Говорот на омраза во „Јуришник“ и во другите изданија на Јулиус Штрајхер

21.01.2014 11:11
Говорот на омраза во „Јуришник“ и во другите изданија на Јулиус Штрајхер

Насловната страница на книгата „Отровна печурка“

Во минатата статија го анализиравме судењето и одбраната на уредникот на нацистичкото списание „Јуришник“, осуден и погубен за злосторства против човештвото на Нирнбершките процеси. Сега ќе ги илустрираме пропагандните техники користени во публикациите на Штрајхер, кои систематски ги „инфицирале“ бројните читатели со омраза кон Евреите. Овие техники не само што поттикнувале структурна дискриминација и стигматизација, туку и физичко елиминирање на Евреите.

Во своите говори и публикации, користејќи едноставен и разбирлив јазик, Штрајхер максимално ја искористувал склоноста на луѓето вината за сопствените неуспеси постојано да ја префрлаат врз другите. Штрајхер умешно ги експлоатирал и зајакнувал традиционалните негативни стереотипи за Евреите, врз чиј грб ја префрлал целата вина и одговорност за сите несреќи не само на германскиот народ, туку и на човештвото. Не случајно главното мото на неделникот „Јуришник“ било „Die Juden sind unser Unglück“ („Евреите се нашата несреќа“).

Дехуманизација на Евреите и нивно обвинување

„Луѓето кои не ја штитат својата расна чистота ќе исчезнат!“ (Јулиус Штрајхер, извадок од говор од 1934, во филмот „Триумфот на волјата“)

Во своите расистички публикации и говори Штрајхер користел разновидни стратегии за дехуманизација на Евреите. На пример, во расистичката книга за деца „Der Giftpilz“, Евреите се претставени како отровни печурки:

„Исто како што отровните печурки често произведуваат најужасни неволи, така и Евреинот е причина за мизерија и беда, болест и смрт.“

Книгата изобилува со илустрации и приказни во кои Евреите се портретирани како „деца на ѓаволот и убијци на луѓе“. „Евреинот“ е опишан како „Ѓаволот во човекова форма“, а децата се поучуваат како да ги препознаат по изглед „отровните печурки“ и како да ги отфрлат.

Евреите не се претставени само како извор на сите несреќи на Германците, туку како одговорни и за смртта на Исус Христос. Во книгата децата се поучуваат секојпат кога ќе видат крст да помислат на „ужасното убиство од страна на Евреите на Голгота“.

„Кога ќе го видите крстот, помислете на ужасното убиство од Евреите на Голгота“

Во книгата се содржани и стихотворби кои повикуваат на борба за ослободување од „еврејскиот ѓавол“ и „злобната чума“. Содржината на оваа книга е толку исполнета со омраза, што дури и главниот нацистички пропагандист Гебелс ја опишал во својот дневник како „ужасна работа“.

Криминализација на Евреите во „Јуришник“

Во изданијата на Штрајхер, Евреите не се претставувани само како измамници, крадци и сексуални насилници, туку и како крвопијци и убијци на деца.

На пример, на насловната страница на „Јуришник“ од мај 1934 објавена е карикатура која ги прикажува Евреите како крвопијци на деца.

Во ова специјално издание на „Јуришник“ екслузивно се „разоткрива“ еврејската конспирација за убиство на сите други луѓе. Евреите се обвинети дека практикуваат ритуално убиство за да добијат крв од Христијани која ја користат во религиозни ритуали.

На илустрацијата насловена „Доаѓа денот на одмаздата“, Евреите се претставени како убијци кои не застануваат кога газат деца со автомобил.

Бестијализација

Бестијализацијата е техника на дехуманизација со која непријателот се претставува како ѕвер. На пример, на насловната страница на „Јуришник“ од мај 1934 „Евреинот“ е претставен како ѕвер-канибал кој има за цел да го изеде целиот свет.

Во повеќе карикатури на „Јуришник“ Евреите биле претставувани како црви, отровни змии, опасни инсекти, паразити или заразни глувци, односно како опасни животни кои треба да се истребат.

Претставување на „еврејскиот ѕвер“ („Јудејската бештија“) на насловната на „Јуришник“, во септември 1944.

„Евреинот“ претставен како светски паразит, и стихотворба која повикува на спротивставување на паразитот. („Јуришник“, септември, 1944)

Евреинот претставен како „отровна змија“ која не треба да се остави да се измолкне, туку треба да се „задави до смрт“ („Јуришник“, 1935)

Евреинот претставен како црв на германската економија, и како причина за се што скапува која треба да се отстрани со нацистички нож. („Јуришник“, 1931)

Дехуманизирачко претставување на „Евреинот“ како пајак кој го вшмукува економскиот живот од не-евреите. („Јуришник“, 1930)

Една од најраните дехуманизирачки претстави на Евреите во „Јуришник“ е на насловната страница од декември 1927, каде што Евреите (берзата, печатот и трустовите) се претставени како мртви стаорци. Нацистот е претставен како спасител на германските вредности и екстерминатор на стаорци со отровен гас – приказ кој го антиципира начинот на кој милиони Евреи се егзекутирани во „логорите на смртта“.

Демонизација и сатанизација

Систематската демонизација на другиот е пропагандна техника која се смета за показател за таков говор на омраза кој може да доведе до злосторства против човештвото или геноцид. На насловната страница на „Јуришник“ во ноември 1937 „Евреинот“ е претставен како „Демонот пари“ со Давидова ѕвезда и симболот на доларот и фунтата. Демонизирањето на Евреите во нацистичката пропаганда се смета како медиумска претходница на „Кристалната ноќ“ помеѓу 9-10 ноември 1938 – почеток на еврејскиот погром.

Сатанизацијата е техника со која одредени луѓе се прикажуваат како репрезенти на врвното зло – „сатаната“ (ѓаволот). Кога последните германски трупи во Сталинград се предаваат, Штрајхер објавува на насловната страница на „Јуришник“ портрет на Евреин со наднаслов „Сатана“ (февруари, 1943).

Штрајхер ја користи сатанизацијата како метод уште пред Хитлер да стане канцелар. Во 1932 во „Јуришник“ е објавена карикатурата „Фауст и Мефисто“ која го сатанизира еврејскиот печат, претставен како напиток зготвен од самиот ѓавол.

Во книгата за деца „Не и верувај на лисицата“ Штрајхер објавува стихотворба со наслов „Таткото на Евреите е Ѓаволот“.

Во истата книга, „Јуришник“ е претставен како омилено четиво за децата, кое им втерува страв во коските на луѓето со „сатанска крв“.

Претставување на одбраната жртва како најголем насилник

Непосредно откако Хитлер доаѓа на власт, „Јуришник“ повторно објавува делови од „Протоколите на Ционските мудреци“ (антисемитска мистификација објавена во Русија во 1903), како поткрепа на нацистичката пропагандна теза дека Евреите имале таен план за освојување на светот и за уништување на другите народи. Во текстот „Обелоденети тајните планови против Германија“, Евреите се претставени како масовни убијци, како брутални криминалци и „предавници на Христос“ – „кој се борел против Евреите целиот свој живот“. За разлика од Евреите, Адолф Хитлер уште во 1933 е опишан како борец и победник против пан-еврејството, како херој и водач на „германското ослободително движење“.

Уште во 1933 Штрајхер ја најавува надоаѓачката битка „каква што светот никогаш не видел“ – помеѓу Евреите во светот и Адолф Хитлер (поистоветувајќи го со Германија). Еве што објавува Штрајхер под насловот „Истреби“:

„Евреите ќе се борат безмилосно. Ние, исто така, мора да се бориме безмилосно против пан-еврејството. Еврејскиот народ е народ на ѓаволот. Тоа е народ на криминалци и убијци. Еврејскиот народ мора да биде истребен од лицето на земјата.“

Денес, пропагандните техники на Штрајхер се користат како школски примери за говор на омраза, кој што поттикнува не само расна дискриминација, стигматизација и социјално исклучување, туку и воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слични содржини

Книжевност / Историја

ОкоБоли главаВицФото