат хуманитарните, политичките и целокупните демократски принципи на 21 век“, стои во писмото.
Руската православна црква на 10 јануари предложи распишување референдум за забрана на врската меѓу лицата од ист пол, и покрај засилениот притисок од Запад врз Русија за заштита на човековите права непосредно пред Олимпијадата во Сочи.
Предлогот всушност е одговор на сѐ пожолчната дебата во Русија за тоа дали Кремљ треба повеќе да се залага за одбрана на традиционаните вредности, соочувајќи се со притисокот на ЕУ и САД.
Многу светски познати личности и спортски ѕвезди ги повикаа учесниците на Олимпијадата која треба да се одржи од 7 до 23 февруари да ја поддржат руската ЛГБТ популација.
Хомосексуалноста која за време на Советскиот сојуз беше казнива со затвор, во Русија е декриминализирана во 1993 година, но голем дел од геј заедницата остана прикриен поради вкоренетите предрасуди во руското општество. Во изминатиот период зачестија бруталните злосторства поради омраза кон припадниците на руската геј заедница.
Во меѓувреме, руските пратеници предложија уште еден скандалозен закон против тамошната геј заедница, со кој би им се одземале децата на геј родителите, а хомосексуалноста е ставена на исто рамниште со алкохолизмот, употребата на дроги и менталната непресметливост.
Извор: Independent