1022 hPa
71 %
10 °C
Скопје - Сре, 11.12.2024 15:59
1.
Не знам колку вистинска полза има од нови и нови објаснувања, од нови и нови аргументи, од натамошни докажувања дека ние, всушност, на таканаречениот проект „Скопје 2014“ вештачки, пост фестум, му калемиме едно чудо (наводни) значења и реферирања – од идеологија, политика, идентитет, симболики и слични глупости – коишто, инаку, таму ги нема, и не може да ги има. Или ги има во толку минорни и ступидни размери, што не играат никаква улога. Па оттука, секој сериозен аналитичен професионалец од која и да e област, би умрел од смеење ако му кажете дека низ такви „дела“ сте сакале да раскажете некаква национална приказна, да „откриете“ некакви историски вистини, да „реафирмирате“ некакви национални симболи и слични будалаштини. Секој нормален европеец би ве нарекол токмак или нешто многу полошо ако му кажете дека со таков кич вие се борите за националниот идентитет!
Националниот идентитет, дигнитет и историја се бранат со знаење, или во случајов со Уметност, а не со кич. Не можете на кичот отпосле да му „вдахновувате“ не-знам-какви уметнички или национални симболики или да расправате за уметничките аспекти на содржините коишто, всушност, ги нема! Не постојат, ги нема и нема таков мудрец кој може тоа сега да им го накалеми. Но сепак, упорно, грото од „елитава“ се однесува како Платоновите луѓе од пештерите.
2.
Во една ваква насока одлично деновиве се надоврза еден академик – не повторно оној „академикон“, тој веќе ни самиот себеси не се гледа така – со едно интервју на ОКНО во коешто, меѓу другите интересни нешта, проговори и за оваа „уметничка“ страна на сѐ уште актуелново „Скопје 2014“. Некој ќе рече – време беше, време беше некој и од највисокава македонска институција да каже збор-два за ова чудо. И јас би се согласил – време беше.
Зашто, инаку, човек ќе се запраша што ли прават нашиве академици? Живеат ли воопшто тука, читаат ли, гледаат, слушаат ли што се случува околу нив?
Елем, во контекстот на постземјотресното Скопје 1963 година, академиков вели: „Опасно е за еден град да се шири диво и нагонски“! Но, очигледно, дури ни после цели педесетина години, ние таа лекција не ја научивме. „Грандиозното“ ни „Скопје 2014“, од коешто дефинитивно никако да избегаме, барем не и оваа година, само навидум не е ни диво ниту пак нагонско ширење. Нашиов „случај“, што се одвива веќе шест-седум години, само фингира чин на делување со ум / разум. Но, да беше разумско, а не нагонско, зарем не ќе се обидеше барем да чуе дел од укажувањата и критиките од стручната јавност?
Второ, повторно само навидум не би можеле ова шест-седум годишно планско упропастување на Скопје да го наречеме диво. Иако целата идеја ни беше соопштена преку јавна видео презентација, работите се изведуваа сосема јавно, значи на отворено, најголемиот дел од скулптурите, спомениците, зградите се „пуштаа во промет“ со сечење ленти… тоа не значи дека „дејствијата“ имаа легитимитет. Тие имено не поминаа никаков демократски / политички филтер ни во градот ниту пак во државата. Зошто? Тоа треба да го објасни некој друг. Овие „дејствија“ започнаа целосно нетранспарентно – без да бидат прашани граѓаните дали воопшто сакаат да живеат во таков град, и целосно незаконски – зашто се изврши незаконско подметнување на споменици како спомен обележја, што ќе рече дека надлежностите од Собранието се прошверцуваа како надлежност на општините и градот Скопје. Кукавичјото јајце беше „стручно“ но диво подметнато!
3.
Но, академикот поставува и едно отворено прашање кое заслужува еднакво отворен одговор. Иако и тој, безмалу целосно, самиот доаѓа до точната констатација. Тој вели: „За сето ова време додека се реализира проектот Скопје 2014, страшно е што никаде, јас барем, не сум прочитал ниту една естетска анализа за тие споменици. Сите коментари беа политичко-идеолошки. Сите тие споменици по мене се неуспешни баш од таа естеска страна и се на ниво на семинарски работи по вајарство“.
И ова е токму она околу што треба да се врти целата расправа за Скопје 2014! Иако, се разбира, не би се согласил дека немало и соодветни коментари за естетиката на проектот. Имало. Доволно или не, тоа е друго прашање. Но, безмалу истото прашање сум (си) го поставувал и јас. Што прави таа македонска стручна јавност, тие луѓе кои со децении ни се претставуваа како длабокоумни и виспрени професионалци, божем мечтаеја за не-знам-какви (светски) уметници и изложби, продаваа ум на секое ќоше и кога никој тоа од нив не го бараше? Каде е тој ум и таа нивна професионална доблест, остана ли затворена во некој од мемливите им подруми на совеста? Оние малкумина други, оние полуписменине раскокодакани ко петли на буниште, кој со „книга“ кој со „колумна“, станаа веќе болно секојдневие. „Res aesthetica“, my ass!
Ама „стручњациве“ – ги нема. Испод части им е да се бават со такви прозаични нешта? Тоа лефтерно го препуштаат како неважна работа во нивните „важни“ животи?
4.
Оттука, констатацијата на академикот е на место. Или барем делумно. Зашто, повторно, не дека немало и такви (естетски) анализи на нашиов разгоропаден кич. Но и тој самиот вели дека „сите тие споменици по мене се неуспешни баш од таа естеска страна и се на ниво на семинарски работи по вајарство“.
И тоа е најголемиот проблем човек посериозно да се зафати со каква и да е попродлабочена анализа. Особено естетска. Зашто, тој и таков напор бара предизвик, бара мотив, бара – Уметност, Естетика. Што всушност нуди Скопје 2014 во таа насока? По стоти пат – Ништо. Едно големо Ништо. И како човек посериозно да се позанимава со естетските аспекти на толку големо Ништо?
И иако веќе неколку пати сум пишувал, еве, и по цена да бидам досаден, ќе повторам. На пример, како (и зошто) да се анализира „дело“ што дури не умее ниту коректно и умешно да го пренесе оригиналот од којшто се служи, да не речам копира? Како на пример оној вол кај „Пеко“? Или, како (и зошто) да се анализира онаа одвратна ни риба ни девојка? Та зарем таа „уметност“ заслужува сериозен напор? Или како (и зошто) да се анализира она идиотски накривено девојче со чевли број 63, што стоеше пред пешачкиот премин кај некогашен „Путник“, а сега, велат, „отрчало“ некаде во Градскиот парк, кај „Езерце? Или оној распетланион и раскупусанион „набљудувач“ со напрчениот стомак и рацете на газот, што едно време стоеше наспроти Министерството за правда (дали ја симболизираше македонската правда?), а сега гордо „дреме“ карши Агенцијата „Оса“? Или како (и зошто) да се анализира кој и да е од оние токму претшколско – семинарски „споменици“ што ги глумат нашите револуционери, преродбеници и слично? Тоа е навистина чисто губење на време, и нерви. А впрочем, и нема цел. Нема кој да прочита. Овие неписмениве „интелектуалци“ на чело со локалниот минхаузен и „професорот“ му го учат народов на реализам. Дури не ни социјалистички или капиталистички, туку – епски! Со руско – украинска провениенција. (Не знам зошто не земаат некого и од кај Лукашенко?).
5.
А всушност, мислам дека има начин и оваа наша болка да се разреши. На начин сличен како новиов Правилник за воедначување на судската пракса. Како што вели Тортевски, оваа „спектакуларна голема идеја, очигледно извадена од малиот мозок“, може да им ја наложат на локалниот минхаузен и „професорот“ му, и да добиеме нов Правилник за воедначување на уметничката практика. И со него бре брате овие двајца „експерти“ (се разбира со припомош на уште некој локален „стручњак“ од типот на драматурзи – скулптуралисти, „режисери – публицисти“ и слични „исти“), да можат да ги постават основите на читањето и вреднувањето на уметноста кај нас. А за ПР можат да го земат „џезерон“ кој, велат, им бил ПР менаџер на табернакулци во случајот „нобеловци и дисиденти, то су наши коминтенти“. Е па ги изменаџира, толку бива. И мирна Бачка. Нема што ние понатаму да се надмудруваме дали нешто е или не е уметност. Овие однапред ќе ни кажат!
6.
Затоа, мислам дека и на академикот му е јасно дека секое објаснување со овие веќе е залудна работа и загубено време. Ќе мора да бидеме стрпливи, дури и да ги читаме оние блебетања на „авангардистите“ и „професорите“, зашто само така целосно ќе се разоткријат, и да искоментираме, патем, по нешто. Бидејќи ни нив, ниту пак она „интелектуалцине“ можеме да ги разубедиме. Едноставно, некои луѓе не сакаат ни да видат ниту да научат. Се однесуваат како луѓето од пештерите на Платон, кои криејќи се од светлината што доаѓа однадвор, се пикаат уште подлабоко во мракот на внатрешноста, само за да не ја видат вистината којашто не ја разбираат!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња