1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Скопје, 25 јануари 2014
Голем број млади луѓе од повеќе македонски градови, со двочасовен бојкот на Фејсбук, неуплаќање ливчиња во обложувалница и игнорирање на омилените турски серии го изразија незадоволството од власта која, како што велат, е виновна за нивната пасивност.
Во некои помали места како и во неколку скопски населби протестот се радикализираше. Така, на пример, во Влае и Капиштец, тројца другари го откажале планираното пиење кафе во блиското кафуле, а во Кривогаштани две девојки ги избришале најубавите „селфи“ фотографии од Фејсбук.
Најсериозниот инцидент е забележан во Куманово, каде 21-годишниот М.Р. на својот Фејсбук профил напишал статус „До кога вака“ и веднаш потоа отишол да спие.
Премиерот Никола Груевски изрази загриженост поради протестите, но смета дека власта направила сѐ што е во нејзина моќ за да ги збесне младите.
„Ние не сметавме дека младината ќе биде пасивна, но кога видовме дека е така, почнавме со радикални мерки за да ја збеснеме. Не велам дека направивме сѐ баш идеално. Кој работи, тој и греши“, изјави Груевски за Пара вести.
„Задолжувањето на земјата, скратувањето на слободите, распадот на образованието, условувањето со партиска книшка и за најниска работна позиција, перењето мозок со малоумни кампањи и уништувањето на секоја перспектива за нивната иднина во Македонија беа мерки кои ги спроведовме со цел да ги налутиме младите, но без успех. Можам само да ветам дека ќе работиме уште повеќе на тоа поле, зашто долг е патот до успехот“, објасни македонскиот премиер.
По голем број обиди, успеавме да дојдеме и до изјава од еден од побунетите младинци, кој сакаше да остане анонимен.
„Супер што се буниме. И на Фејсбук имаше. Ама тапа е тоа што нашава генерација од дијаспората слабо ни клика лајкови. Морам да одам сеа, ќе ми почне серијата“, изјави нашиот соговорник.