Кралот и неговите вазали

28.01.2014 11:04
Кралот и неговите вазали

Барак Обама одржа говор за да ја смири острата критика по избивањето на аферата за прислушкувањето. А бидејќи во Германија критиката беше посебно гласна, а прислушкувањето на германската канцеларка особено непријатно, тој даде интервју за една германска телевизија.

Коментаторите се обидоа да предвидат во кое својство ќе зборува тој: како врховен командант или како адвокат за човекови права. Не беше ни едното ни другото: овде владетелот им се обрати на своите поданици. А поданици сме сите ние. По минатиот викенд, постојат доволно причини Европа конечно да си ја врати својата дигитална автономија, бидејќи се загрозени нашиот идентитет, безбедност и пари.

На Обама во разговор за ZDF му се испушти реченица која нема да им се допадне на неговите советници за однос со медиумите: „Претседателот на САД не е крал на светот, туку само човек, запчаник во големата машина“. Секој што ќе изговори ваква реченица всушност го мисли спротивното. Во разумните и пријателски зборови е скриена пораката: САД можат да го прават она што другите не можат, а ако нешто сметаме за неопходно, тоа и ќе го направиме.

Само еден човек е безбеден од американските дигитални напади, барем во следните неколку години - Ангела Меркел. „Додека јас сум претседател на САД, германската канцеларка нема причини за загриженост“, рече Обама.

Тоа е баш убаво. Милост која кралот ѝ ја укажува на својата вазалка. Но милоста е нешто спротивно од правата.

За да сфатиме во какво време живееме, мораме да се вратиме далеку во минатото. Англиските барони во 1215 ја изнудиле Повелбата за слобода од кралот Џон без земја. Овој документ го означил крајот на самоволието. Англискиот крал за прв пат бил подреден на правото.

Тоа сега се менува. Претседателот Обама го отфрли правото, бидејќи не сака тоа да го спречува. Во текот на минатата недела стана јасно дека таканаречениот договор за нешпионирање, од кој граѓаните на Германија толку очекуваа - е ништожен. Кога станува збор за „националната безбедност“, претседателот не се согласува на никакви ограничувања и си го задржува правото сам да одлучува за сѐ.

Претседателот е извор на целата власт, а со тоа и извор на правата. Така размислува секој крал. Барак Обама, нималку случајно, во разговорот за ZDF ja доведе во врска моќта на интернетот со воената сила на САД. „Двете се исклучителни“, објасни претседателот и додаде: „Многу земји во Европа се многу среќни затоа што САД располагаат со такви воени и разузнувачки капацитети. Ние на некој начин се грижиме за безбедноста на многу земји во светот.“

Заштита во замена за покорност: така се опишува односот на принцовите и вазалите.

Ова мора да престане. Тоа не е прашање на вкус, туку на интерес. Без оглед од која страна ја гледаме целата работа - заштита на податоците, безбедносна политика, економија; сѐ говори во прилог на тоа дека Германија и Европа тежнеат кон дигитално самоопределување. Плановите се амбициозни: европско право за заштита на податоците, европски интернет пребарувач, континентален сервер, стандарди за проток на податоците чијашто примена ќе ја контролираат европските институции одговорни за сите нас.

Станува збор за џиновски индустриско-политички проект за чија реализација е потребно многу време, но расправата за него мора да почне веднаш. Неопходни се политичко водство и спремност на соработка, трпение и доверба. Видовме дека тоа е можно на примерот на Airbus. И тука стануваше збор за европска соработка, технолошка независнот и работни места. Идентитетот, безбедноста, парите - сето тоа е поврзано. Проектот Airbus се покажа како успешен. Таков може да биде и европскиот проект за заштита на дигиталните податоци.

Дали Ангела Меркел внимателно го слушна она што го кажа Обама? Крајно време е да ги вратиме податоците дома.

Извор: Spiegel

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото