Хаигата како интермедијален крстопат во „Небеска раскрсница“ на Искра Донева

27.01.2014 10:16
Хаигата како интермедијален крстопат во „Небесна раскрсница“ на Искра Донева

1.

Со стихозбирката Небеска раскрсница на Искра Донева во современата македонска литература на најубав начин се инаугурира еден древен јапонски (во светот денес исклучително популарен) жанр, наречен хаига. Уште од своите почетоци, хаигата ги покажува сите клучни одлики на она што во теориската мисла се нарекува „мешан“ (книжевно-ликовен) дискурс. Фигуративно кажано, хаигата е брак меѓу сликата и текстот, при што се можни две основни варијанти: хаикуто му претходи на ликовното дело или обратно, хаикуто е инспирирано од ликовно дело.

Затоа, најчесто хаигата е тандемски, ликовно-поетски потфат. Притоа, секој од елементите (и сликата и текстот) го задржува сопствениот идентитет, но прикажани заедно (сплотени во една нова целина) тие продуцираат нови естетски ефекти и побогати значења. Хаигата подразбира сложена естетска комуникација: во чинот на рецепцијата читател-гледач едновремено ги восприема и пораките од вербалниот (хаику) и од визуелниот текст (цртеж, слика, фотографија).

2.

Хаигите на Искра Донева се надоврзуваат на една од доминантните тенденции на современата хаига: хаикуто влегува во симбиоза со фотографијата. За разлика од традиционалниот однос текст-илустрација, каде што текстот неизбежно ѝ претходи на ликовната интерпретација, во фотографската хаига ситуацијата (речиси без исклучок) е обратна. Во случајот на хаигите на Искра Донева станува збор за многу покомплексна интерсемиотичка комуникација: поетскиот текст не само што се впишува во ткивото на фотографијата туку станува и нејзин поетски коментар.

Тоа го гледаме уште во хаигата со која се отвора книгата. Небото има своја / тајна географија. / Ене ја Австралија – гласи тристишјето, што е хаику-коментар на фотографијата „Австралија низ облаци“ од Ивана Андоновска-Платонче. Ако се има предвид фактот дека ова хаику има и претходна верзија, во која последниот стих гласи Ене го Кјото, тогаш се гледа комплексноста на настанувањето на хаигите на Искра Донева: песните се преобразуваат или се (пре)создаваат според (содржините или имињата на) фотографиите, а очигледна е и друга тенденција – поетесата да трага по визуелен корелат на веќе постојните хаику-песни! Така, текстот го бара својот „партнер“ во океанот од фотографии.

Тој сложен и возбудлив механизам на барање „созвучја“ меѓу вербалното и визуелното на овој ракопис на Искра Донева му дава исклучителен шарм и интермедијална свежина. Поетесата постојано е отворена кон искуствата на другиот медиум, барајќи сродности во сензибилитетот или „совпаѓања“ во уметничките искуства.

Впрочем, уникатноста на оваа книга се состои и во тоа што преку хаику-песните поетесата влегува во творечки продуктивен полилог со творбите на дури дваесет современи македонски фотографи: Тони Ангелоски, Ивана Андоновска-Платонче, Димитар Атанасов, Николина Атанасовска, Атанас Бајлозов, Коста Балабанов, Ана Дангова, Даниел Брзанов, Стојче Донев, Соња Ѓорѓиевска, Венета Јанкова, Јулијана Јанковска, Боби Кузмановски, Соња Неделковска, Дарко Петровски, Васко Спанџов, Борјанка Спасовска, Даниела Стефановска, Дарко Христов и Лиле Шијак.

Се разбира, во друг прагматски контекст, фотографиите можеме да ги разгледуваме и независно од песните на Искра Донева, но сега, меѓу кориците на книгата Небеска раскрсница ние ги гледаме во нова светлина, збогатени со нови, напати изненадувачки, поетски интерпретации. Така, хаигите на Искра Донева ги доживуваме како еден вид „интермедијални раскрсници“, преку кои поетесата нè воведува како во световите на фотографиите што таа ги избрала, така и во сферата на нејзиното доживување на фотографските слики.

3.

Книгата Небеска раскрсница е битна и бидејќи уверливо ги демонстрира продлабочениот усет и континуираниот интерес за хаикуто во поетскиот свет на Искра Донева, силно засведочени уште во првата нејзина хаику-стихозбирка Кој ќе ги згрее птиците? (2006)

И во новите сто хаику-творби Искра Донева им останува верна на основните постулати на нејзината иманентна хаику-поетика: моќта да се доживува себеси во постојан (со)однос со другите (Да бев птица / ќе ја знаев небесната / географија), моќта нештата да се гледаат и да се доживуваат на еден нов, неочекуван начин (Место на небо / облаче в езеро плови – / лебед што нурка), моќта да се игра со јазикот (Огниште. Жарче / се стркала до Искра... / И вивна оган), моќта да си игра со контекстите и алузиите (Карпа на брег / фатила мов. Одамна ја / нема сирената), моќта на нефорсираниот хумор (Лупам киви. Се / ежи уште пред да му ја / симнам лушпата), моќта за доловување на атмосферата, небаре со фотографски апарат (Воздивнува дедо / дури покрива внук и / ќерка што спијат), моќта да се биде постојано и насекаде во хаику-кондиција (Накривени букви / во автобус чкрапам – / подвижен стих), моќта да ужива во навидум најобичните нешта во животот (Сосем случајно / го открив земниот рај / во една смоква.), моќта на интерпретирање на фотографиите, како и моќта сето тоа да го искаже со само 17 слога.

Други хаику песни од Искра Донева може да прочитате овде.

Извор: Зоон поетикон, Кликер, 2013.
Цртежи: Jean Magalhaes

ОкоБоли главаВицФото