Дорис Лесинг 1919-2013

18.01.2014 10:46
Дорис Лесинг 1919-2013

Незаборавна глетка: група новинари во 2007 година во заседа ја чекаат Дорис Лесинг, која доаѓа дома со такси, за да ја нападнат вечерта по добивањето на Нобеловата награда за книжевност. Бабичката на возраст од 88 години со мака се извлекува од лондонското такси, од кое ниту кралицата не излегува достоинствено, и во купот микрофони изјавува: „О, господи! Баш ми е гајле!“. Кога првпат ја гледав таа вест, можам да се заколнам дека кажа и едно „Oh, shit!“, но му верувам на историскиот исказ. Подоцна, седна на скалите и ја принуди новинарската банда да разговара со неа под услови кои таа ги диктира – неконвенционално, остро, непредвидливо. Затоа што Дорис Лесинг до крајот на својот век беше политичка активистка, провокаторка, авторка која провоцира и никогаш не милува никого – освен своите мачки.

Маргарет Етвуд и Пол Кругман се меѓу првите кои во Гардијан и Њујорк тајмс ги објавиле своите мисли за Дорис Лесинг. Меѓутоа, на Етвуд, самонегирачкиот феминизам на Лесинг ѝ бил поблизок од интелектуално тешко пробивниот феминизам на Симон де Бовоар, а Кругман, меѓу другото, не ги сакал многу нејзините научно-фантастични романи, но имал мачка која го носела името на авторката...

За мојата генерација, пред сè Дорис Лесинг беше авторка на Златниот бележник, ингениозно конструиран роман за неколку (претежно женски) генерации кои ги бележи хероината, писателка: бележници во разни бои, тематски обележани, се прелеваат во бојата на златото. Тоа е големата историја на жените, колонијализмот, британската политичка мисла од минатиот век, иницијациите преку комунизмот и антифашизмот, зрелите освестувања, откривање на другиот и другите култури, безмилосна иронија кон бедното „јас“, фатено во сите замки и заблуди на одреден период – не без љубов за нив. И тоа што го напишала претходно, и тоа што го напишала потоа секогаш е длабоко политички обоено: политичката акција, тероризмот, колонијализмот, расизмот потекнуваат пред сè од нејзината суверена историска и животна перспектива: родена на работ од царството, живеела во колонија која морала да пропадне, се затекнала во британското царство за да ја доживее и разгласи неговата смрт. Меѓу другото, не ја прифаќала титулата дама, објаснувајќи дека го нема тоа што дамата би требало да го има – царство. Извесно е дека тоа не била жална изјава.

Нејзино главно дело остануваат да бидат петте романи за кои е исигурно дека не ѝ припаѓаат на „научната“ фантастика, како што мисли Кругман, туку на прецизно одредената варијанта на жанрот кој самата таа го одредила како – space fiction, попросторен од „вселенската“ фантастика. Во тие пет романи замислените минати и реално можните минати, како и сегашните култури на Земјата се поставуваат во односи со други култури, кои на различни начини, пред сè со своите разлики, ги рефлектираат културите на Земјата. Навистина, во тие романи нема некои особени технички детали: фантазијата не лета прицврстена со шрафови, вистински или виртуелни. Тие не се проекција на иднината или толкување на минатото, туку низа дебатни можности, можни решенија. Нејзините романи најмногу ме потсетуваат на практиката на античките реторички школи, измислување случаи кои потоа ги решаваат учесниците со својата реторичка вештина. Заплетите од реторичките школи се препознаваат во другите книжевни жанрови, да речеме во античкиот авантуристичко-љубовен роман, младата комедија, и другите. Во основата на сите тие постапки е водење на приказната, нарацијата, кое ги избегнува сите можни замки, особено нелогичноста и неубедливоста. Ех, кога многумина продажно успешни писатели денес прво би ја читале Дорис Лесинг, пред да се вовлечат во заплет кој можат да го решат само со чудо, магија или заговор!

Дорис Лесинг беше извонреден наратор во многу жанрови, подеднакво прецизна и возбудлива во кратките приказни и ударните есеи како и во големите романи. Низ нејзината лична историја на идеи се прекршуваат мисли од големите школи и големите политички замисли. Доцниот дел од нејзиниот живот е одбележан со филозофијата на суфизмот. Нејзиниот последен роман, Алфред и Емили (2008), поставува предизвикувачка хипотеза: каков ќе бил макотрпниот и главно несреќен живот на нејзините родители, доколку не била Првата светска војна? Двете линии на заплетот, сеќавањето и фикцијата, се раскажани во романот...

Но, една мала тема до која се држела и се повторува во три нејзини книги, и конечно во збирното издание на сите приказни и книги се – мачките. Нивните животи се капсула на човечките, но наместо околу идеолошките судири се кршат околу болестите: испреплетени со човечки судбини, приказните за мачките, единствениот животински вид кој доброволно, без принуда и дресура живее со човекот и го сака човечкото тело, сочинуваат важен дел од книжевниот опус на Дорис Лесинг. Збирката книги, За мачките, излезе во 2002 година.

Да ѝ се вратиме на старата провокаторка, која до крај остана непријателка на капитализмот и колонијализмот, додека колку-толку успешно расчисти со комунизмот и ја измери својата дистанца до некои од облиците на современиот феминизам: за добивањето на Нобеловата награда напиша говор „За недобивање на Нобеловата награда“, во кој јасно, едноставно и сурово прецизно го објасни својот став за светот во кој неспоредливо побројното мнозинство живее во нечовечки услови. Инаку, наградата ја презема нејзиниот издавач. Во една претходна прилика изјави дека положбата – барем на жените – малку се изменила за некои бели жени. Сè останато е тема на нејзиното вистинско занимање. Завршетокот на нејзиниот краток текст доволно јасно означува каде се точките на траумата денес, и звучи уште поубедливо отколку пред шест години. Нејзиниот став за учењето, образованието и книгите го препознаваме во зборовите на девојчето што ја читало, и затоа толку добро зборува, Малале. Таа потекнува од оној свет кој Дорис Лесинг до крајот ја поттикнувал да размислува и дејствува. Дорис Лесинг вели:

Имаме литературна ризница, која се протега до Египќаните, Грците, Римјаните. Сè е таму, тоа литературно богатство, повторно да биде откриено од секој кој е доволно среќен да налета на него. Ризница. Замислете да не постоеше. Колку ќе бевме сиромашни и празни.

Го поседуваме наследството на јазиците, песните, историјата, кое никогаш нема да биде исцрпено. Засекогаш е тука.

Имаме наследство од приказни, историја која ја раскажале старите раскажувачи, чии имиња ги познаваме, а некои и не. Раскажувачите потекнуваат од дамнешни времиња, од ливадата во шумата каде што гори голем оган, и старите шамани танцуваат и пеат, затоа што нашето наследство во приказните започнало во огнот, магијата, светот на духовите. И таму сè уште се чува, до ден денешен.

Прашајте кој било современ раскажувач и ќе ви каже дека секогаш постоел момент кога го допирал огнот, она што сакаме да го нарекуваме инспирација, и тоа се враќа до почетоците на нашата раса, големите ветрови кои нè обликувале нас и нашиот свет.

Раскажувачот е длабоко во секој од нас. Раскажувачот е секогаш со нас. Да замислиме дека нашиот свет го уништува војна чиј ужас сите лесно можеме да го замислиме. Да замислиме дека поплави ги поплавуваат нашите градови, дека морињата се подигнуваат. Раскажувачот ќе биде таму, зашто фантазијата е таа која нè обликува, нè чува, нè создава – за добро и зло. Нашите приказни одново ќе нè создадат кога ќе бидеме измачени, повредени, дури и уништени. Раскажувачот, творецот на сништата, творецот на митовите, тоа е нашиот феникс кој нè претставува во најдобро и најкреативно светло.

Онаа сирота девојка која талка по прашината, сонувајќи образование за своите деца – дали мислиме дека сме подобри од неа, ние кои сме сити, со ормани полни облека, гушејќи се во своите површности?

Мислам дека таа девојка, и оние жени кои разговарале за книгите и образованието, иако ништо не јаделе цели три дена – тие се оние кои допрва ќе нè одредат.

Извор: http://pescanik.net