Човек кој има две партиски книшки не може да најде работа

20.01.2014 13:41
Човек кој има две партиски книшки не може да најде работа

Скопје, 20 јануари 2014

Партискиот активист Александар Филиповски (32) напиша отворено писмо за јавноста во кое наведува дека иако има дури две партиски книшки, не може да најде работа во Македонија, па планира да побара подобар живот некаде во странство.

Филиповски е член на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, но тоа не му помогнало многу да најде работа. Тој е само еден од многубројните млади луѓе кои, разочарани од својата земја, решиле да побараат парче леб во белиот свет и да си обезбедат егзистенција.

„Држава во која млад човек со две партиски книшки не може да најде работа е осудена на пропаст. Иако сите партии тврдат дека ги ценат квалитетните луѓе, кога тоа треба да се покаже на дело, никој не ве есапи и ако имате пет партиски книшки. Работа можат да добијат само оние кои имаат роднински, кумовски, масонски и други врски, а оние кои во добивање партиска книшка вложиле години, остануваат со кратки ракави“, вели Александар Филиповски во своето писмо.

Како што наведува овој млад активист, веројатно пред да оди во странство ќе се откаже од членството во двете партии.

„Порано се знаеше редот, се ценеа други вредности. Некогаш партиската книшка беше доказ дека вредиш и дека не ти се потребни врски и познанства за да успееш во животот. Денес тоа е безвредно парче хартија, палома. Кога помислувам колку пари потрошив за копирање партиски летоци и постери, колку непроспиени ноќи имав кога смислувавме како да ги поразиме противниците, се прашувам дали сето тоа вредеше. Поточно, сега сум сигурен дека не вредеше“, пишува Филиповски на крајот од своето потресно писмо.

Извор: www.njuz.net