1009 hPa
31 %

31 °C
Скопје - Вто, 08.07.2025 09:59
Убивањето на Евреите во поранешниот Советски сојуз често е во сенка на Аушвиц и другите фабрики на смртта. Геноцидот, масовните стрелања и изгладнувањето на жртвите на Холокаустот во најисточните земји на Европа главно паднаа во заборав.
Што е полошо: да се задушите во гасна комора во Аушвиц или да умрете од глад во Трансистрија? Нема и не смее да има одговор на тоа прашање. На Михаил, инженер од еврејска националност кој нѐ вози во украинскиот град Чернивци, одговорот не му е важен. За него убивањето во Приднестровје е само помалку познат облик на уништување на Евреите - „подив Холокауст“. Чернивци има 240.000 жители и се наоѓа на 25 километри од границата со Романија, во областа која се вика Буковина. Во градот моментално живеат 3.000 Евреи, но повеќето од тие семејства се доселени дури по војната.
Со Михаел се простуваме пред Еврејскиот музеј. Евреите некогаш биле најбројна етничка група во Чернивци. А потоа Германија во 1941 година го нападнала Советскиот сојуз. Во музејот се среќаваме со сведокот од тоа време, човекот кој и сам се нашол на мета на Холокаустот - Јозеф Бургуз имал десет години кога Германците и Романците го окупирале неговиот град.
Јозеф Бурзуг го преживеал Холокаустот во Трансистрија - околу сто илјади не преживеале.
„Дојдоа на 5 јули 1941. Со германската војска стигнаа и специјалците“, објаснува Бургуз. Станува збор за посебно обучени единици на офицерот на СС Ото Олендорд. Тие тргнале во потрага по видни луѓе од еврејската заедница. Според исказите на сведоците, романските војници оделе од куќа на куќа и одведувале деца, жени и старци. Се наведува дека во текот на првите неколку дена од окупацијата се стрелани околу 3.000 Евреи. „По неколку дена, Греманците продолжија понатаму. Романците останаа“, се сеќава Јозеф Бурзуг.
Холокаустот во Трансистрија
Со Романија тогаш владеел фашистички режим под водство на генералот Виктор Антонеску. Во замена за романската поддршка во нападот на Советскиот сојуз, Хитлер им го препуштил појасот земја помеѓу реката Днестар и Буг, кој Романците го нарекуваат Трансистрија. Во септември 1941, Романците почнале да депортираат Евреи од Буковина и Бесарабија во таа нова територија. Не се знае точно колку жртви настрадале на патот, стрелани во текот на таканаречените „маршеви на смртта“, колкумина се удавиле при преминувањето на Днестар и колку умреле во самата Трансистрија. Се проценува дека бројот на загинати достигнува и околу 410.000 луѓе.
Во местото во кое дотогаш живееле 5.000 луѓе, во октомври 1941 се депортирани 50.000 Евреи
Од другата страна на Днестар ги чекале само урнатини, напуштени села и пропаднати земјоделски имоти - последици од жестоките борби кои се воделе таму. „Романците ги препуштија луѓето на смртта: без храна, без гориво, без топла облека“, вели Бурзуг. „Се ширеше дифтерија, тифус, ги тераа на тешка присилна работа. Секој ден умираа стотици.“
Писма од Трансистрија
Страдањето во таквите концентрациони логори го опишувале и самите логораши. Во градската архива, историчарот Серхиј Осачук пронашол вистинска сензација: 213 писма кои ги испраќале луѓето од логорите. Писмата се прокриумчарени од Трансистрија, но ги пресретнале романските власти. Надлежните ги архивирале и ги заборавиле. Одломка од писмото број 22:
„Ве молам, ако набрзо не ни испратите пари и намирници, ќе умреме од глад. Не можеме да останеме овде. Јерг и Илза се сосема исцрпени, по цел ден лежат на подот, гладуваат и се смрзнуваат. Ако сакате повторно да нѐ видите, веднаш испратете помош. Мела.“
„Знаевме што се случува во Трансистрија. Добивавме писма, секако, не преку пошта. Се сеќавам на еден германски офицер кој ни носеше писма дома. Му дававме пари“, вели Јозеф Бурзуг. Во Чернивци тогаш сѐ уште имало околу 50.000 Евреи, и тие се подготвувале за најлошото. И навистина, на 11 октомври 1941 стигнала наредба сите Евреи да се префрлат во најсиромашниот градски кварт во кој дотогаш живееле 5.000 луѓе.
Хартија на животот и смртта
Новото еврејско гето служело само како центар за собирање. Два дена подоцна, почнале депортациите: „Луѓето секој ден ги транспортираа од гетото на железничката станициа, напикани во возови и ги испраќаа во Трансистрија“, се сеќава Јозеф Бурзуг. Главниот збор тогаш го имал гувернерот на градот Чернивци, генералот Корнелиј Калотеску. Нему му се обратил градоначалникот Трајан Поповиќ: „Тој го предупреди дека ако сите Евреи бидат депортирани, во градот нема да остане ниту чевлар, кројач или инсталатер. Затоа е решено да се задржат околу 15.000 од 50.000 Евреи.“
Пропусницата на Јозеф Бурзуг со која си го зачувал животот
За таа цел е воспоставена комисија која одредила на кого ќе му биде дозволено да остане, врз основа на професијата. За среќа на Јозеф Бурзуг, неговото семејство било едно од избраните.
Поразот на Вермахт во Сталинград во 1942 и 1943 до некаде ја попуштил стегата околу вратот на Евреите. Повеќе немало депортации, а обемот на прогонствата и малтретирањето се намалил. Во почетокот на март 1944, во Трансилванија стигнала Црвената армија. До крајот на месецот, веќе биле во Буковина. „Гледате, 150.000 Евреи живееја во градот и околината. За време на војната, 15.000 добија дозвола да останат. Во Трансистрија се вратија 10.000 луѓе. Значи, умреа некаде околу 120.000 луѓе“, пресметува Јозеф Бурзуг. Вистинските бројки никој не ги знае, а приказните на преживеаните ретко се слушаат.
Извор: www.dw.de