Момче успешно ја заборавило старата љубов пиејќи алкохол

28.01.2014 18:53
Момче успешно ја заборавило старата љубов пиејќи алкохол

Скопје, 28 јануари 2014

Скопјанецот Зоки П. (22) деновиве стана вистинска ѕвезда на социјалните мрежи, откако на својот фејсбук профил објави дека успешно ја заборавил старата љубов пиејќи алкохол во големи количини.

На изненадување на многумина несреќно вљубени момчиња и девојки, на кои примената на овој метод само им ја влошила емотивната состојба, на Зоки му пошло од рака повеќе да не мисли на поранешната девојка Силвана.

„Ја слушнав фразата 'пијам да ја заборавам' во една фолк песна, додека јадев ќебапчиња во кафеаната 'Кај Дибекот'. Така ми дојде идејата да пијам за повеќе да не мислам на Силвана, мојата најголема љубов“, објаснува Зоки.

Тој додава дека на почетокот бил скептик околу успехот од примената на овој метод, особено кога по три години активно пиење ракија и коњак љубовта кон Силвана уште повеќе се разгорувала. Но, упорноста се исплатела, и денес, по шест години, Зоки, како што вели тој, баш го заболе за бившата.

Доктор Виноград Трезенков од психијатриската клиника во Скопје смета дека станува збор за грешка, затоа што Зоки се оддал на пиење од својата 16-та година, а ја преболел Силвана дури на 22 години.

„Периодот од шест години е доволен да се преболи несреќна љубов без помош на какви било супстанци. Но, забележливо е позитивното влијание што алкохолот го оставил кај Зоки, особено во поглед на моториката и течноста на говорот“, вели доктор Трезенков.

Тврдењето на познатиот психијатар не ја намалува популарноста на Зоки, кој почнува да се жали дека славата му пречи. Меѓутоа, неговиот татко е многу задоволен, затоа што вртоглаво се зголемила побарувачката на неговата домашна ракија.