1021 hPa
36 %

24 °C
Скопје - Пон, 28.04.2025 16:59
СЛОБОДЕН ИЗБОР
Добар ден. Јас имам слободен избор:
кога ќе станам, да си ја избричам главата и да
викам КУКУРИКУ. А не викам. Правам избор
да не го правам тоа. Секој ден. Кога одам на
улица, си имам избор да си отсечам парче
асфалт, и да го изедам. И не отсекувам. Кога
спијам, имам избор да пораснам 20 см. И пораснувам.
Сега сум 3.45. Кога свирам, имам избор да ми
пораснат уште два прста, да свирам гитара
поубаво. Така станав виртуоз. Кога играм,
имам избор да се престорам птица и да
полетам... и така...
Си живеам слободно јас.
КОМШИЈА
Овде, на Балканот
соседот е како роднина
па и повеќе од тоа
во зависност од приликата
Од него на заем се зема
шолја зејтин, шеќер
некој компир, два кромида
ако дошле гости - шише ракија
клуч за водовод, фазомер
столици за слава, маса
и така натака...
Ако ти умре домашен
тој го носи ковчегот
ако ти се роди дете
соседот прв честита
одиш ли на одмор,
ти ги полева цвеќињата
а ако ја имаш,
ти ја храни и мачката
Овде, на Балканот
каде соседот е како рода
викаат - не чинело
може поарно е Кенада?
БАСНА ЗА ВИСОКООБРАЗОВНИОТ СИСТЕМ ВО ВИСОКОРАЗВИЕНИОТ СВЕТ (XXI ВЕК) КАДЕ СЕКОЈА КРАВА МНОГУ МЛЕКО ДАВА А СЕКОЕ ТЕЛЕ СТАНУВА МАГИСТЕР...
Една крава млеко дава
млеко дава таа крава
ама малку млеко дава,
таа крава лоша крава.
Се секира газдата,
за млекото и кравата
и мисли дал со секира
да ја сотре кравата.
И наврви врли газда,
со кравата по друм оди
ќе ја носи на доктор,
баш-доктор за скотови.
Еднаш кога стаса таму,
проговара газдата:
Ој докторе ти докторе,
Ој, доктор ти за говеда
али знаеш некој иљач,
за мене и за кравата:
Оти ова моја крава
малку млеко мене дава?
Ој ти газда врли газда,
стопан ти на кравата,
дал не знаеш што е алот,
ил пак не ти текнува?
И изрече ајван-доктор
старекимски збор и два:
ОВА КРАВА ТОЛКУ ДАВА
ЗА ПОВЕЌЕ - ДРУГА КРАВА
ТРОНОЖЕЦ
Кога учев да одам со патерици
одев непара, буквално
со една своја и две нозе помагала
нешто како дете
на точак со помошни тркала
Се присетив тогаш, и бев кај еден столар
не толку одамна, и разговаравме
ми требаше столче, без наслон, просто,
помошен стол за приседнување...
и така...
На три или четири нозе, праша
а јас му реков: Ти знаеш...
на колку е постабилно
Тогаш на три, нема ни да мрдне.
Тоа го рече, така кажа, и ми се виде чудно,
Откаде сега ова, три да е подобро од четири,
повеќе нозе, јасно - повеќе рамнотежа,
имав таква логика... бестрага и јас и логиката
Четири се две со две, и сите, мора да се исти
инаку клатат, само една да е различна...
а уште и подлогата мора да е рамна,
без тоа столчето веднаш зјае, се накривува...
А со три, непар, како и да ги ставиш,
дури, и трите да се неисти (една со друга)
столот сепак никогаш нема да се клати...
сегде фаќа лежиште, нема рамно-нерамно
ни потставање тапа, хартивче,
на нерамна подлога...
Види стварно! Проверив, и така е,
стол, маса ли е на три нозе, нема мрдање...
ич ни да мрдне... ни-ка-ко...
па зошто тогаш прават столови со четири
наместо со три нозе... исто и за масите?
Естетика ли е, традиција, заговор ли е некој
против човештвото, наместо на стол со три,
да ги мачиш луѓето, со векови да седат
на столови, со два пара ногарки?
И си мислам тогаш нешто?
А човекот да беше со три нозе создаден
замисли, замисли само - да имавме по три нозе?
На таквиот тогаш не ќе му требаше
Ни стол за седење, ни кревет за лежење
ни газ би му требало, ни грб би го болело;
Оди си на две нозе, третата одморај ја
а одиш ли со три, средната напред
другите две заедно
ќе одат складно, еден-три, еден-три...
И сево ова од што јас
учев да одам со помагала
и ја следев здравата нога, со двете патерици
таа в средина, тие отстрана,
таа сама, тие заедно
таа напред, тие назад... тројна синхронија
После,
кога размислив, гледам - многу е сложено!
(многу гужва, ц,ц,ц... ептен комплицирано)
Тоа со човекот, нема да оди, не би одело.
Ако се три нозе, ќе требаат и три раце,
јасно за симетрија, а без неа нема ништо...
тоа нешто со три раце, ќе испадне чудовиште.
Не е столче човекот...
(не е... ни-ка-ко)
Дури го усовршував одењето со патерици
се лизнав трипати, на водено, еднаш и паднав
а потоа се научив, одев многу вешто
сега... чекам да проработи... милата ми нога...
ни три ни четири... две си се две
мои си се
СТАРОСТА МОЖЕ, А И НЕ МОРА ДА СЕ ДОЧЕКА
Имаше една книга со добар наслов
„Места и предели блиски до смртта“
и нив навистина секогаш ги има
само, зависи кому дошол редот
да бидат тие поблиску до него
Инаку, секогаш се тука
како места и мигови
како повремени или постојани состојби
Како и со последните времиња
на тие места и предели
знаците секогаш им се тука
изразени во поголема или помала мера
но конечно, секогаш се неизбежни
и ќе завладеат, сосема ќе надвладејат
староста може, а и не мора да се дочека
Има денови кога на човек не му е до смеење
Скопје, 1-ви мај, 2013
Извор: Староста може, а и не мора да се дочека, Матица македонска, Скопје, 2013.
Слики: Martin Vlach