РФМ ќе ангажира помошник селектор од Фејсбук

23.01.2014 17:28
РФМ ќе ангажира помошник селектор од Фејсбук

Скопје, 23 јануари 2014

Генералниот секретар на РФМ Филип Милошевски најави дека по бурата која се крена по настапот на Македонија на ЕП во Данска и освоеното десетто место, ќе биде ангажиран коментатор од Фејсбук како помошник селектор, кој во иднина би можел да прерасне и во селектор на македонската ракометна репрезентација.

„Гоце Димитров ќе биде вистинско освежување за македонскиот ракомет. Можеби бројните повреди нѐ истенчија на играчки план, но со неговото ангажирање ќе бидеме најсилни како стручен штаб. Никогаш до сега не сум сретнал човек кој знае баш сѐ за ракометот“, изјави Милошевски.

Генералниот секретар на РФМ објаснува дека го забележал 34-годишниот Гоце Димитров затоа што ги среќавал неговите коментари на петнаесетина портали под секоја статија поврзана со настапот на Македонија на ЕП во Данска.

„Гоце е неуморен. Логиран на својот ФБ профил, тој несебично ги споделуваше своите совети и даваше сугестии за тоа како треба да игра Македонија, во кој состав и со каква формација. Често доаѓаше во судир со голем број други коментатори, што покажува дека не се плаши да покаже кој е главен кога станува збор за ракомет“, објаснува Милошевски.

Тој додава дека Гоце обично го дава победничкиот рецепт за натпреварите откако ќе завршат, а сѐ што треба да направи е да ги каже советите пред натпреварот, во што Милошевски не се сомнева.

Со оглед на тоа дека селекторот во македонската ракометна репрезентација често е само декор, на Ивица Обрван не би требало да му пречи главниот збор во екипата да го има токму Гоце.