Кукла

22.01.2014 11:10
Кукла

Посебна, топла и човечка приказна, приказна каква што ретко се слуша, беа спасителите во Скопје. Особено рударите и војниците. За нив како да не постоеја пречки, ниту пак опасности. Немаше ништо пред што тие можеа да отстапат. „Црните лица“ како што од милост ги нарече рударите еден новинар на Франс Прес, а потоа го прифатија сите негови колеги, мошне вешто и бестрашно се провлекуваа под бетонски плочи и ѕидови што се лулаа.

Најдраматична е секако приказната за рударите кои копаа над урнатините на Југобанка. Трагајќи по преживеаните, длабоко под ридот што настана со уривањето на зградата, еден рудар со светлината на својата лампа згодледа дете.

-Дете! Живо е. Ја вика мајка си.

Другарот до него го удри по рака: „Згаснете ја светилката. Светлината може да го убие“.

Неколку часа рударите правеа пат. Милиметар по милиметар. Најпосле рударот се провлече. Му дадоа чаршави за да го завитка детето, а лекарот, горе, над урнатините, подготвуваше инекција. Кога го кренаа чаршавот - рударот падна.

Спаси кукла. Голема, убава кукла, која ги отвора и затвора очите и вели: Мама!

Војниците правеа чуда. Работеа со денови без одмор и сон. Меѓу нив беше и старешината Милан Џекиќ. Тој на почесно место ја чува плакетата на Скопје и Орденот за труд, што ги доби подоцна.

-Беа тоа денови кога војниците даваа сѐ од себе, се сеќава тој. Би било неправедно некој посебно да се истакне. Им честитам сега на сите. Се држеа херојски.

И Милан Џекиќ беше в кревет кога се случи земјотресот. Веднаш по потресот низ разурнатите улици, тој трчаше кон касарната.

Кога го видоа неговите војници, немаа смелост да му рапортираат. Зарем да застанат пред бос и повреден старешина?

-Сите ли сте живи, беше неговото прво прашање.

Кога се облече, на чело на своите војници, не чекајќи наредба, тргна во помош на градот. Од сите страни се слушаа повици: „Војници, војници, спасувајте!“

Научени да работат под команда, војниците секој повик го сфаќаа како наредба. Топла, човечка и трагична страна на историјата на Скопје испишаа младите луѓе во сивомаслинести униформи.

Во населбата Карпош, зграда борј 13, војникот Дејан Перишиќ копаше, копаше како кртица, за да ја откопа девојката Снежана Митева. Кога дојде до нејзините раце - нов потрес. А таа го молеше да оди, да ја остави.

-Не одам никаде без тебе, ѝ велеше Дејан. И кога ја откопа, пресреќен, се обидуваше да ја исчисти од прашината и малтерот. Но за лекарите немаше работа - Снежана умре. Имаше 18 години.

И војникот Неделко копаше 18 часа за да ја извади Љубица Георгиева од урнатините на булеварот ЈНА 32. Тука беше присутен и репортерот на Радио Скопје, кој на магнетофон го забележа разговорот меѓу нив. Магнетофонската лента го забележа и моментот кога луѓето решаваа да поместат еден блок, па да се види што ќе биде. И спротивставувањето на војникот Неделко, кој тврдеше дека ќе остане со неа и ако треба со ноктите ќе гребе за да ја спаси. Го послушаа и ја извлекоа девојката. Во амбулантната кола се договорија Љубица да му се јави на Неделко. Но, таа никогаш не се јави. Умре таа вечер.

На улицата Иво Рибар се случуваше чудо. Од една урнатина, најнапред, се појави рака, а потоа и жив човек. Паскал Крстевски успеа сам да излезе, од под урнаитините. Во непосредна близина, до урнатините на хотелот „Македонија“, се слушна песна. Сите се нафрлаат над урнатините, копаат со раце и алат. По извесно време рударите извлекуваат живо девојче. На ред е и портирот во хотелот „Македонија“ Божо Стојановски, кој набргу се најде надвор од својот „гроб“.

Уште една фотографија тие денови се појави на страниците на целиот светски печат. Тоа е фотографијата на две девојчиња. Постарата ѝ дава вода на помалата сестра, која седи врз урнатините на нивниот дом. Се викаат Лидија и Сузана Божиновски. До скоро живееја во улицата „Петар Чауле“ 23. Во куќата беа само со бабата, а родителите беа на пат. Кога затресе, бабата беше ранета, а Лидија ја фати сестричката за рака и излегоа на улица. Нивната драма го возбуди светот. Беше една од многуте, но и една од оние за кои се пишуваше. Кога еден колега напиша дека Лидија се пожалила оти куклата ѝ загинала во земјотресот, доби кукли од целиот свет.

Ѓоко Поповски, снимател на Телевизија Скопје, сѐ уште го чува својот „некролог“. Во него пишува дека меѓу загинатите е и тој, Ѓоко. Доаѓаа познати и пријатели да видат каде „загинал“, а неговиот брат дотрча дури од Словенија.

-Сепак, најтешко ми беше кога со филмска екипа ги посетив децата од Скопје евакуирани во Ниш, раскажува Поповски. Тука ги сретнавме и децата на познатиот пејач Благоја Петров Караѓуле, кој заедно со жената загина во земјотресот. Децата сѐ уште не знаеја ништо за трагедијата на нивните родители. Стоеја пред камерата и зборуваа како чекаат да се вратат во Скопје, во својот дом, кај родителите. Целата екипа плачеше.

Со Љупчо Московски разговарав во 1973 година, десет години после земјотресот. Тогаш имаше 17 години и беше ученик во трета година на Градежниот училишен центар. За време на земјотресот имаше 7 години.

-Во несреќата бев тешко повреден. Шифоњерот падна над мене. Два дена бев во кома. Потоа дојде депресија. Исчезна детската смеа и радост. Се плашев од звукот на камионите. Наместо во септември, училиштата почнаа со работа со задоцнување од дваесетина дена. Во училиштето беа сместени семејства кои останаа без покрив над главата. И по тоа ќе го паметам моето поаѓање на училиште додека сум жив. Тогаш посакав да пораснам и да правам куќи што нема да се урнат при земјотреси. Тоа можеби беше и пресудно при мојот избор на средното училиште. Наместо во гимназија, како што сакаа моите родители, јас појдов во Градежниот училишен центар и тоа на архитектонскиот смер.

Љупчо Московски беше одличен ученик. По матурата сакаше да студира архитектура. За да прави згради што не ќе може да ги разурне земјотрес.

Првиот Скопјанец

Репортерите тој ден го забележаа и првиот живот. Во импровизиран шатор, Кина Јордановска, роди машко.

-Нека се вика Треско - рече мајката. - За спомен на земјотресот.

По него се роди Среќко. Мајка му се викаше Рада, а татко му Ѓорѓи Јовановски.

По земјотресот, кога се донесе препораката некои институции да се преселат од градот, уметниците први рекоа - не!

„Ние не одиме никаде. Зарем сега да одиме? Ќе ја делиме судбината на градот“, беа категорични тие.

Само двасетина дена по катастрофата, на Летната сцена во паркот Македонскиот народен театар ја даде првата претстава. И ако раѓањето на Треско ја изгони смртта од градот, првата претстава во него го врати животот.

Драмата на МНТ го прикажа третот чин од „Шумата“ на Островски, Операта прикажа делови од „Кавалерија рустикана“, а и играчите на Балетот го дадоа својот прилог. И се случи чудо. Во разурнатиот град повторно се слушна музика, а гледалиштето плачеше.

-Беше тоа фантастично доживување, се сеќава управникот на МНТ Стојмир Поповски. Без сцени, без декор, со неколку рефлектори и болка во душата.

За време на земјотресот многу уметници беа надвор од Скопје. Сите веднаш се вратија во градот и во Сарај, под шатори, формираа своја населба. Беа тука заедно со членовите на Операта, Драмата, Балетот, Филхармонијата и на „Танец“.

-Тоа беше наша прва и последна интеграција, вели Поповски.

Извор: Земјотрес, НИО Студентски збор, 1977, Скопје.

ОкоБоли главаВицФото