На Скопје му треба нов живот и нова архитектура

30.01.2014 11:48
На Скопје му треба нов живот и нова архитектура

Да се создава архитектура е прекрасно нешто. Уште повеќе кога станува збор за млада суверена држава која треба да ја слави својата слобода градејќи нови институции, дизајнирајќи го јавниот простор или креирајќи уметност. Но, што ако гледаме со запрепастеност трагедија која се одвива пред нашите очи?! Кога им ја покажав он-лајн презентацијата за Скопје 2014 на моите колеги, нивната прва реакција беше „Дали си сериозна, ова мора да е шега! Ме потсетува на Чаушеску и неговата архитектура во Романија“.

Скопје, како главен град на една млада држава, минува низ истите нешта како и другите пост-социјалистички градови во овој свет на глобални корпорации. Сосема природно е во период на транзиција историските прашања да се потресни. Оттаму, разбирливо е како оваа тема еруптира во сферата на архитектурата. Ама, покривањето на Скопје 2014 во километри историцистички фасади е далеку од каква било рационална замисла. Особено во време на економска криза, кога на земјата ѝ се попотребни нови училишта и болници од музеи.

За време на социјалистичката федерација, јавниот простор го земавме „за готово“. На него се гледаше како на нешто што не може да биде пренаменето. Во периодот на приватизација стана сосема јасно дека јавниот простор е оспоруван, далеку од даден и дека мора да го заштитиме со сите расположливи средства доколку сакаме да ја создадеме државата што сме ја визионирале за време на стекнувањето независност.

За жал, по разорот што деведесеттите го донесоа во пост-Југословенските републики, тие немаа корисни механизми кои би им овозможиле да се справат со моменталните состојби во сферата на урбанизмот, но лажните историски споменици ја немаат моќта да го поправат тоа. Како резултат, објектите од проектот Скопје 2014 се производ на лошо донесени одлуки, што се манифестираат како насилство врз јавниот простор. Скопје нема потреба да ја „купува“ својата историја поставувајќи „стари“ фасади. На градот му е потребен новиот живот од кој архитектурата и уметноста сами ќе произлезат.

Но, премногу е лесно да се критикува проект по прашање на стил, урбанизам и менаџмент. Проблемот е што таквите аргументи ја спуштаат дискусијата на ниво на лични ставови, односно нѐ поставуваат во ситуација „нашиот збор наспроти нивниот“ – експертите наспроти владата – ситуација која сама по себе е симптоматична. Но, дури и кога би морале да избираме помеѓу очигледните аргументи, би изоставиле нешто што е од есенцијално значење.

Вистинската трагедија не е во лошиот вкус во архитектурата кој веќе има направено лузна во деликатната урбана материја што го сочинува Скопје, туку во она што претставува наследство за младите генерации во најширока смисла на зборот. Се чини дека сегашните општествени услови создаваат чувство дека значењето на архитектурата е изгубено. Како и да е, архитектурата секогаш има репрезентативна улога без разлика дали и колку ни се допаѓа значењето што таа го содржи. Во случајот на Скопје 2014, архитектурата ги претставува националните долгови во време на глобална економска криза и исклучок на спротивставените ставови при донесувањето одлуки во една демократска држава.

Посакувам при мојата посета на Скопје да ја имав можноста да ги искусам само љубезноста и услужливоста на македонскиот народ, да ги видам прекрасните инвентивни модерни архитектонски зданија кои се изградени во Скопје по земјотресот 1963, како и вчудовидувачката природна околина, без да ја почувствувам намуртената иднина како виси во атмосферата.

Пишувајќи го ова, се прашувам кој ли ќе се восхитува на монументалните градби во Скопје по десет години?

Авторката е дипломиран инженер архитект, предавач на Академијата за дизајн во Љубљана

Извор: ПОРТА 3, 18.06.2010

ОкоБоли главаВицФото