Балканска идеологија

24.01.2014 14:20
Балканска идеологија

Културната парадигма на балканската идеологија, за која зборувавме, има, всушност, антикварен однос кон историјата и кон минатото. Таа застапува една антикварна историска концепција (или концепција за историјата) во која е разбиена дијалектиката и дијалектичкиот ум, односно единството на минатото, сегашнината и иднината. За неа елементите на оваа дијалектичка тријада не се меѓусебно проникнувачки туку меѓусебно распарчени и разединети ентитети. Она што е, значи, битно за оваа антикварна историска свест е нејзиното примордијално исходиште дека божем исконот ја овозможува сегашнината, т.е. дека сегашнината не е ништо друго освен траењето на исконот во нас или самиот искон во нас. И да се напредува во сегашнината, тоа значи постојано да се свртуваме назад и наназад и да ги ослушнуваме аманетите на тоа свое далечно минато, на својот искон во кој лежи затрупана нашата автохтона национална душа, нашиот изворен национален идентитет, нашето автохтоно национално битие.

Сите овие историски трикови, како начин на пројавување на теориската свест во балканската идеологија, израснаа во една своевидна религија и есхатологија на сè во минатото. Таа како закоравена традиција, трае еве веќе со столетија непрекинато. Нејзин бог стана родот (Што ближе роду, то ближе Богу). Таа доаѓаше од една лажна вистина, од една лажна историја и од историјата на една измама, дека само врз основите на својата архаична патријархална цивилизација, само врз основата на својот родовски структуриран искон, кој е вечен и непроменлив, може не само да се гради една изворна, автохтона и вистинска култура туку единствено врз нејзини темели може да се зачуваат и спасат родот, племето, народот, нацијата. Отаде најновиот восклик, кој е, всушност, вековно стар историски рефрен овде на Балканот – напред кон традицијата, нè уверува дека денес и во новата европска реалност,
како и секогаш досега на ист начин, без да се напојуваме од непресушните извори на своето автохтоно родовско битие, без трајно да се навраќаме кон него, влегуваме во рационалистичка, безлична, бесчувствителна, роботизирана, компјутеризирана и кибернитизирана култура – наспроти нашата изворна култура, со нашата непресушна песна врз чии врутоци единствено можеме да се зачуваме и спасиме себеси. И ќе си ја запееме неа и светот ќе чуе и разбере кои сме и што сме. Ќе разбере дека си имаме сè, дека ние сме предвестиле сè: со богомилите – комунизмот пред Маркс и херезата пред Саванарола; со Климент структурализмот пред Клод Леви Строс, а со Цепенков – фројдизмот и толкувањето на соништата дамна пред Фројд како што своевремено нè уверуваше во тоа Душко Наневски.

Го нагласувам ова балканско фалбаџиство во кое се имитира културната парадигма на балканската идеологија и кое само по себе зборува за едно своевидно балканско слепило, бидејќи балканскиот историски стил не само што нè обзема и нас самите, туку направи сè, и со својата историографија, и со својата литература и, воопшто, со својата национална културна програма - историските глупости да ги воздигне до степен на некој неприкосновен историски ум; историските подлости во историски подвизи, а своето културно и просветно (кое никогаш не било просветено) варварство во балканско просветителство од фанариотски, егзархистички и видовдански тип.

Дека историските ропства мутираа во т.н. историски ослободувања, а повикот на крвта во лакомост за крв и крвопролевање, за тоа зборува и старата и новата
историја во примената на оваа културна парадигма од балканската идеологија врз македонскиот национален организам во XX-от и претходниот век.

Целокупноста на оваа културна парадигма, меѓутоа, нема само своја историја и историографија, нема само своја национална политика, туку има и своја национална ука и своја национална философија и своја национална естетика, етика, поетика итн. И тоа што толку долго опстојува има да им заблагодари токму ним, зашто со нив стана национално вјерују, духовна структура на човекот на овие простори вгнезден во своите темни вилаети и во своите историски визби како spiritus loci на своите духовни живеалишта. Сите овие историски, политички, интелектуални измами што во купишта и на купишта ги произведуваше и пласираше т.н. историска наука на балканските институти, кои, еве веќе повеќе од едно столетие, се пласираат како божем неприкосновени историски факти на Велико Едните, Велико Другите или на Велико Којзнаекоите, го претворија Балканот во полигон на меѓусебни атавистички омрази, сцена на монструозни историски трагедии, комедии, фарси и травестии на кои би им завидил и еден Шекспир.

Сè е ова еден балкански историски театар што не престанува да се игра и сè е ова едно првостепено и првокласно актерско мајсторство во вид на историски драми, епоси и епопеи...

Сè е ова еден грозоморен балкански бал под историски маски. Тие и такви карневалски маски на балканскиот историски театар, како што знаеме, се сменуваа и менуваа според потребите на дадениот час, особено по некоја балканска кланица во вид на прва, втора балканска и светска војна.

И сето ова нè исполни, просто нè задави со корави не само историски, туку и со поетски илузии што ни го оневозможуваа она кое историски сукцесивно ни го ветуваа – т.н. ослободување, па останавме во историјата, во тој еден од најилузионистичките хокус покус балкански театри, како во некој театрален историски пајтон, како во некој Ноев ковчег во кој патуваа заедно т.н. ослободители со кама, крст и перо, заедно со сета онаа фаланга од генерали, полковници и потполковници како историски месии и мисири; сета онаа литија од даскали, попови, просветители, проповедници, пропагатори и пандури. А барабар со нив, барабар со разните војводи, четници и оп’лченци, како професионални колачи, во тој историски пајтон најгрлати беа т.н. историчари, академици, енциклопедисти, доктори по историски калемења, исти
такви романсиери кои ја претвораа историјата не само во преспански, туку и во балкански камбани, од кои потем одѕвонуваа дузина поеми, песни, оди, романи и драми како бравурозно глумење на историјата на балкански начин: со многу офкања, ехкања, и ихкања по старите предели и во името на старите завети.

Така, токму така се создаваше овој балкански историски театар во кој, последново столетие, улогите се менуваа, но театарот остануваше ист и неизменлив. Сите овие мајстори на историска глума и беа навистина мајстори, бидејќи вистински се соживеаја со своите улоги, па како deus ex machina почнаа да веруваат и да се изедначуваат со нив, правејќи не само театро од историјата, туку и историја од театрото, па кога, на пример, се стрела во Паница во виенскиот театар во атмосфера на пергинтовска луња во која удираат громови и не се знае точно дали се стрела на сцена или на и во автентичен животен амбиент, така и толку се измешале историските улоги па веќе и не се
разлачува точно кој кого глуми за кого и пред кого, толку се проникнале животот и театарот, историјата и фарсата, илузијата и стварноста. За некои се чини Балканот и не е ништо друго освен сцена на еден монструозен историски театар во кој историската драма и трагедија на Македонија не се збиднуваше само на сцена, туку пред сè во вистинскиот живот. Беа тоа големи и масовни инсценации што завршуваа како кланица од која потем истечуваа порои крвје и трупја, па се црнееше Вардар и се црвенееше Црна.

Сето ова историско безумие, сето ова националистичко и шовинистичко лудило, кое ги саскаше народите и луѓето воопшто едни против други и кое по правило завршуваше како ова последново во Бејрут, со најбезочен колеж, сето тоа потем балканската идеологија, низ своите официјални весници и списанија, во официјалните истории, енциклопедии и речници, како и во официјалната поезија и проза, го прикажуваше бескрајно фарисејски како божем некоја екуменска етика и естетика inerhalb der Granzen der blossen Vernunft.

Слики: Франциско Гоја
(фрагмент од есеј; Од книгата „Слушате ли, Каинавелијци?“, 2010)

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Балкан / Став / Теорија / Историја
Општество / Култура / Теорија
Општество / Балкан / Теорија
Општество / Активизам / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото