Главата на Уроборос

23.01.2014 09:52
Главата на Уроборос

Можеби симболиката која најдобро го објаснува маѓепсаниот круг на владиниот криминал и корупција е сликата на митолошкиот Уроборос. Уроборос е познатата змија која си го јаде сопствениот опаш и сѐ останато што содржи, хранејќи се самата себеси.

Ако во минатото и во антиката оваа слика, полна со аналогии и со метафори, симболизирала идеја за вечно враќање кон себе, за непроменливото едно, за бескрајноста, еднаш ослободена од филозофското значење, може да ни го објасни односот помеѓу парите и моќта во нашето општество.

И во еден недемократски режим, парите го вртат светот! Па, така парите и моќта заемно си се поддржуваат. Моќта, благодарение на парите, создава систем на поткуп, корупција, клиентелизам, а потоа парите така заработени служат за стекнување и одржување на моќта.

Поентата на ваквите системи е што парите кои се на сите, така се дистрибуираат, делумно на јавни, повеќе на приватни интереси, секогаш вртејќи се во еден добро разработен круг на моќта, за на крај да се концентрираат кај самата моќ. Денес e тешко да сретнете економска или финансиска моќ надвор од самата власт, нејзините бизнисмени или медиумски мегафони, затоа што парите се вртат постојано помеѓу нив. Уроборос е монструм кој се јаде себеси, односно нѐ јаде нас кои сме во неговата опашка или утроба, но во исто време, како што растат парите и моќта на власта, така и монструмот расте во големина.

Ако змијата што се јаде е круг, замислете дека власта е главата, оној што јаде и што последен ќе биде изеден. Во главата од кругот се привилегираните од моќта и од парите, самата фамилија, нивните бизнисмени, нивната идеолошка и медиумска компонента или технолошко-извршителската.

Во утробата на змијата се оние кои го движат системот, оние кои добиваат мал дел од богатството, што ја имаат улогата да глумат некакво си реално општество и економија. Тука можеме да ги сместиме потчинетите слуги од јавната администрација, институциите на системот, некои си слободни професии врзани за власта, земјоделците, социјалата, пензионерите. Во еден вид на волонтерско ропство, овие колаборатори на режимот се оние што суштински го одржуваат системот. Нивниот животен стандард не е блескав, тие се евтино купени или поткупени, на некој начин се претставници на купениот социјален мир, а сепак, нивниот животен квалитет колку што е ограничен и е мизерен, тие и понатаму се задоволуваат да бидат моторот на системот.

Во опашката се сите останати, отфрлените, оние што се оставени сами на себе. Тука имате и интелектуалци и новинари, разно-разни професионалци кои својата слобода не ја тргуваат за некаква си материјална егзистенција или концесија од власта. Тука се и невработените, огромен дел од младите, или сите оние кои се некорисни, неупотребливи за системот на змијата. Оставени се сами и отфрлени, маргинализирани, соголени од секое право да им сметаат на останатите две групи во општеството, да го критикуваат или да го кочат „успешниот“ раст на монструмот кој одамна ги има проголтано.

Системот се базира на циклусот пари-моќ-пари и комплетно е автореференцијален. Тоа значи дека не постои ниту една друга логика за постоење на системот, надвор од одржување на истиот. Примерот со корумпираните и поткупени медиумски мегафони е можеби најилустративен. Од длабочината на јавната утроба режимот им дава пари за тие да го фалат и така да расте или да се одржува неговата моќ. Тие добиле пари, но добиле и моќ, па потоа истите пари кои ги свртиле и моќта која им е пренесена се враќа кај режимот. И така во недоглед, односно, додека змијата не се проголта себеси целосно.

Истото важи, на пример, и за инвестициите, било да се странски или домашни. Огромни пари се фрлаат во непродуктивни проекти кои имаат за цел идеолошко-политички, па и материјално, да ја одржуваат моќта на режимот, а парите за изградба се даваат на блиски бизнисмени, кои потоа нешто враќаат, или нешто им се одзема преку рекет.

Во ваков систем самите средства се еднакви на целта. Поголем нихилизам не постои. Тука не изостануваат целите, ништо не е ирационално или бесцелно, туку средствата и целите комплетно се поклопуваат. Овој системски нихилизам е цинично и бескрајно рационален, смислен, планиран и воопшто не се грижи што се движи во насока на комплетно уништување. И се движи во таа насока затоа што постои двојна индиферентност. Прво, кај самите граѓани или соработници кои не сфаќаат дека се или ќе бидат проголтани. И второ, кај самата глава на змијата, која мисли дека нема да дојде моментот кога нејзината автопродукција и самоодржување ќе ја уништат.

Сега за сега, режимот покажува дека не попушта од наметнатите логики, напротив, во пресрет на уште едни избори, само го зголемува својот обем. Наместо да ја спушти топката и да работи на поголема еднаквост, таа дополнително ја храни змијата. Пари за субвенции, за стечајци, за војници, повисоки пензии, поголеми плати за полицајци, за администрација, поголем минималец за работниците, сето тоа е дување на балонот и скратување на фитиљот на социјалното буре барут. Сето ова е поткуп, затоа што системот и нашата економија немаат никаков реален предуслов за каков било раст.

Гледате, ваквиот нихилизам, авторефенцијалност, затворениот круг на пари и моќ, се доказ за авторитарноста на системот и реалното отсуство на политиката. Во ваков режим не постои политика, постои само слепа доминација и послушност базирана на тотален криминал и поткуп, односно, на долгорочен државен и политички нон-сенс.

Кога не постои вистинска политика или економија, тогаш не постои ниту демократија. Демократијата е форма на политика и политиката е супстанца на демократијата. И кога недостасува супстанцата, тогаш превладува формата, празната политика која функционира преку манипулации, криминал и корупција.

Кога моќта нема поголема цел од своето лично одржување и богатење, кога законите на системот не се идентификуваат со подобар живот за граѓаните, не може да постои политика, а уште помалку демократија. И ова не се мои зборови, ова е кажано уште пред 2500 години од Перикле.

Старите Грци добро го разбрале тоа. Дека секој деспотизам се базира на недостаток на повисока цел, дека е испразнет од значење, дека претендира кон послушност заради послушност или заради поткуп. Ако нема Полис кој се грижи за јавното, ако нема Агора каде јавното може да се спознае и да се интерпретира, ако нема цел која може да се препознае, тогаш живееме во систем кој не смееме да го поддржиме или да го одбраниме. Заменете го Полис со Држава или Парламент, Агора со медиуми и култура на дебата, јасна ви е доминацијата на власта и нејзината злоупотреба на секоја институција, право или слобода. Монструмот со својот маѓепсан круг на пари и моќ, поткуп и контрола, по пат уништува сѐ во општеството.

Ете, затоа немаме ниту демократија, ниту политика, а сѐ помалку имаме за што да се фатиме за да излеземе од кругот. Затоа ни е потребна политика базирана на правда и слобода, на закони и принципи кои се водат од еднаквост. Ни требаат јасни цели и појасни форми инспирирани од прогресивност, партиципација, социјални и граѓански права.

Кругот на змијата се убива одвнатре, се почнува од опашот, се отвора утробата и се сече главата.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото