Нова социјална бомба од Владата: Минималецот ќе расте за 148,26 денари секои 76 години

31.01.2014 12:49
Нова социјална бомба од Владата: Минималецот ќе расте за 148,26 денари секои 76 години

Скопје, 31 јануари 2014

Некои можеби ќе го наречат ова предизборен маркетинг, други популизам, но факт е дека Владата влезе во костец со најгорливите социјални проблеми во земјата. Прво донесе одлука постепено да се зголеми минималната плата за неверојатни 2.000 денари до 2018 година, а уште неспласната радоста кај граѓаните од оваа одлука (масовно се плаче од радост во контактни и утрински програми), следи нова бомба: минималецот нема да остане на проектираните 10.040 денари ни по 2018 година, туку на секои 76 години ќе расте за дополнителни 148,26 денари!

„Во Владата имавме жестока расправија по ова прашање. Пешевски тврдеше дека оптимално е да биде 140 денари, ем округло, ем да не ги боде работодавците, додека пак Ставревски имаше пресметка дека 143,567 денари е максимумот и тоа ако засилиме малку со казни по фирмите и по возачите. Јас како голем работникољубец треснав со рака на масата и реков: нит ќе биде 140, нит 143,567, туку 148,26 денари! еднаш човек е премиер, па нек ме памти по добро работничката класа“, изјави Груевски за Протоѓер, а пренесуваат „Курир“ и „Нетпрес“ во два сосема идентични текста.

Во врска со периодот од 76 години, Груевски рече дека тој некогаш ќе биде и 75 години, ако се погодни финансиските показатели. Мерката е наречена „Халеева комета“ бидејќи покачувањето е врзано со појавувањето на оваа комета на секои 75/76 години.

„Намерно го врзавме покачувањето со Халеевата комета за да не зависи од тоа кој е на власт. Од кај знаеш, можеби во 2061 година кога се очекува пак да помине оваа комета нема да бидам веќе на власт од некои причини. Зошто работниците да трпат поради тоа?“, порача Груевски.

Извор: kozanostra.net