1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Македонија е земја со најдобри меѓусоседски односи – парламентарните избори ѝ се прогласуваат во Србија, владата ѝ се формира во Бугарија, a ѝ се руши во Албанија. Ова би бил најточниот заклучок за тоа каде стасала Македонија во еден од бараните критериуми од ЕУ - добрососедски односи, но и општо за ситуацијата во која што се наоѓа земјата. И сето ова откако потпретседателот на владата на Србија во една ТВ емисија во неговата земја, зборувајќи за негови работи, спомна дека во Македонија ќе има предвремени парламентарни избори?!
За поточни и потполни верзии ќе требаше да се спомнат Чешка и Словачка како земји каде што би можеле да се формираат владите на Македонија, како и соседните Грција и Косово, како земји во кои би можеле да се продадат или купат овие влади, но секако заклучокот може да биде повеќе од точен, посебно за Србија и Албанија. Дека актуелнава влада на Македонија е срушена во Албанија и дека изборите ѝ се прогласуваат по некаква координација со соседна Србија?!
Потпретседателот на владата на Србија даде изјава за изборите во Македонија само еден ден по официјалната посета на премиерот на Србија во Скопје. Оваа посета имаше и затворен дел за јавноста, што за Македонија можеби и не менува многу - дали затворена или не, земајќи предвид дека медиумите и јавноста се толку загушени, што ете, кај нас се случува информации за важни прашања како што е прогласувањето на избори да се објават прво во српските медиуми а не во некој од нашите?!
Што се однесува за делот на Албанија, додека кај нас се дава само кратко инфо и дилема во однос на тоа дали ќе има или ќе нема проект во Луково Поле и Радика, во албанските медиуми за ова прашање се дискутираше подробно. Критичната маса на тамошната јавност, која што ја докажа чувствителноста и минатиот пат, со проблемот околу уништувањето на хемиското оружје, дебатираше, и тоа доста добро, и за застапеноста на Албанците во владата на Македонија. Ова можеби и беше причина за поканата на Тирана на двајца овдешни министри Албанци, за екологија и за економија, токму како на некој информативен разговор, а можеби и заради потврда на нивното постоење. Затоа што ако во министерството кое го водиш има проекти важни за тие што ги претставуваш, а изгледа како да не знаеш или сè уште си несигурен во постоењето на тие проекти, и тоа го кажуваш, нормално е да те повикаат во Тирана за да си го докажеш физички твоето постоење. Затоа што политички со ништо не си го докажал досега своето постоење.
Владата на Албанија можеби сега се води по старата поговорка – „Кога еднаш ќе се изгориш на маштеницата, дуваш и на јогуртот“, и сигурно дека ќе го разгледа добро проблемот на реката Радика, кој што, патем, зависи главно од нив. Тоа што ние како граѓани на Македонија добивме во овој случај е дека јавноста во цела Албанија имаше можност да се запознае со степенот на квалитетот на политичката претставеност на овдешните Албанци. Ова сознание ќе ја ублажи диспропорционалноста на нашите односи со Албанија, затоа што ние тука ги знаеме, додека тие немаат вистинска претстава за тоа реално се случува со Албанците од Македонија. Можеби, според одредени мерила албанските телевизии се најследените медиуми во цела Македонија, но по некое квантитативно мерење, ете, за релевантност на информации ние треба да ги следиме српските медиуми, дури и за тоа да разбереме дали ќе има или ќе нема парламентарни избори. Така и за споменикот на Цар Душан разбравме од српските медиуми... Споменик што според трошоците за неговата полициска заштита може да биде најскапиот од сите други споменици, сите нелегални, затоа што не се поставени според актуелниот закон, кој предвидува нивно поставување со двотретинско мнозинство во парламентот.
И сето тоа поради фактот дека останаа мал број објективни информативни средства во Македонија, а и мака мачат за да преживеат, додека има некои кои под име и лого на медиум прават тендери и милиони евра од владата, па според тоа се гледа дека имаат други работи а не информирањето на граѓаните на земјава. Јавни пари кои ги користат преку некоја корупциска шема при што веќе не се разликува точно што е стадион, што милион а што телевизија!
Извор: Плус инфо, 30.01.14.
Слики: Свирачиња