ЕУ пасоши на продажба

18.01.2014 12:33
ЕУ пасоши на продажба

Многу земји го прават тоа, но ниту една како Малта. Имено, таму богатите странци без поголеми проблеми и чекање можат да си купат малтешки пасош. А на тој начин и пристап до Европската унија. Секако, Брисел воопшто не е одушевен.

На островот Џерси (а каде ако не во даночната оаза) се наоѓа адвокатска канцеларија преку која сите кои се спремни да платат 650.000 евра и долгорочно да инвестираат на Малта, веднаш и без преселување на тој средоземен остров, можат да добијат малтешко државјанство. Со тоа на потенцијалните купувачи им се отвораат не само вратите на 28 земји од ЕУ, туку и од остатокот на светот, па дури и САД - каде малтешките државјани не мораат да влегуваат со виза.

Пасоши во замена за крпење на буџетот

Државата Малта со околу 400.000 жители, со тој проект најавен уште минатата година, сака да го пополни својот прилично празен буџет. Според некои информации, малтешката влада сака да продаде околу 1.800 пасоши со што буџетот би добил прилив од една милијарда ера. Но, отпорот во Брисел расте. Оваа недела таа тема се најде на дневниот ред на седницата на Европскиот парламент кој ја повика Малта, но и сите други членки на Унијата, да „постапуваат внимателно“ по ова прашање.

Германскиот конзервативен пратеник Манфред Вебер до граѓаните упати апел: „Вашето државјанство е толку драгоцено. Малта е земја која со децении се бореше за граѓански права. Можете да бидете горди што сте Малтежани и Европејци и затоа укинете ја таа законска пракса“, апелираше Вебер. Неговата холандска колешка од редовите на социјалдемократите, Емине Бокурт, беше многу подиректна: „Дали земјите членки на ЕУ навистина сакаат некој Русин кој со својот приватен авион ќе долета на Малта, онака попатно да си купи пасош од Унијата, додека во исто време на бедниците кои со бротчиња ќе се довлечкаат до Малта им се вели да се вратат од каде што дошле?“, прашува Бокурт. Таа укажа и на актуелната расправа за слободата на движење и населување во ЕУ, додека истовремено на маса се става пасошот со истакната цена.

Државјанството во рацете на земјите членки

Малтешкиот министер за финансии Едвард Чиклуна уште во декември пред Европскиот парламент мораше да се брани поради продавањето државјанства. Тој тогаш ги уверуваше пратениците дека „нема да има навала“. Чиклуна смета дека понудата на Малта ќе ја искористат „само 20 до 50 луѓе“. Малтешкиот министер за финансии исто така ги негираше наводите дека Малта со тие пари ги закрпува дупките во буџетот. Во секој случај, посредничката канцеларија која ги поседува ексклузивните права за продажба на државјанствата ја очекува добра работа. Од едно државјанство треба да се наплаќаат 70.000 евра.

Социјалдемократскиот премиер на Малта Јозеф Мускат вели дека не ја разбира вознемиреноста околу плановите на неговата земја и укажува на тоа дека Малта не е единствената која дава државјанство во замена за пари. Факт е дека и Британија, Португалија, Кипар, Бугарија, Австрија и Белгија нудат државјанство во замена за инвестиции. Но, за разлика од Малта, правилата во тие земји се построги, роковите подолги, а државјанството обично е условено со трајно населување во таа земја. И вредноста на инвестицијата е многу повисока: од 3 милиони на Кипар, до 10 во Австрија. Во Германија преку пречките за стекнување државјанство, како онаа од најмалку осум години легален престој, се прескокнува само во случаи во кои станува збор за „вонреден јавен интерес“, како кај врвните спортисти.

Сепак, и покрај бројните предупредувања од Брисел, меѓу другите и она на претседателот на Европската комисија Баросо, Малта не се откажува од најавената практика. Истовремено, комисијата уште еднаш потврди дека правно е потполно немоќна кога станува збор за практиката на доделување државјанства. „Земјите членки имаат целосен суверенитет кога станува збор за политиката на доделување државјанства“, соопшти Европската комисија неделава.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото