Женствени мажи

25.01.2014 11:52
Женствени мажи

Веќе долго време родовите стереотипи ги одредуваат жените како нежни и емотивни, а мажите како силни и студени, па таа поделба се сфаќа здраво за готово. Меѓутоа, нежноста, емотивноста и ранливоста (види чудо!) постојат и кај мажите. Родовите асиметрии од генерација во генерација се пренесувале, меѓу другото, и кај визуелните уметности, а денес посебна улога имаат медиумите како филмот и фотографијата кои од наведените стереотипи развија стандарди за прикажување на жените и мажите.

Израелскиот фотограф Нир Ариели, кој ја започнал кариерата во воено списание каде сигурно се сретнал со потиснување на емотивноста, со своите фотографии решил да стави крај на таквите норми. По работата во војска, авторот добил стипендија за стручно фотографско усовршување во САД. Таму нашол инспирација во танчарите и нивните движења. И ако телесната сила е една од паралелите кои можеме да ги повлечеме помеѓу војниците и танчарите, танцот за разлика од војската е место во кое телото ја ослободува инаку потиснуваната емотивност. Тоа е област која дозволува преиспитување на нормите кои ги донесуваат родовите стереотипи. Пренесувајќи го телесното искуство од танцот на фотографиите, Ариели исто така ги преиспитува нормите на прикажување на мажите.

„Во мојата работа сакам да ја разоткријам онаа страна на мажественоста која општествените норми ја потиснуваат. Нежноста, емотивноста и ранливоста кои под влијание на развојот на општеството станаа неприродни кога ги покажува мажот“, вели Ариели.

Во серијата фотографии со наслов „Men“ авторот ги поставува портретираните лица во простори и положби кои во фотографијата традиционално се врзуваат за жените. Преку нежниот поглед, распуштената коса и по некоја солза во окото, како и со мекото светло и намалените контрасти, мажите на овие фотографии ја откриваат својата женствена страна. Во една друга серија црно-бели фотографии насловена како „Inframen“, авторот користи посебна техника на фотографирање со која на површината на телото во женствените и експресивни положби излегуваат на виделина трагите од напорната работа кои се кријат зад грациозните движења на танчарите. Тие траги симболички го претставуваат емотивното отворање на поединците и воедно ја поврзуваат нежноста и силата, категории кои се спротивни во традиционалното поимање на родовите идентитети.

Фотографиите на Ариели со поинаквиот поглед на мажественоста и со неверојатната убавина го инспирираат гледачот на уривање на родовите норми и стереотипи.

Извор: pogledaj.to

Слични содржини

Квир / Теорија
Квир / Теорија
Општество / Квир / Живот
Квир / Око

ОкоБоли главаВицФото