Во челуста на мртвата хиена

21.01.2014 12:57
Во челуста на мртвата хиена

За нас е важно тоа што ни го порачува Крлежа, да не испаднеме смешни во светот на постројувањето, теророт, трлата, криминалот, идеолошкото насилство, догмите, да јадеме трици и „среде ѕверското дерење“, среде животот како разбојничка ледина да си глумиме писателчиња и апсурдисти.

Мирко Ковач

 

Мојата издавачка куќа „Темплум“ е една од жртвите на криминалната и деструктивната владина политика во сферата на културата. Не велам дека „Темплум“ е маркирана и директна жртва на кабинетите на моќта; но, бидејќи груевизмот го уништи целокупното издаваштво во Македонија, јасно е дека и „Темплум“, како и многу други издавачи, дебело го окрка стапот не неодговорните и долгорочно опустошувачки политики.

На пример, нашите најпознати едиции, прозната „Магма“ и теориската „20/21 Век“, ниту во 2014 година нема да добијат ни денар од чекмеџето на кумовите и братучедите. Со години се игнорирани и други наши важни едиции, „Градот“ и „Катапулт“ (за млади автори). Игнорирана е и новата едиција „Квир Сквер“. На дваесетгодишнината од првиот број ниту нашето списание „Маргина“ нема да добие ни денар од приватната држава на Фамилијата.

Притоа, паралелно со уништувањето на важни и долгорочно градени едиции и издавачки куќи, неверојатно големи пари се одлеваат во вештачки едиции без уредници, без стандарди, без смисла, во книгоиздателства настанати преку ноќ и наменети за грабеж на даночните пари, за пропаганда и корупција.

Иронијата е, значи, во тоа што опустошувањето на културата се случува со трошење неверојатни количества пари! Се разбира, тие пари не ги трошат издавачите, т.е. оние малобројните во издаваштвото кои си ја знаат работата, туку груевистичките агенти, послушните извршители на халуцинациите и фрустрациите на едниот и единствен културен демиург и арбитар истовремено - пастирот лично. Одамна знаеме: пастирот ги уредува илјадниците владини книги за кои се потрошени десетици милиони евра; пастирот ги пропишува сегашноста, иднината и минатото (лично ги избира хероите и предавниците); подига споменици, го гради градот (трошејќи стотици милиони евра, како од сопствен џеб); избира книги, филмови, музика, театарски претстави; ги пали и гаси телевизиите и весниците итн. итн.

Се разбира, ироничен сум кога велам дека еден единствен човек е оној што ги „чинодејствува“ сите процеси во Македонија. Буквално, сигурно не е така. Но, пастирот е симбол. А груевизмот во историјата ќе биде (откако пастирот веќе нема да ја уредува) име за најмрачниот политички процес во Македонија изминативе 70 години.

Затоа една работа мора да се расчисти уште сега, пред водачот и неговата банда да седнат на обвинителните клупи (и на историјата и на основните судови): конкретниот човек, предводникот на „Внатрешната организација“, само е извршителот на најдеструктивните копнежи на значаен дел од населението! Ниеден граѓанин во земјава - а особено луѓето од културата и од поширокиот естаблишмент - утре со чиста совест нема да може да каже: пастирот е крив! Вождот можеби е виновен технички, како извршител на злосторничкиот потфат (или некој што великодушно го понудил своето тело за таму да се оплоди чудовиштето што ќе го прождере македонството, во еден миг од историјата); клучната вина за оваа историска хаварија, велам, ја носи македонскиот естаблишмент кој дозволи да биде згазен, фрлен, купен за грст пезоси дури не од реална историска моќ туку од шапшалана, од комедијанти и пропагандисти.

(Вистина, македонската култура веројатно го заслужи сегашново унижување и понижување. Чудни цветови никнуваат околу ваквите стратишта, бесилки и клади. Овдешната институционална култура, велам, веројатно заслужи да биде згазена и помочана од шапшаланатот зашто во голема мера, низ деценииве, таа култура главно се случуваше на површината, низ празни ритуали што ја слават нацијата или државата, со многу малку вистински посветено творештво. Земјава, значи, мој е впечаток, не ја распарталија лавови туку хиени. Исто така, важно е да се укаже и на следниов феномен: во природата се случува, поради блокада на вилицата, хиената да го гризе гркланот на лавот долго откако лавиците ја убиле.)

Груевски, да резимираме, не е инцидент на историјата исто како што ни Милошевиќ не беше демон пратен од вселената (или од Америка) да ја уништи српската нација. Денес дури и најглупавите Срби, оние што го величаа вождот, сфаќаат дека Милошевиќ направи цела низа историски погрешни стратегиски одлуки. Дел од резултатите на тие одлуки се изгубеното Косово, Србите избркани од Хрватска, трајно нестабилната Босна и Херцеговина... Но, Милошевиќ беше создаден - баш како хомункулус, отелотворение на сништа - директно во лабораториите на српскиот национализам! Во кабинетите на академиците, писателите, лажните дисиденти и вистинските криминалци и крволоци...

Резултатите на дивеењето на груевизмот во Македонија се слични: земјата е отсечена не само од европската перспектива туку и од регионалните поврзувања; сиромаштијата е огромна, а верата и ентузијазмот на народот се ликвидирани. Македонија денес е исполнета со дух и веселба колку една кланица, а граѓанството како прасе во плех е стуткано во „идентитетот“ зададен од дибеци и арамии.

Но, наместо лелекање треба да се евидентира очебијното: овдешниот пастир е отелотворение пред сè на македонската глупост и на историската изгубеност. Отелотворение е на напластените проблеми со идентитетот и на немањето сила да се направи помодерна, поттикнувачка и вклучувачка заедница. Наместо темелна, макотрпна и долгорочна работа самите избравме да си се лажеме. Сите реални (а огромни) проблеми на создавањето модерна држава ги бутнавме под тепих; за возврат избравме политика сфатена како пропаганда - сè како од кутиче а во кутичето ништо; наместо живот избравме живуркање, преживување, крадење денови (нешто ќе даде господ, а нешто власта); наместо реалност избравме реклами; наместо водство одговорно и домаќинско (та, нели, ние самите сме домаќини?!) избравме злосторничка организација (избравме Октоподот да го товиме додека не стане поголем од целото општество!).

И така денес си чмаеме, сеедно дали во челуста на мртвата хиена или во утробата на китот (октоподот)... Жарче светлина е што, ми се чини, сè повеќе луѓе полека сфаќаат дека е задушно и дека е темница.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото