Мирољуб Тодоровиќ зазема крајно субјективни ставови

31.01.2014 10:32
Мирољуб Тодоровиќ зазема крајно субјективни ставови

МИРОЉУБ ТОДОРОВИЌ НЕ Е ИСПРАВЕН

пред една година го купив мирoљуб тодоровиќ
од чехословачко производство. при купувањето не добив
гарантен лист, но сметав нека не е ни потребен
бидејќи мирољуб тодоровиќ не е механизам
кој лесно се расипува. непосредно после купувањето
утврдив дека окото не му е исправно и дека
поради тоа мирољуб тодоровиќ не е прецизен.
се обидов да го поправам, но мојот труд
беше залуден. и така сега го имам мирољуб тодоровиќ
со кој не можам да се служам


ВО СЕКОЕ ВРЕМЕ ОД ДЕНОТ И НОЌТА ВЕ ЧЕКА
ТОПЛИОТ МИРОЉУБ ТОДОРОВИЌ

мирољуб тодоровиќ лови гулаби
на покривите во сан франциско
не го ограничувајте порастот на трошоците
на мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ ви го подарува сиот свет
искористете ги извонредните можности
на мирољуб тодоровиќ
за потпалување на вашиот оган мирољуб тодоровиќ
ваш пријател и советник
мирољуб тодоровиќ
никаде без мирољуб тодоровиќ
испржете ситно исечкан мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ за јадење
мирољуб тодоровиќ за индустрија
мирољуб тодоровиќ за патишта
анкетен лист:
дали сте слушнале за мирољуб тодоровиќ
дали сте го употребувале
дали сте задоволни со мирољуб тодоровиќ
дали сте потенцијален купувач на
мирољуб тодоровиќ
дали во вашата тровска мрежа
има свежи мирољуби тодоровиќи
мирољуб тодоровиќ по најсовремените
технолошки постапки
ги наградуваме најдобрите купувачи
на нашите мирољуби тодоровиќи
брз контакт и целосен деловен успех
со мирољуб тодоровиќ
наскоро на пазарот нов супер
мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ одговара на вкусот
на милиони потрошувачи
и вие треба да ги запознаете
нашите мирољуби тодоровиќи
пробајте го мирољуб тодоровиќ
и ќе бидете воодушевени
во секое време од денот и ноќта
ве чека топлиот мирољуб тодоровиќ

 

МИРОЉУБ ТОДОРОВИЌ ЗАЗЕМА КРАЈНО
СУБЈЕКТИВНИ СТАВОВИ

мирољуб тодоровиќ е хохштаплер
мирољуб тодоровиќ е анархолиберал
мирољуб тодоровиќ е назадна
општествена сила
мирољуб тодоровиќ е памфлет
вешто смислен и темпиран
каде се грешките на мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ зазема
крајно субјективни ставови
мирољуб тодоровиќ не гледа
дека неговата борба не води никаде
мирољуб тодоровиќ не дава
прецизни одговори на нашите прашања
мирољуб тодоровиќ различно пристапува
кон оценувањето на проблемот
мирољуб тодоровиќ не е самокритичен
во своето излагање
мирољуб тодоровиќ не зема на себе
никаква одговорност
мирољуб тодоровиќ би сакал
секој да стане мирољуб тодоровиќ

 

 


ЌЕ ВИ ДАДАМ РЕЦЕПТ ЗА ПОХОВАН
МИРОЉУБ ТОДОРОВИЌ

замесете половина килограм
од мирољуб тодоровиќ
исечете го во тенки листови
запечете го на загреана рингла
во длабок сад заматете
десет свежи мирољуби тодоровиќи
потоа сето ова добро измешајте го
жените сакаат мирољуб тодоровиќ
да им биде подебел
подобро да не се прави дебел
мирољуб тодоровиќ
тенкиот подобро се пече
внимателно печете го вашиот мирољуб тодоровиќ
додека кожичката не му зарумени
мирољуб тодоровиќ со заруменета кожичка
исечкајте го на парчиња
и послужете

 

ДА ГИ ШИРИМЕ СВОИТЕ
МИРОЉУБИ ТОДОРОВИЌИ


никаде како тука не сум видел
толку мирољуби тодоровиќи
секое утро мирољубите тодоровиќи
впрегнуваат осум црвени коњи во кочијата
секое попладне мирољубите тодоровиќи
отчукуваат точно време
вечерва заспав во џебот од панталоните
на својот мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ е повикан
да биде во првите борбени редови
неопходно е да се разликува
што е мирољуб тодоровиќ а што не е
понатамошната реорганизација на мирољуб тодоровиќ
ќе доведе во внатрешна стабилност
мирољуб тодоровиќ не препушта човек
да биде самиот на себе
човек со мирољуб тодоровиќ
не се чувствува сам
јасно е дека можеме да бидеме
сосема задволни со мирољуб тодоровиќ
мирољуб тодоровиќ делува
како силна интеграциска сила
да ги шириме своите мирољуби тодоровиќи

 

Извор: Svinja je odličan plivač, Prosveta, Beograd, 1971.
Превод: Николина Андова
Слики: Heng Swee Lim

 

Мирољуб Тодоровиќ е роден 1940 година во Скопје. Воените години ги поминува како бегалец, со мајката учителка и со сестрата, во местата околу Велика Морава. 1954 година се сели во Ниш каде завршува гимназија. Првата песна ја објавува уште како ученик во основно училиште во 1953 година. Првите „посериозни“ песни ги објавува како средношколец.

Бил член на нишкото книжевно друштво „Нестор Жучни“ кое му ја објавува книгата „Планета“ (1965) година. Како книжевник и уметник се формира во кругот на нишките творци, кога во него се раѓа идејата за сциентизмот (сигнализмот).

Дипломирал правосудство на Правниот факултет во Белград 1963 година. Како член на редакцијата на студентското списание за култура „Видици“ учествува во студентската побуна 1968 година. Тогаш неговата песна „Марш на црвениот универзитет“ е умножена во повеќе илјади примероци и со акламација на студентскиот собир во зградата на филозофскиот факултет е прифатена како химна на Белградскиот универзитет.

Во 1969 го основа неоавангардното книжевно-уметничко движење сигнализам, а следната година ја покренува интернационалната ревија „Сигнал“.

Работел како новинар, професор во средно училиште, секретар на реадкцијата и уредник на повеќе списанија и советник за меѓурепубличка и меѓународна културна соработка во Министерството за култура на Република Србија. Во 1982 година заминува во пензја и целосно се посветува на книжевноста и уметноста.

Објавени книги поезија: Планета (1965), Сигнал (1970), Свињата е одличен пливач (1971), Подарок-пакет (1972), Триесет сигналистички песни (1973), Инсект на слепоочницата (1978), Агол (1980), Soupe de cerveau dans l Europe de l Est (1988), Сремски ќебап (1991), Ѕвездена мистрија (1998), Електричен стол (1998), Азурен сон (2000), Истрел во гомно (2001), Глад за неизговореното (2010) и други.

ОкоБоли главаВицФото