Зоолошка градина

27.01.2014 12:29
Зоолошка градина

Минатата недела во Зоолошката градина во Скопје, засега од непознати причини, почина три и полгодишната жирафа Орка, што уште еднаш генерално го отвори прашањето за целисходноста на овие институции. Имено, иако во јавноста почнаа да кружат неофицијални претпоставки дека станува збор за вродена срцева аномалија, сепак фактот дека овие животни во дивина, односно во својата природна средина, живеат 25 години и повеќе, кај припадниците на друштвата за заштита на животни повторно ја отвори дилемата дали во Скопје воопшто постојат услови за чување на диви животни и, конечно, дали чувањето на диви животни во кафези и во најмалку несоодветни климатски услови има каква било смисла.

Да биде трагедијата поголема, Орка е првата жирафа донесена во Скопската зоолошка градина по четири децении. Иако нејзиното име е прилично невообичаено за овој тип животни (орка е, нели, вид морски цицач, односно кит), тоа произлегува од нејзиниот донатор, компанијата „Орка холдинг“, односно фондацијата „Илија Камчев“. Од Зоолошката градина во Скопје најавија дека истата фондација донирала уште три жирафи, кои набргу ќе ѝ бидат претставени на скопската публика.

Инаку, се разбира дека Орка не е единственото животно што умира во оваа зоолошка под неразјаснети околности. Тука умирале и се разболувале на чуден начин и слонови, и лавови, и нилски коњи, и бели мечки... И секогаш постоеле полемички мислења околу тоа дали треба да се подобруваат условите за нивно живеење или Зоолошката, едноставно, треба да се затвори. Авторот на овие редови беше, на пример, инволвиран во една акција кога, на преминот меѓу 80-тите и 90-тите години на минатиот век, почина под, исто така, невообичаени околности, тогашниот единствен слон во Скопската зоолошка градина. Тогаш единственото приватно радио „Канал 4“ покрена акција граѓаните на Скопје да ѝ купат на Зоолошката еден слон. Но, и тогаш, радиото беше жестоко нападнато од здруженијата за заштита на животни, во смисла дека е злосторство во вакви услови да се чуваат диви животни.


Јасно, трендот на напади на зоолошките градини е релативно нов и се развива со општествената свест за политичката коректност. Иако и денес оние вистински светски зоолошки градини се едни од најатрактивните туристички дестинации. Поточно, уште не е забележан пример дека некоја зоолошка градина во светот е затворена поради хумани причини. Имено, зоолошките градини, ни се допаѓало нам тоа или не, во поголемиот дел од минатиот век, всушност се вистински урбани симболи на градовите каде што се сместени. Град со квалитетна зоолошка градина е град со квалитетен живот.

Ваквото мислење датира уште од формирањето на првите современи зоолошки градини. А тие, нормално, потекнуваат од времето на откривањето (и колонизирањето) на дотогаш непознатите земји. Од таму до матичната земја на проучување се носат чудни и непознати растенија, но и чудни и непознати животни. За волја на вистината, се носат и чудни и непознати луѓе. Иако донесени за наводни научни проучувања (конечно самиот збор „зоолошка“ е придавка од зоологија – наука за изучување на животните), животните завршуваат како своевидна атракција за широките народни маси. Затоа и не е чудно што дел од овие „научни“ примероци завршуваат како актери во циркус, а други како своевидни живи изложбени експонати.

За прва современа зоолошка градина се смета онаа во Лондон, формирана во 1828 година, а отворена за јавност две децении подоцна. Се разбира дека и пред тоа имало своевидни зоолошки градини, односно менажерии, колекции на егзотични животни што им припаѓале на кралевите или на побогатиот дел од општеството. Такви колекционирања на животни во антиката се забележани во Асирија, Египет, Кина, Рим... (интересно, не и во античка Грција), а најстарата постоечка менажерија, денес зоолошка градина, е онаа во Виена од 1752 година, во тоа време приватна сопственост на Марија Терезија и нејзиниот сопруг.

Без оглед на нивната популарност и нивната дефинитивна урбана природа (се проценува дека од околу илјада постоечки зоолошки градини во светот, 80 проценти се сместени во градовите), јавните зоолошки градини имаат низа црни петна во својата историја, од користењето на животните (најчесто, мечки, срни и зајаци) како храна за луѓе, сѐ до поставување на живи луѓе во кафезите со и до животните. Најчесто станува збор за луѓе со „неевропско“ потекло, Пигмеи, албино и други „невообичаени“ раси и „сорти“ луѓе. Популарноста на таканаречените „човечки зоолошки градини“ е најголема во почетокот на минатиот век, а изложувањето на луѓе во кафези трае сѐ до почетокот на Втората светска војна.

Во некаква цивилизациска, или, ако сакате, урбана смисла, Скопје и не заостанува премногу зад побогатите градови. Имено, Скопската зоолошка градина е формирана во 1926 година и се наоѓала на истото место каде што е и денес, на површина од четири хектари (од 1965 година се проширува на 12 хектари). Како основоположник се споменува д-р Станко Караман (1889 – 1959), сараевски биолог и зоолог, кој од 1922 година живее и работи во Македонија и секако еден од најзаслужните за изучување на македонската флора и фауна. Ликот и делото на овој исклучителен научник, според кого се крстени и некои видови животни, заслужуваат поголемо внимание и, секако, посебна студија.

Интересно е да се спомене дека од своето формирање па до 1991 година за Зоолошката градина се грижи градот Скопје. Од осамостојувањето, практички државата станува централизирана, па Зоолошката градина потпаѓа под Министерството за култура (?). Овој однос се менува со децентрализацијата во 2005 година, кога таа повторно му е доделена на град Скопје. Денес, според официјалните податоци (објавени пред смртта на несреќната жирафа Орка), Зоолошката има 495 животни од 96 видови. Ако е за утеха на заштитниците на животни, таа спаѓа во помалите европски зоолошки градини.

Трендот на популарноста на зоолошките градини во светот е во опаѓање. По решенијата на повеќето земји да се забрани дресура на животни за јавни манифестации (практична забрана на циркусот), се очекува дека и зоолошките градини ќе дојдат под сериозен удар на опсервацијата на критичката јавност. Во таа смисла, не е ни чудно што зоолошките градини немаат премногу референци во современата популарна култура. Најчесто станува збор за филмови, кои поради атрактивноста на просторот често ја користат зоолошката градина како своевидна сценографија. Еден од поуспешните филмови на оваа тема секако е „Fierce Creatures“ (1997, режија: Фред Шеписи и Роберт Јанг), комедија што, по успехот на филмот „Рибата наречена Ванда“, ја сними истата актерска екипа: Џон Клиз, Џеми Ли Кертис, Кевин Клајн, Мајкл Палин... Од поновите остварувања, тука е филмот на Камерон Кроу „Купивме зоолошка“ (We Bought a Zoo, 2011) со Мет Дејмон и Скарлет Јохансон во главните улоги.

Во популарната музика останува запаметена песната „At the Zoo“ на Сајмон и Гарфанкел, со која и ќе го завршиме овој текст.

ОкоБоли главаВицФото