За да се ослободи од режимот, Македонецот мора да се ослободи од себеси!

30.01.2014 12:26
За да се ослободи од режимот, Македонецот мора да се ослободи од себеси!

Секогаш сум тврдел дека помеѓу автентичните општествено-политички неквалитети на Македонецот и квалитетите на нашата власт нив да ги институционализира, постои повеќе од само некаква си паралела. Двете работи се комплементарни, меѓусебно зависни, па дури и меѓусебно се потхрануваат.

Најопшто земено, Македонецот како колектив нема или има само ограничен државотворен капацитет. Власта на Груевски како хегемон на македонската политика и држава, нема државотворен капацитет. Македонецот е мошне подложен на митови, на една рудиментарна самоперцепција како вечна жртва, недозволена нација, народ со глориозно минато кое само по себе заслужува поголема нација. Власта е на истата линија, и не е прашање дали од автентични побуди или само од калкулантски мотиви ги искористува и ги злоупотребува заблудите на својот народ за да го држи покорен. Тоа што е важно е дека власта се однесува трибално, недржавно, дека е главниот носител и потхранувач на народните заблуди и илузии и, помалку апсурдно, дека самата држава е уништувач на сѐ што е државно, национално и унитарно.

Поентата ми е дека Македонецот иако низ времето на СФРЈ ги добива сите карактеристики на унитарна и национална држава, еднаш целосно независен, не успева повеќе од 10 години да имитира државотворни процеси. Со доаѓањето на ДПМНЕ на власт настапува историскиот, идентитетскиот и националниот дисконтинуитет на Македонецот од процесот на градење независна држава. Настапува и доминира единствено потиснатиот и подзаборавен народно-културолошкиот процес на самоуништување.

Денес, Македонија е сѐ уште држава, но држава од предунитарен карактер. Држава која не се базира ниту на својата реална историја и идентитет, ниту на своите словенски корени и култура, држава која воопшто не се грижи и не ги негува своите национални карактеристики, вредности и придобивки. Дополнително, настрана национално-унитарните карактеристики кои се срозени и се уништени, Македонецот не успева да изгради ниту институции, ниту економско-социјален систем кои доликуваат или се примерни на една функционална држава. Делумно, како резултат на тоа, Македонецот не живее општество или не постои средина, културолошка средина, која соодветствува со потребите на една модерна држава.

Тоа значи дека единственото што нѐ држи и ни дозволува да глумиме држава или да се залажуваме дека сме држава и општество, додека полека ја грицкаме и ја еродираме, е постоењето на еден народен, предунитарен, недемократски и трибалистички режим. Суштината на режимот и тајната на неговата несреќна успешност е што тој ја киднапира државата и нејзините ресурси и ги присвојува културолошките заблуди и митови на македонскиот народ, односно неговите недржавнички (не)квалитети. Ако сѐ уште наликуваме на држава со некакви институции, тоа е само затоа што тие институции му служат на режимот за сопствено одржување, а не за одржување на самата држава.

Режимот имитира држава, со тоа што на закржлавениот Македонец му нуди општествен договор кој одговара на неговите недржавни капацитети. Значи, наместо слободно и плурално општество, пазарна економија, култура базирана на нашата реална историја и наследство, тој му сервира систем на волунтаристичка неслобода и право на злоупотреба, политичко едноумие, лажна култура базирана на митови и на глориозно минато.

Гледате, нашиот проблем суштински не е што сме недемократија, или што не сме држава во модерна смисла на зборот. Не е нашиот проблем, конечно, ниту политичкото уредување кое тендира кон авторитарна диктатура. Нашиот проблем е што сме предржавно општество, не народ подготвен да ја тргува својата слобода и материјална благосостојба со зависност од племето на власта, туку народ кој суштински не знае и не сака таа слобода да ја замисли, да ја разбере, да сфати дека е подобра од сервираната просечност и мизерија. Нашиот проблем сме суштински самите ние, и потоа од длабочината на нашите заблуди и на заостанатоста, се раѓа овој преддржавен режим кој евентуално ќе ја изгуби и затекнатата држава, затоа што нашето поведение не одговара на такво уредување.

Сега, се поставува прашањето: како еден општествено и културолошки заостанат народ, една дисфункционална држава раководена од тесна олигархија и фамилија може повторно да се врати на патот да биде барем дисфункционална демократска држава? Југославија и нашата провинциска егзистенција нема да се вратат. Како да го напуштиме општествено-политичкиот соживот со режимот кој нѐ води кон национално уништување?

Секоја демократија потекнува, а потоа и му дава нова форма на народниот конфликт. Македонија и покрај сите заблуди и сета помирливост со режимот, ако сѐ уште има нешто, тоа е капацитет за конфликт во самото општество. Конфликтот веќе постои, но е апсолутно тивок пред општествената хегемонија која режимот ја одржува над голем дел од македонската популација. Тоа значи дека конфликтот сам по себе не може да даде резултати. Од друга страна, целата наша материјална, морална, општествена и културна декаденција и пропаѓање сами од себе нема да произведат противотров. Тие само ги појачуваат предусловите за конфликт, но тука пак се враќаме на конфликтот сам по себе. Не постои плафон за растечкиот, но тивок конфликт, тој може да се одржува со години и со децении.

За конфликтот да стане отворен или возможен, мора да се создаде криза или фрактура помеѓу механизмите на режимскиот апарат и културолошката клима и етос кои ги принудуваат граѓаните да го прифатат како легитимен и како неопходен општествениот систем воспоставен од режимот. Е сега, ние добро знаеме колку е тешко кај народ кој со толкава емпатија и непромисленост, па дури и со идентична ментална структура и морална матрица како претставниците на режимот, да се случи таква криза и таква фрактура. Тенка е границата помеѓу потчинетост и отворен конфликт, но толку длабоки се неопходните предуслови.

Да ја употребам логиката на филозофот и социолог Маркузе, проблемот е во автолезионистичката интериоризацијата на Македонецот, кој не може или воопшто не сака да замисли идеја за поинакво општество и за поинаква власт. Гледате колкав е проблемот, затоа што за ние да дојдеме до отворен конфликт со режимот, треба да го промениме начинот како Македонецот си ја претставува реалноста. Проклето е тешко да се еродира базата на легитимитет на една опресивна власт, кога истата е препознаена како легитимна од тој што ја трпи опресијата.

Многу пати сме ја употребиле таа метафора, дека Македонецот како потчинет страда од „стокхолмскиот синдром“, од психолошка потчинетост која се граничи со вљубеност кон сопствениот киднапер. Од таа потчинетост се ослободува само преку рушење на моралниот авторитет на опресивниот режим. Затоа, мислам дека во најголем дел продадената или купената интелектуала е важна. Затоа што прва културолошка задача за секоја потчинета група е да ги минира и да ги дискредитира оправдувањата и логиките на режимот. Само така можат да се ослободат граѓаните, кои режимот ги претвори во моторот на сопствената опресија преку морална и материјална доминација. Режимот преку таа доминација е ментално инсталиран кај потчинетите, така ја купува лојалноста, ја шири моралната небулоза и се штити самиот себеси од евентуална трансгресија. Тоа е скапа машина, во која кога не би постоела идеолошката, металната или моралната компонента, и би се базирала само на поткуп, би била и далеку поскапа и многу понеефикасна.

Гледате, колку и да сакаме погрешно да веруваме дека режимот сѐ контролира и врз сѐ влијае, тоа се случува токму затоа што луѓето го трпат, поддржуваат и го одржуваат самиот систем кој ги потчинува. Еве ви пример за таква заблуда: секој во Македонија мисли дека е прислушуван, и така си дава на значење. Далеку од тоа дека вистината е таква, режимот само ја храни таа параноја, а граѓаните самите ја шират. Граѓанинот е тој што прислушува, граѓанинот е тој што прави списоци за гласање, граѓанинот е тој што ја прифаќа како нормална таа недемократска и таа наметната логика на власта. Во секој режим, во секоја епоха, најголемата бруталност врз граѓанинот доаѓа од некој друг граѓанин. Заробеникот е најсуров со другиот заробеник. Еден од начините тоа да се надмине е човек сам да си признае дека е роб, а не своите окови да ги покрива со цвеќиња. Ви звучи познато? Жан Жак Русо ја има кажано оваа позната фраза. Поентата е дека Македонецот е роб и тоа по сопствена волја.

Општествениот или трибалниот договор кој Груевски им го понуди на Македонците одамна се докажа како лажен и како неуспешен. Но, тоа не е нешто што нѐ освестува и што создава отворен конфликт, затоа што љубовниот договор се извитопери во отворена плутократија и во репресивен апарат, кој во нашето општество не наидува на алтернативен модел. Не е доволна ниту широко распространетата сиромаштија, ниту доказите за криминал и корупција, во отсуство на колективен и организиран субјект, кој би гарантирал политичка опозиција и конфликт наспроти режимскиот авторитет. Во суштина, да, точно е - има луѓе што протестираат одвреме-навреме, има опозиција која се спротивставува, но сето тоа е во една анахрона и застарена рамка, која не успева да ја замени послушноста со желбата за промени.

Како што тврди социологот Барингтон Мур: Послушниците, првите жртви на режимот, до тој степен се условени што самите негуваат страв од промени. Не е толку голем стравот од самиот режим, поголем е стравот од непознатото, што по тој режим?

Кај нас промената од послушност кон бунт или кон отворен конфликт ќе се случи кога луѓето ќе добијат слика за комплетна алтернатива, која ќе одговори на нивните плитки општествени логики, но и ќе остави впечаток дека може комплетно да ги замени веќе постојните услови на потчинетост.

Тука најдобар одговор нуди Токвил: стариот поредок не се урива, тој пропаѓа како резултат на внатрешна истрошеност. Режимот во најголем дел ќе падне поради замор на материјалот. И тоа не може да го спроведе една категорија или група, неопходен е и општ организациски и општествен распад на репресивниот, медиумскиот, идеолошкиот апарат. Тоа не значи дека една група не треба да го поведе тој процес и да се обидува да го рашири што е можно повеќе.

Незадоволството и тивкиот конфликт ќе се претворат во отворен бунт само тогаш кога кај луѓето ќе се формулира клучното прашање: Дали режимскиот авторитет сѐ уште е општествено корисен, односно, дали од неговото постоење зависи и понатаму нашата морална и материјална егзистенција? Ако имаме одговор на тоа прашање, ако имаме алтернатива на тоа поле, многу брзо би се довеле во криза наметнатите и постојните општествени и психолошки логики. Вистинската критичка субверзија почнува од тука, кога политичката или општествената опозиција кај граѓанинот ќе го разбуди прашањето: Груевски ѝ треба на Македонија, фамилијарната доминација и хегемонија се корисни за нашето општество, или, можеме и без нив?
Факт е дека кај нас тој процес не полетува. Власта е гнила, режимот се богати и нѐ прави мизерни, државата е катастрофа, но идеолошката операција преку медиумската доминација и прости пораки, на веќе постојните општествени заблуди и митови, не дозволуваат Македонецот да излезе од својата колективна и индивидуална илузија.

Режимот победува затоа што сите зборуваат со неговиот јазик, затоа што повеќето живеат според заблудите кој тој ги разбира и бескрајно им ги сервира. Којзнае, можеби, повеќе од разбирање на општествената катастрофа, бесот ќе се изроди од реалната свест дека ветеното е неостварено, дека животот е навистина мизерен и тежок, па и на тоа дека една таква емоција ќе се судри со режимот на лажни емоции.

Со други зборови, тешко дека Македонецот ќе го зграпчи коренот на проблемите, и поверојатно ќе експлодира пред ефектите од истите.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото