Писмо до граѓаните на Бразил

16.01.2014 11:29
Писмо до граѓаните на Бразил

Пред шест месеци исчекорив од сенката на Националната безбедносна агенција на владата на САД и застанав пред новинарските камери.

Со светот споделив докази дека некои влади градат планетарен систем за надзор за тајно да следат како живееме, со кого разговараме и што зборуваме.

Застанав пред камерата со отворени очи, знаејќи дека одлуката ќе ме чини семејството и домот, и ќе го доведе во опасност мојот живот. Бев мотивиран од убедувањето дека граѓаните од светот заслужуваат да знаат во каков систем живеат.

Најмногу стравував дека никој нема да го слушне моето предупредување – и никогаш не ми било толку мило што не сум во право. Особено ме израдуваа реакциите во некои земји, а Бразил е секако една од нив.

Со голема вознемиреност набљудував како НСА спроведува надзор над цели народи без никакво основано сомневање, и дека тоа се заканува да стане најголемиот предизвик на човековите права во нашата ера.

НСА и другите шпионски агенции ни говорат дека го отповикале нашето право на приватност и провалиле во нашите животи заради нашата сопствена „сигурност“ – заради „сигурноста“ на претседателката на Бразил и „сигурноста“ на бразилската нафтена корпорација Петробрас. Тоа го прават без да ја прашаат јавноста во ниту една земја, дури ни во сопствената.

Ако денес сте во Сао Паоло и имате мобилен телефон, НСА може да ве лоцира: тоа им го прави на луѓето ширум светот, 5 милијарди пати дневно.

Кога некој во Флоријанополис ќе посети некоја веб страница, НСА забележува кога се случило тоа и што сте правеле таму. Ако некоја мајка во Порто Алегре го повика својот син за да му посака среќа на испит, НСА може да ги задржи податоците за тој повик пет години, па и подолго.

Собираат дури и податоци за неверства или гледање порнографија, доколку им затреба за нарушување на репутацијата на некоја нивна мета.

Американските сенатори ни велат дека Бразил не треба да се грижи, затоа што тоа не е „надзор“ туку „собирање податоци“. Велат дека тоа се прави за да бидете безбедни. Не се во право.

Огромна е разликата помеѓу легалните програми, за легитимно шпионирање, за легитимно спроведување на законот – кога поединците се наоѓаат на мета заради разумно, индивидуално сомневање – и програмите за масовен надзор кои држат цели народи под окото кое гледа сè, и секогаш задржуваат копија од податоците.

Тие програми не беа создадени заради тероризмот: се користат за економска шпионажа, општествена контрола и дипломатска манипулација. Се користат за моќ.

Многумина бразилски сенатори се сложуваат и од мене бараат помош во истрагата за претпоставените кршења на правата на граѓаните на Бразил.

Изразив подготвеност да помогнам каде што тоа е потребно и законски, но за жал владата на САД вложува големи напори да ги ограничи моите можности – беа подготвени дури и да го приземјат претседателскиот авион на Ево Моралес за да ме спречат да отпатувам во Латинска Америка!

Сè додека некоја држава не ми одобри постојан политички азил, американската влада ќе продолжи да ја спречува можноста да зборувам.

Пред шест месеци открив дека НСА сака да го прислушкува целиот свет. Сега целиот свет слуша и зборува. На агенцијата не ѝ се допаѓа тоа што го слуша.

Изложена на јавна дебата и вистински истраги на секој континент, културата на некритичкиот планетарен надзор е во колапс.

Пред само три недели, Бразил го наведе Комитетот на ОН за човечки права за првпат во историјата да признае дека приватноста не престанува таму каде што почнува дигиталната мрежа и дека масовниот надзор над невините претставува кршење на човековите права.

Односите се променија и конечно можеме да видиме иднина во која е можно да се биде безбеден без жртвување на приватноста. Тајните организации не можат да ги ограничуваат нашите права, а американските официјални лица никогаш не би требало да одлучуваат за слободите на бразилските граѓани.

Дури и заштитниците на масовниот надзор, кои сè уште не се убедени дека нашите технолошки можности за надзор веќе опасно ја надминаа демократската контрола, сега се сложуваат дека во демократиите мора јавно да се дискутира за надзорот над јавноста.

Чинот на мојата совест започна со изјавата: „Не сакам да живеам во свет во кој се снима сè што ќе кажам, сè што ќе направам, секој со кого разговарам, секој израз на креативност или љубов или пријателство. Не сакам да го поддржам тоа, не сакам да го градам тоа, не сакам да живеам во тоа“.

Неколку денови подоцна ми беше кажано дека мојата влада ми го одземала државјанството и дека сака да ме уапси. Цената за моите зборови беше мојот пасош, но би ја платил таа цена повторно: не сакам да бидам рамнодушен кон криминалот заради политички комфор. Повеќе би сакал да бидам без држава отколку без глас.

Ако Бразил може да слушне само една моја порака, тогаш нека биде оваа: кога сите ќе се обединиме против неправдата и во одбрана на приватноста и основните човекови права, ќе можеме да се одбраниме и од најмноќните системи.

Извор: http://www1.folha.uol.com.br

ОкоБоли главаВицФото