Христо Петрески добитник на наградата „Христо Петрески“ за најнаградуван автор

30.01.2014 09:27
Христо Петрески добитник на наградата „Христо Петрески“ за најнаградуван автор

Скопје, 30 јануари 2020

Фондацијата Христо Петрески по десетти пат на писателот Христо Петрески му ја додели наградата „Христо Петрески“ за најнаградуван автор. Жирито во состав Христо Петрески, Христо Петрески и Христо Петрески решило да му ја додели на Петрески оваа престижна награда по јубилеен, десетти пат, затоа што не можело точно да ги преброи сите награди кои ги добил овој автор.

„Творештвото на овој истакнат литературен деец сјае како светилник во македонската книжевна меана кога нема струја, свети како светулка во просечна хаику песна, грее како сонце на градска плажа, масира како бесплатна масажа, остава простор за уживање како катна гаража“, вели претседателот на комисијата Христо Петрески.

Неговиот колега Христо Петрески додава дека добиените награди - приближно околу деветстотини, бидејќи не се изброени точно - ни од далеку не ја отсликуваат грандиозноста на делото на Петрески и изрази надеж дека во иднина ќе се измислуваат нови и нови награди, сѐ со цел пореално и попрецизно да се вреднуваат високите уметнички дострели на овој, но и на други македонски писатели.

„Петрески е најзначајниот претставник на македонскиот постмодерен наградизам. Тоа што тој го постигна на полето на наградите уште долго ќе остане недостижно за голем број македонски писатели, поети и културни дејци“, вели третиот член на жирито, Христо Петрески.

Петрески нагласува дека на полето на наградизмот значајни успеси имаат постигнато и други македонски писатели, но никој нема добиено толкав број релевантни награди кои навистина имаат „тежина“.

„Секое добиено признание кај мене предизвикува радост, солзи радосници, морници и секако, нагон за доделување, но и добивање на уште повеќе награди. Македонија можеби е мала земја, ама бог ја дарувал со многу творци достојни за награда“, изјави лауреатот Петрески за Пара вести.

Во продолжение, го пренесуваме списокот на поважните награди кои ги добил овој извонреден автор, однапред извинувајќи се поради тоа што не можеме да ги наброиме сите деветстотини и кусур.

-Рокада (2015)
-Малку јас, малку ти, а има и за другите (2015)
-Книжевен симит (2015)
-Писателски бурек со јогурт, и мајски бумбар гратис (2015)
-Револуционерна погача (2015)
-Авангардни уштипци (2015)
-Денес една, утре две (2016)
-Награда pour l'награда (2016)
-Награда без заграда (2016)
-Македонски наградни конаци (2016)
-Ајде да се дружиме, награда да си пружиме (2016)
-А зошто да не? (2017)
-Литературен квантитет (2017)
-Од многу глава не боли (2017)
-Мила мајко што ме роди толку награден (2017)
-Да не е без ич (2018)
-Награда, ами како (2018)
-Награда како таква (2018)
-Една од многуте (2019)
-Признание во бесознание (2019)
-Македонска книжевна витрина (2019)
-Црн Христо врз црна позадина (2019)
-Бел Христо врз бела позадина (2020)
-Награда „Христо Петрески“ за најнаградуван автор (2020)

Слики: Свирачиња