Проблематизација на можностите за перспективен урбан развој на Скопје

21.01.2014 09:37
Проблематизација на можностите за перспективен урбан развој на Скопје

Надворешни-регионални фактори на развојот

Осамостојувањето на Република Македонија и нејзиното признавање како независна и суверена држава ќе ја наметне , а веќе и ја наметнува, потребата од преипитување на влијанието на основните геостратешки фактори на развојот. Во таа смисла, Скопје како главен град на Релубликата, но и еден од најголемите градови во поширокиот регион на централниот дел на Балканот, значаен економски и културен центар, не може да го одмине влијанието на променетите гео-политички и стратешки услови.


1. Во демографска смисла, со воспоставување на државните граници, а посебно на северната, реално треба да се очекува намалување на вкупниот нето имиграторен ефект во Републикава. Во изминатиот период миграцијата мошне интензивно се одвиваше во насока од Косово и Јужна Србија спрема Република Македонија. Притоа, основниот демографски притисок беше насочен кон Скопје.

2. Конституирањето на плуралистичкиот систем и определбата кон пазарното столанство, претставува втор значаен екстрактен фактор, чие влијание ќе биде суштинско во одвивањето на процесот на урбанизација во Република Македонија и урбаниот развој на Скопје како нејзин центар.

3. Интересот на соседите и пошироката меѓународна заедница за развој на повеќе стопански дејности, а особено на: сообраќајната, комуникациска и енергетска инфраструктура веќе денес е евидентен.

Актуелни се потребите за развој на два значајни коридори или оски: север-југ, дефинирани со "Програмата за интегрален развој на Вардарската долина" и коридорот исток- запад, исто така дефиниран како Трансбалкански коридор.

4. Просторниот развој на Републиката наметнува и извесни дилеми кои се веќе присутни и во урбаниот развој на Скопје.


Основната дилема која се наметнува се состои во тоа, дали таквиот развој нема да предизвика уште поголема концентрација на луѓе, капитал и идеи во Скопје, за сметка на изразена натамошна депопулација па и економска девастација на одредени подрачја во Република Македонија. Денес, во широката, а особено во стручната јавност е присутна тезата, според која Републиката во повоениот период, а особено по скопскиот земјотрес во 1963 година доживува изразито моноцентричен развој, односно предимно развој на Скопје, како републички центар.

Најголема концентрација во овој развоен период е забележана кај основните градски фондови која достигнува до 40% и населението до 28%, од вкупните градски фондови и население во Републиката. Таквиот изразит моноцентричен, за разлика од полицентричниот или рамномерниот развој на сите населби во Македонија, се рефлектира со зголемени вкупни општествено-економски и социјални трошоци не само во градската економија на Скопје, туку и во целата Република.

Степенот на изразените урбани проблеми во нашите градови се чини пропорционален на нивната големина. Тие проблеми се најизразени во Скопје, во однос на останатите градови во Македонија. На тој начин, наместо Скопје на овој степен на урбан развој да ги рефлектира очекуваните позитивни развојни ефекти спрема останатите градови во Републиката, како центар на развој со активни полови на развој, сеуште споменатите ефекти имаат обратни текови.

Во наредниот период процесот на урбанизација, a со тоа и порастот на населението во градските населби ќе продолжи, a со тоа и порастот на градовите. Достигнатиот сооднос помеѓу градското и селското население 58,1% спрема 41,9% во 1991 година, според досегашните трендови во последните децении, реално е да се претпостави дека во наредниот период од две децении ќе се зголеми 2/3 спрема 1/3 во корист на градското население.

Тоа ја потврдува погоре изнесената хипотеза дека процесот на урбанизацијата кај нас досега имаше претежно квантитативни обележја, односно се одвиваше над можностите на општествено-економскиот развој. Проблемите што се присутни во сите населени места, помалите градови, а особено поголемите и Скопје, во станбената, комуналната сфера, инфраструктурата, социјалната инфраструктура, екологијата и сл., најдобро го илустрираат тој расчекор помеѓу потребите и можностите.

Скопје и системот на населени места во Република Македонија

Република Македонија зафаќа територија од 25.713 км2, што според овие критериуми може да се дефинира како еден просечен регион, a системот на населбите како групен систем на населби. Ексцентричноста, положбата на Скопје спрема северната граница го отежнува достапот на поедини населени места на крајниот југозапад или југоисток на земјата. Но, развојот на сообраќајот во целина, веќе денес потврдува дека целата територија на Македонија може да биде покриена во рамките на двочасовен временски изохрон од главниот град Скопје.

Под одредени услови, градовите Тетово, Куманово и Титов Велес, можат да бидат СТРАТЕШКИ ОБРАЧ (пот. авт.) против имиграционите притисоци врз Скопје.

Внатрешни генерички сили на урбаниот развој на Скопје

Co пописот од 1991 година утврден е бројот на населението во градот кој изнесува 448.229 жители. Според тоа, ве селските населби околу Скопје живеат 114.873 жители. Од тука може да се констатира дека достигнатиот степен на урбанизација во рамките на градската заедница на општини во 1991 година изнесува 79,6%.

Co Просторниот план на Републиката чиј планерски хоризонт го опфаќа периодот до 2000 -та година, во проекција на степенот на урбанизација на поединечните подрачја во Република Македонија, Скопското подрачје се предвидува со степен на урбанизација над 80%, а градот Скопје со над 500.000 жители.

Меѓутоа, независно дали нашите плански определби и концепции за урбаниот развој на Скопје во поголема или помала мерка отстапуваат од денешните реални состојби, факт е дека Скопје прераснува сам по себе; од град со средна големина според светските норми и стандарди во голем град, чие население набргу ќе ја надмине бројката од половина милион жители.

Општа констатација во ОУП од 1985 година е дека планираните основни градски фондови се само делумно реализирани со поголем или помал процент. Ова особено се однесува за стопанските капацитети.

Исто така, ќе се утврди порастот на населението во однос на планираниот за 1984 од 360.000 за нови 90.000 жители. Ова го истакнувам од причина што во последниот десетогодишен период кој се карактеризира како период на длабока општествено-економска криза, скоро и да не постоеше можност за проширување на основните градски фондови кои требаше да ги задоволат потребите за нараснатиот број население. Напротив, заради недостиг од средства за нивно одржување, голем дел од нив имаат намалена употребна вредност, и функција. Co други зборови, бројот на населението и неговите потреби растат, а можностите за нивно задоволување опаѓаат. Овие спротивставени тенданции помеѓу потребите и можностите за понатамошен урбан развој на Скопје, треба да очекуваме и понатаму да се заоструваат, се’ до надминувањето на денешната длабока општествено-економска криза. Разбирливо е дека тоа ќе доведува и до се’ поголема деградација на градската средина во секој поглед. Поединечните квалитативни подобрувања во уредувањето на урбаната средина во Скопје не можат целосно да ги компензираат негативните последици од овие спротиставени тенденции. Во поткрепа на тоа да го споменеме само изострениот проблем на сообраќајот, а особено на јавниот градски превоз.

He навлегувајќи подлабоко во анализа на состојбите и проблемите што се појавуваат во поедините основни градски фондови, можат да се извлечат следните глобални констатации:

- Градот Скопје, според достигнатиот број на население од повеќе од половина милион жители прераснува во голем град според светските мерила и критериуми.

- Истовремено, според достигнатото ниво на развој на основните градски фондови, заостанува далеку зад таквите мерила и критериуми примерени за градови од оваа категорија.

- Скопје веќе одамна го надминува прагот на развојот во повеќе клучни градски дејност, па според тоа и на соодветните основни градски фондови; стопанството, а особено, несоодветноста на индустријата која има сеуште претежно базично суровински карактер, инфраструктурата, а особено сообраќајната, хидро-техничката односно водоснабдувањето и канализацијата, енергетската, социјална инфраструктура, односно мрежата на здравствените, образовни и културни институции, домувањето и др.

- Во однос на заштитата на човековата околина, Скопје се вбројува меѓу најнегативните примери во светот, a сè повеќе ја губи својата еколошка кондиција.

Од изнесените глобални констатации, може да се извлече еден заеднички заклучок за внатрешните генерички сили на развојот на градот, а тоа е следниот: Поради неусогласениот пораст на бројот на населението во Скопје, со неговиот општ економски развој, што предизвика и големо заостанување во развојот на основните градски фондови, и поради долготрајната општествено-економска криза, основните внатрешни движечки сили на развојот се на границата на исцрпување или се веќе исцрпени. Скопје денес го достигнува општиот праг на развој, поради што може да се рече дека во целина се наоѓа и на ниско квалитативно ниво на урбан развој.


Можности и перспективи на урбаниот развој


Како основен предуслов во таа насока е изградувањето и донесувањето на неопходна законска, подзаконска, нормативна и др. регулатива.

Тоа во најмала рака бара и промена на моделот на досегашното просторно и урбанистичко планирање и проектирање. Се напушта исто така моделот на централизација на фондовите од кои се алиментираше изградбата и функционирањето на повеќе основни градски фондови, домувањето, инфраструктурата, деловниот простор и др.

Тоа подразбира свртување на досегашниот процес на урбан развој кој главно се одвиваше како квантитативен пораст, во насока на квалитативниот развој на основните компоненти на градската средина. Тоа истовремено треба да претставува и најефикасен начин во надминувањето на достигнатите прагови на развој во повеќе компоненти на градската средина и отворање перспектива за нејзина квалитетна просторна трансформација.

На крајот, а можеби и на самиот почеток на овој текст, треба да се постави прашањето: Кои глобални и основни цели во перспектива треба да ги исполни планирањето и уредувањето на просторот во Скопје, а кои истовремено ќе служат и како критериуми за ефикасноста на урбаниот развој на Скопје?

1. Глобалната цел во оваа област што произлегува од најопштите цели на развојот на општеството во целина па и на урбанистичко-архитектонското планирање и проектирање е: Создавање оптимални просторни услови за вкупна општествена репродукција, во Скопје.

2. 0сновните цели, што произлегуваат од оваа глобална цел, кои понатаму треба да се преточат во конкретни задачи, преку "целни програми" или "стебло" или "систем на цели" како бесконечна низа од конечни цели за урбаниот развој на градот, треба да обезбедат создавање оптимални просторни услови за: 1. Демографска репродукција на населението во градот и неговото подрачје; 2. Социјално-економска репродукција; 3. Заштита и унапредување на природната средина, како и културно-историското и градителско наследство во Скопје и околината; 4. Заштита од елементарни непогоди и воени разурнувања.

На тој начин, еве одново, во современи услови ја откриваме основната цел за постоењето на градот искажана уште од античкиот филозоф Платон; дека основната цел на постоењето на градот е да го направи човекот среќен и сигурен.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.

ОкоБоли главаВицФото