1018 hPa
38 %
30 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 12:59

1.
Немав никаква намера (повторно) да се занимавам со Курбиново, зашто тоа е мачна тема. Впрочем, веќе нашето културно наследство – она навистина бесценетото, она навистина незаменливото – стана мачна тема. Наспроти сето она друго што очигледно му го презеде приматот во државата, она што некои приземни шупелки го издигнуваат на рамништето на наша нова “гордост“, македонското културно наследство навистина стана завчерашна застарена шега. Сѐ е поважно од заштитата на она што всушност ја прави Македонија тоа што е, она што е впишано во сериозните светски енциклопедии и книги. Вредното го заборавивме заради кичот, бесценетото го заменивме со бронза и лажно злато.
Но, и тоа е работа на одлука. Одделни „елити“ пресметале дека таквата замена повеќе ѝ користи на земјата, дури ѝ носи повеќе туристи (sic!), ја става на светските (дизниленд) мапи и ја прави „популарна дестинација“. И добро е што промоторите на ваквите тези молчат за пропаѓањето на највредните македонски средновековни споменици, уште подобро е што оние серковци од некојси манифест го носеа Ангелот само на спотнатите им маици а не и во главите, одлично е што нашиве колумнисти-минхаузени го замајуваат народот со сѐ и сешто само да го заборават најголемото злосторство што како реалити шоу им се одигрува пред очите.
Добро е, велам, зашто ако и тие, сега, почнат да гракаат дека културното наследство ни е во опасност, тогаш навистина дошол крај на светот. Ангелот дефинитивно ќе умре. Од срам!
2.
Но, тоа, за жал, не го спречува нашиот најголем „познавач“ повторно, и повторно, да (ни) држи лекции за тоа што (одново!) треба да направиме. „Академикот“ навистина нема срам. Ни образ.
„Курбиново е светски споменик на историјата на уметноста, на ликовната мисла, Курбиново припаѓа на истото движење на претпалеологовската ренесанса, која ја нарекуваме уште и линеарен стил каде што стравотно се искажуваат човековите емоции. Таму Господ плаче, таму Господ е очовечен“, вели „академикот“. Не господине „академик“, таму веќе нема Господ, таму остана само Македонија да плаче! Рони солзи од такви „стручњаци“ кои дури и не се срамат да кажат дека ја виделе состојбата со црквата и фреските уште пред една година. И Господ таму повеќе не е очовечен, таму ние сите, ама посебно вие без образ, сте обесчовечени.
И божем „академиков“ констатирал „… дека во објектот продира влага од земјата, но и дека има поместувања на почвата, дека има пукнатини“. И што има црквата и фреските во неа од тие негови констатации, што имаме сите ние од безбројните такви констатации, какви што се изнаслушавме сиве години? Каде тоа констатираше „стручњаков“? Дома, ѝ кажа на сопругата? Зашто не слушнавме, уште помалку прочитавме некаква негова јавна констатација за состојбите во Курбиново.
А впрочем, и да кажал некаде, на тоа ли завршува ангажманот на еден „академик“ и „стручњак“? На констатации? И згора на сѐ, на „согледување“ дека „црквата е доведена во сегашната ситуација бидејќи никој не ја гледал доволно професионално“. Ма није ваљда? А кој тоа треба да ја гледа – професионално? Можеби овчарите што си ги пасат овците наоколу?! Или земјоделците од околните ниви? Или можеби децата наместо да одат на училиште треба да стојат и да ја гледаат црквата. Професионално! Каков бесрамник!!!
3.
И да застанеше тука овој „академик“ и „стручњак“,пак ќе беше премногу. Ама не. Има уште. Бесрамниците и безумниците најчесто губат и чувство за мерка. И тераат… Решил овој конечно да ги разоткрие сите виновници, освен себеси, се разбира. И еве што ни открива: „На тие проблеми обрнувам внимание и во МАНУ, но се знае кој треба да си ја врши работата, Заводот и музеј на Битола и Министерството за култура. Треба да продолжи да се истражува, со истражувањата да се оди до темелите, но мора да се консултираат со конзерваторите“, вели „академиков“ и „стручњак“ за нашата средновековна уметност. Пази богати! Та нели токму тој беше со години претседател на таа куќа што сакаат да ја викаат МАНУ? И кому тогаш овој „академик“ и „стручњак“ обрнувал внимание? Можеби им раскажувал приказни на портирите и хигиеничарките? А кафекуварките, дали се запознаени со проблемот? И зошто не реагирале?

И кое е тоа Министерство за култура на коешто се обраќа оваа персона? Да не е она трансформирано во Министерство за леб и игри, каде што токму тој, со години, е претседател на Советот? Та нели тој ги потпишуваше сите изјави како Министеството за леб и игри не работело никогаш така добро како во изминативе години? Ова ли е тоа – добро? Да се уништи сѐ што е вредно не само во македонската култура туку и во светското културно наследство? Зошто? Зашто не било приоритет, како Скопје 2014? И зашто не го граделе „најдобрите балкански уметници“? Па дајте „академиче“, ургирајте нека изградат ново, постаро и поубаво Курбиново! И пак ќе пишувате книги за него. За новото, и поубавото. Или, можеби, и тука замешале прсти портирите, хигиеничарките и кафекуварките, оние од Министерството, не од МАНУ, и со години, на објектот стар осум векови, му доделувале цркавици од стотина или стотина и педест илјади денари (што ќе рече две до две и половина илјади евра!) за не-знам-што? Наспроти званичните двесте, а незваничните којзнае колку стотици милиони за „државниот“ приоритет СК 2014? И тоа ли не го знаеше господинов „професор“? Или и за тоа се виновни оние непатриоти кои постојано укажуваа (не само) на овој проблем? Како на пример оние од Центарот за културно наследство, кои тврдат дека ваквата состојба се провлекува веќе десетина години, но никој не реагира(л) на нивните укажувања. И зошто никој во неговото Министерство за леб и игри не реагирал, и зошто не им биле на овие луѓе доделени средства, ако веќе знаеле што треба да се направи? А Министерството очигледно не знаело, и не знае, заедно со персонава која се претставува како академик?
4.
Искрено, ќе нѐ куртули ли некој некогаш од вакви надуени петли кои самобендисано се шепурат низ селскиве дворови, мислејќи дека се од Господа дадени пауни? Ќе има ли крај од вакви туткуни кои бесрамно тргуваат не само со бесценетото културно наследство, туку и со угледот на државата и нејзините граѓани? Ќе се ослободиме ли некогаш од сите земјоделци, манекенки, тв водители и остала заспана братија во она Министерство за леб и игри и ќе започне ли некој, некогаш, конечно да се занимава со вистинските проблеми? Ќе нѐ ратиса ли некој, некогаш, од оние полуписмени и од алчност ослепени членови на тој фамозен Совет, кои не сакаат да го видат ова демонско reality show што секојдневно им се одвива пред носовите? Зарем сѐ, и буквално сѐ што создал нечиј творечки дух низ вековите треба да биде целосно уништено од морони далдисани само по личен интерес? Ќе се најде ли некој да ги повлече тоа поповите за маслосаните бради и да им покаже што им се случува во вистинските домови на македонското христијанство?
За која Уметност ќе може Македонецот да говори ако го (с)нема Курбиново? За која Уметност ќе може Македонецот да говори ако го (с)нема Нерези, или Старо Нагоричани, или…? За која и каква традиција квакаат тоа „конзервативните“ потомци на Ацета? Или се всушност потомци на некои глуви, слепи и неми тутмаци, вљубени во ѓаволската уништувачка „рапсодија“?!
Ќе им рече ли некој, некогаш, доста на ваквите бесрамници?
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com