Како ни го украдоа Крстот?!

21.01.2014 10:13
Како ни ги украдоа Крстот?!

Партиската религија е изградена врз божествениот модел на светото тројство: Пастирот, братучедот, фамилијата! Време е да се убие богот во политиката

Во овие години на преродба, се навикнавме односите помеѓу МПЦ и власта, помеѓу религијата и политиката, во најмала рака да ги оценуваме како партнерски. Јас мислам дека таквиот однос воопшто не одговара на реалноста. Напротив, повеќе од само консензуална политичко-црковна клерикализација и десекуларизација, сметам дека сме сведоци на нешто уште пострашно.

Религијата и верата одамна веќе не се прерогативи на Црквата. Тие станаа прерогативи на политиката и на власта. Тоа значи дека и самата црква денес е целосно под контрола на власта или е под притисок на политиката. Во процесот на десекуларизација на македонското општество, наметнувањето семејни, традиционални или конзервативни вредности, Црквата мислејќи дека од партнерскиот однос со ДПМНЕ ќе добие материјални поволности и духовен монопол, на некој начин остана и без двете.

Ништо не ја оправдува Црквата за својата поддржувачка улога кон власта, многу црковни лица и денес не се откажуваат од таквото поведение, но имам чувство дека МПЦ сѐ повеќе се сведува на уште една општествено-институционална жртва на режимот. Случаите со Субрата и со земјиштето во Љубаниште, црквата С. Константин и Елена, се само мал доказ колку односите помеѓу Црквата и власта се влошени, односно, дека и МПЦ е на удар на материјалните интереси на фамилијата. Ништо не им вредеше поддршката за тепањето студенти на плоштадот, за конзервативните политики и изјави за абортусот и жените, за нападот врз Општината Центар, за криминалот со„Изгрев“, злоупотребата на литургиите за политички цели, поддршката за името и глорифицирањето на пастирот, отворањето на академската година со молитва.

Во една колку-толку нормална држава, сето ова би било сфатено како еклатантно рушење на лаичкиот карактер на државата, мешање на Црквата во државата и во политиката. Таков и е случајот кај нас, но со една огромна разлика. Кај нас не е Црквата таа која просто се вовлече во државата како силен општествен субјект, туку политиката на ДПМНЕ ја внесе Црквата во државата како испразнет и ослабен чинител, како елемент комплетно потчинет на власта. Со други зборови, не сме сведоци на само на една црковно-политичка десекуларизација на македонското општество, туку и на комплетно партизирање на самата црква од страна на владејачката партија.

Тоа воопшто не ја олеснува позицијата и одговорноста на Црквата. Напротив, таа направи двоен грев. Прво, во овие години на преродба се предаде на режимот и на неговите материјално-клиентелистички логики. А, второ, ја напушти својата духовно-општествена функција. Токму затоа, денес и кога сме сведоци на црковна политика, на уривањето на секуларното општество, на форсирањето религиозни прашања или, пак, на продавањето духовност и религиозен морал, тоа повеќе Црквата го нема под контрола, туку е под доминација само на власта. Црквата денес е сведена на празна и срамна церемонија, на униформирани лица кои или се под целосна контрола на власта или се обидуваат да излезат од направената грешка, сфаќајќи колку нивната позиција е очајна. Ретки индивидуални исклучоци излегуваат од овие логики на партизираната црква и донекаде одржуваат духовен авторитет над верниците.

Ако од материјален аспект Црквата стана синоним за феудален латифундист, сѐ повеќе загрозена од алчноста на власта, таа, од духовен аспект, станува комплетно ирелевантна и испразнета. Алчноста и блискоста со власта не само што ги корумпираше, туку речиси непоправливо ги обои пред јавноста. Денес, синоним за црковно лице е џипот, скапата молитва, двојните стандарди, политичката продаденост. Денес, секој религиозен празник или црковен настан, не е повод за некакво си христијанско чествување, за духовно и морално просветлување, туку се сведува на политички киднапиран или деформиран настан кој се искористува за евтини народни спектакли.
Погледнете го само мизерниот спектакл кој го гледавме за Водици.

До тој степен сме морално уништени од политиката на режимот, од алчните и од себични логики кои таа ни ги трансмитира, што самите луѓе кои се декларираат како верници, христијани, во потрагата по мир и по бога, прават сѐ спротивно од декларираното. Тепачки при фаќањето на крст, алчност по материјалните награди, крадење на фатениот крст, срамен спектакл на кич и невкус. За мене како лаик, многу е глупава поделбата на религиозно мотивирано или на општествено морално поведение, но не можам да разберам како еден верник си го оправдува крадењето на крстот од рацете на друг верник. Ете ја сликата за морално девастираниот Македонец, нешто што потоа се пресликува и во неговото политичко кредо. Тој, наводно, е верник, голем богопоклоник, кој верува во божјата правичност и милост, го чувствува неговото присуство и ја почитува светоста, и што прави? Краде крст, ја покажува сета свој лажна и декларирана верба! Што значи, Македонецот е подготвен преку сѐ да премине, па и преку својата интимна верба, само да го зграпчи посакуваното.

Но, знаете ли зошто мислам дека е тоа така? Затоа што денес опиумот на масите не е религијата, туку е политиката, онаа лажната, манипулативната, општоприфатената форма на владеење преку злоупотреби, насилство и невкус. Денес, кај нас владее политичкото кредо и под тоа не мислам само на владејачката партија, туку на сета лажност, деструктивност и хипокризија која извира од неа. Македонецот денес и потсвесно и свесно верува единствено во политиката, во нејзините махинации и во евтини приказни. Македонецот доживеа биоетичка трансформација да верува само во тоа што политиката му го кажува, за потоа да го емулира и шири учењето на тоа лажно евангелие.

Гледате, со доминацијата на режимската политика над сѐ во нашето општество, па влијаејќи дури и врз конструкцијата на интимното кредо, нашиот лаицизам е двојно упропастен. Прво, упропастено е лаичкото општество, институции, самата држава, но уште пострашно е што кај нас е убиен политичкиот лаицизам. Пострашно од уништувањето на секуларното општество и на слободата на култот, е што додека политиката стана нашата религија, ние денес сме неслободни да не веруваме во неа. Односно, тој што не верува во политиката на режимот е еретик, безбожник, предавник, непријател на државата.

Во таа политичка религија на власта, премиерот е тој кој ќе ви ја соопшти онтолошката вистина дека Бог се јавил или, пак, пагански ќе ве потсети дека сонцето и утре ќе изгрее. Од храмовите на неговиот политички инженеринг, од театрите и музеите на власта, преку триумфалните и спомениците, ќе ви ја покаже сета своја големина. Преку своите конзервативни политики и кршењето на личните слободи, ќе ве научи во што треба да верувате и како понизно да се однесувате. Преку егземпларните казни врз поединци или групи, ви ја доловува својата милост кон повеќето.

И проблемот не застанува кај политичкиот лаик што не верува во религијата на режимот, туку денес е проблематично да се верува во Уставот и законите, во правдата и демократијата, во слободата и во здравиот разум. Малкумина се оние кои денес шират сличен ерес.

А од друга страна, во оваа суреална земја, имате илјадници и илјадници лажни верници-следбеници и клонови на Пастирот, хомогени апостоли, дрски и арогантни крстоносци на преродбата, подготвени да го задушат секој критичен глас во општеството. Забранета е и анатемисана либералната демократија, републиканскиот карактер на државата. Поделбата на власта, но уште повеќе економската, медиумската и културолошката независност од власта се забранети. Лаичката држава, чуварот на плурализмот и гарантот на индивидуалните права е задушена.

Порано логиката беше партнерска со црквата, ти дај ми поддршка, јас тебе гласови, ти поддржи ме за абортус, јас ќе те поддржам за имотот или обратно. Денес, христијанскиот консензус на Македонецот е претворен во чист партиски консензус за ДПМНЕ, бидејќи вербата се сведе на партијата, се идентификува со нејзе. Денес цркви не гради МПЦ, и тоа стана прерогатив на ДПМНЕ. Од црквата на улица Македонија, до црквите во Аеродром, Кисела Вода, низ цела Македонија, кои никнуваат како дивоградби или како урбана опрема, тие не се под контрола на МПЦ, туку се директно под власта на ДПМНЕ.

Македонија е неверојатна земја, каде политиката ја уби религијата, со тоа што стана религија. Земја со феудален политичко-клерикален систем, каде владее доктрината на лимитиран суверенитет и слобода, повеќе од папа-центристичка, фамилијарно организирана, каде секој општествен или политички фактор е детерминиран и е контролиран од тесната еклезијастичка хиерархија. Партиската религија е изградена врз божествениот модел на светото тројство: Пастирот, братучедот, фамилијата!

Сите наводни општествени или професионални категории, од пензионери и студенти, синдикати или лекари, уметници или интелектуалци, од партиски струи или медиумски мегафони, функционираат како тројански коњ кој требаат да ја зајакне нашата верба во катехизмот на пастирот. Целото општество е вшмукано или, подобро кажано, е напикано во шупакот на оваа религиозна суперпартија.

Поради сево ова, борбата на лаикот денес е поголема од кога било. Тоа е борба за себе, за општеството, за државата, за политиката и за културата. Време е да се убие богот во политиката.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото