Интимен космос

21.01.2014 18:43
Интимниот космос

На роденденот на Стивен Хокинг, 8 јануари, блескавата темнина на книжарниците ја израдува српскиот превод на неговата книга „Кратка историја на мојот живот“ ("My Brief History", 2013). Превод кој се појавува само четири месеци по белосветските изданија, што патем е ретка чест поради локалното правило за повеќедецениско доцнење на преводите на актуелните наслови.

А за поразувачката реткост на преведувањето книги посветени на популарната наука - во некоја друга прилика. Свесно алудирајќи на сопствената „Кратка историја на времето“ (1988), која му донесе светска популарност и слава, Хокинг овој пат се сврти кон самиот себе. Од момчешките и студентските денови до незгодните бракови, преку научните откритија и борбата за интелектуално признание, сѐ до судирот со невромоторичката болест по која исто така е препознатлив. Станува збор за возбудливо и интимно автобиографско патување низ личниот космос на еден од најголемите космолози на XX век.

Меѓутоа, иако станува збор за мемоари, тие се нешто многу повеќе од тоа. Прво, интересно е тоа што Хокинг (1942-) се родил точно 300 години откако починал Галилеј. Патем, истата година, 1642, се родил Исак Њутн. Има извесна поезија во фактот дека во космосот сукцесивно се појавуваат и исезнуваат великани кои се занимаваат со космосот и (неговото) време. Аналогиите не престануваат овде, напротив. Хокинг се заинтересирал за „кратката историја на времето“ соочен токму со веројатноста на кратката историја на сопствениот живот. Според сопственото признание, токму извесноста на смртта го навела на загледаност во ѕвездите, како и во црните дупки. Тој придонесе за рушење на идејата за космосот како парченце во цврста состојба и тврдеше дека е бесмислено да се зборува за времето пред настанувањето на универзумот. Со други зборови, заедно со космосот исчезнало и времето. Значи, во судир со веројатноста на сопствената прерана смрт, ни го објасни времето на сите нас. А наспроти тоа, го исполни сопственото време на Земјата на богат и квалитетен начин за кој ние останатите смртници можеме само да сонуваме.

Како што Кант своевремено (во таен дослух со Лаплас) го објаснувал универзумот, и коперникански ја изменил целокупната филозофија, иако веројатно во животот не се помрднал од родното место, така и Хокинг не стануваше премногу од столот во кој го окова болеста. Денес комуницира и пишува придвижувајки го очниот нерв - и тоа за најдалекусежните работи: почетокот на времето и еволуцијата на космосот. Тешко дека има подобро сведошство за силата, дострелот и значењето на мрдањето на мозокот наспроти мрдањето на задникот. Истовремено, ова не е никакво мотивационо четиво за самопомош кога ќе го завршите климаксот и менопаузата. Како што Хокинг не е никаков Ник Вуичиќ или сличен добро платен испукувач на евтини мотивациони фрази од паолокоељовски жанр. Со увидот во интимниот космос на Стивен Хокинг навистина можеме да ја увидиме сета сила на фантазијата и размислувањето надвор од зададените рамки. Но не како бесловесните будалаштини за моќите на позитивното размислување и сличните мозочни прдежи, туку за силата на вистинските откритија за тоа како светот навистина изгледа, врз основа на факти и научни вистини, а не убави желби.

Потоа, иако Стивен Хокинг можеби отежнато се движи во просторот, треба да се каже дека брилијантно се движи во маркетингот. Одвреме-навреме тој ќе исполемизира нешто околу (не)постоењето на бог, па ќе ги исполни страниците на весниците. А и неговата фотографија може да побуди емоции, што секогаш добро ги продава весниците. И навистина, Хокинг убедливо покажува како за содавање на универзумот не бил потребен никаков бог ниту некакво слично натприродно суштество. Космосот се појавува природно, од физичките закони, и во него просто нема место за бог. Универзумот, онаков каков што е, е сосема доволен за распаметување. Треба да се разбере, а не да се измислуваат припрости ангели и демони, и баналниот Јахве, Тројството, Алах и сличните творци кои седат по неговите ќошиња.

Но, целата таа врева околу бог исто така е банална пред неверојатните идеи и можности кои ги заговараат Хокинг и неговите блиски космолози и теориски физичари. Една од опциите во играта („М-теорија“) е онаа паралелно да постојат многу универзуми, како меурчиња од сапуница, а ние да сме во само еден од нив. Или да постојат седум „повисоки“ и четири „вообичаени“ димензии на континуумот на простор-времето. Како и дека универзумот нема една единствена историја, туку ја има секоја можна историја, од кои секоја функционира по сопствените правила на веројатноста на постоењето. Последиците од овие идеи се фантастични до ниво на вртоглавица поради возење со некаков вселенски тобоган или рингишпил. На пример, можно е да постоиме и во некој друг универзум - просто поради ограничениот број комбинации на честичките на материјата. Или дури и во истиот универзум, „само“ прилично далеку. Потоа, можно е некои од тие универзуми да се судрат или веќе се судираат. Можно е дури и тоа нашиот универзум да е само виртуелна стварност која ја создале припадниците на некој друг универзум. Имено, да замислиме само како нашата сопствена технологија напредува и како во еден момент ќе бидеме способни да создадеме симулација на нашиот свет. А потоа, што ни гарантира дека ова веќе не го направиле некои други суштества и дека ние веќе не живееме во неа? Со други зборови, „Матрикс“ или „Шоуто на Труман“ можеби не се научна фантастика, туку историски драми. И затоа, кому воопшто му е гајле за измислиците од блискоисточниот песок, односно вистинитоста или лажноста на нашите секако прекратки илјадагодишни верувања - пред ширината и должината на мултиверзумот?

Поради сево ова, автобиографијата на Хокинг повикува на нешто сосема поинакво. Во една своја претходна книга, Хокинг пишува и за гратчето во Италија чија власт им забранила на сопствениците на аквариумски рипки да ги држат во овални или заоблени аквариуми. Зошто? Бидејќи е сурово да ги терате овие животни да имаат искривена слика за стварноста кога гледаат надвор. Според Хокинг, човековиот поглед на универзумот е искривен како погледот на овие рипки. И нема друго чаре освен да ѝ се препуштиме на фантазијата, а потоа да бараме докази. Едноставно, сме еволуирале во грубото опкружување на ливадите и шумите, стапот и конопот, па и сетилата ни се толку груби и ограничени. Од нашето настанување, сме се прилагодувале на тоа да се прехраниме и париме, а не да ги разоткриваме изгледот и историјата на космосот. По ѓаволите, некои од нас имаат потешкотии да прочитаат и дводимензионална мапа, а каде се дури единаесетте димензии на M-теоријата? Затоа напорите на Стивен Хокнг и останатите космолошки банди ќосави мајмуни се вредни за толкав восхит.

Бидејќи, „ако разбирате како универзумот функционира, вие на некој начин го контролирате“, пишува Хокинг. Има ли нешто похрабро, поволшебно и побезвременско од тоа? Неговите чекори всушност се чекори од седум светлосни години, а не бајковити седум милји. Што е една несоодветно наречена инвалидска количка пред тие далечини? Вистинскиот инвалидитет отсекогаш е во нашите черепи. И затоа, поради инспирација, се фаќаме за тие целулозни страници исполнети со приказната за животот на еден од најголемите вонсериски умови на XX век. Најбрзо и најдалеку се патува преку свртувањето на тоа мртво дрво од десно на лево. Особено ако темата е космолошка. Сето тоа и онака е само кружење на материјата во времето, настанати по онаа една вонсериска експлозија. Да сфатиме веќе еднаш дека сите сме само ѕвездена прашина. И потоа да засветкаме со умот во бесконечноста, тоа е единственото што ни преостанува.

Извор: Danas

ОкоБоли главаВицФото