Алтернатива на капитализмот

31.01.2014 12:48
Алтернатива на капитализмот

Би почнал со примерот на шпанските индигнагоси. Во нивниот „Манифест“ ме шокираа две работи. Пред сѐ, детално ги проучив нивните барања. И какви се тие барања? Парите би требало да им служат на луѓето, а не луѓето на парите. Државата или општеството треба да обезбедат достоинствен живот. Еколошка политика итн., достоинство на човечкиот живот. Знам дека сум малициозен, но се обидов да се ставам на местото на обичен Германец кој гласал за нацистите. Прво барање - парите би требало да им служат на луѓето, а не обратно. Би рекол - „Секако, Евреите го свртеа тоа наопаку, се согласувам во потполност“.

„Луѓето“ се германскот народ, „парите“ со кои тој се служи ги претставуваат еврејските банкари. Што е со екологијата? Знаете дека сите мерки кои денес ги предлагаме ги предлагаат нацистите? Знаете дека една од првите мерки на владата на Хитлер била забраната за мачење на животни?

Не велам дека индигнагосите се блага верзија на нацистите. Но сакам да кажам дека е навистина тешко да се замисли алтернатива. Веќе долго време, кога и да се најдам во друштво на радикални левичари, секогаш им поставувам едно единствено глупаво прашање „Што сакате вие?“ И морам да кажам дека добивам исклучително конфузни одговори. Ги прашувам, сакате ли комунизам? Сакате нова национализација на приватната сопственост? Тие велат, не, ни случајно, тоа би било тоталитаризам. Тогаш ги прашувам, дали едноставно ја сакате старата, социјалдемократска држава? Тие стануваат скептични, велат, не, можеби тоа веќе не функционира.

Добив два позитивни одговори. Еден е митологија за локалните заедници. Го знаете она, работниците ја преземаат фабриката, фармата, го организираат животот таму... И тука повторно ќе бидам крајно малициозен. Имам многу пријатели во Венецуела. Знате, кога таму работниците ги преземаа фабриките, во сите медиуми тоа беше пренесено како голем успех. Прашав еден пријател во Венецуела што се случи со фабриките една година подоцна. Деведесет посто од нив банкротирале, пет проценти едноставно се приватизирани, а пет проценти опстанале со државна помош. Што едноставни значи - со помош на американски долари.

Не го кажувам ова за да се подбивам. Само кажувам колку е тешко овој протест да се преточи во минимална конкретна визија. Кога го раскажав ова во Атина, ме обвинија дека сум саботер. Ме прашаа: зарем не гледам дека ова е отворен, креативен процес и дека сите одговори спонтано ќе се појават од народот. Не верувам. Мислам дека ова е клучниот проблем денес. Постои растечки расчекор помеѓу либерално-демократските институции на парламентарната демократија и логиката на глобалниот финансиски капитал, кој сѐ повеќе и повеќе му се измолкнува на секој облик на демократска контрола. И далеку од тоа дека настапувам како евтин критичар на либералната демократија. Велам дека најголемиот проблем е дали некако можеме да ја вратиме контролата над финансискиот капитал, а повторно да не паднеме во тоталитарна стапица.

Ќе ви цитирам авторка која ја обожуваат екстремните десничарски капиталисти. Ја знаете онаа американска писателка со руско потекло, Ајн Ренд? Таа беше ултра-капиталист, но изнесе една исправна забелешка. Забележа дека парите сепак значат минимална формална слобода, дури и ако се работи само за формална буржоаска слобода. И ако навистина сакате да го елиминирате пазарот или парите, проблемот е во тоа дека без некаква - не знаеме точно каква - демократска процедура, мора да се вратиме на предмодерните облици на непосредната доминација. И нели е тоа поуката , на пример, од Советскиот Сојуз? Дека на некое ниво мора повторно да се воведе односот помеѓу доминацијата и слугувањето.

Некои од вас прашуваат дали во овие движења се наоѓаат никулците на нешто ново. Можеби, но навистина сум скептичен до која мера овие никулци можат да се универзализираат. На пример, мојот личен пријател и теоретски непријател Тони Негри верува дека локалните самоорганизирани маси во еден момент ќе го преземат целото општество. Мојот противаргумент е дека она што тој го велича како креативна маса може да функционира само во многу ефикасна либерална држава, со владеење на правото итн.

Овде би се вратил на онаа прекрасна дијалектичка формула, како во рамките на вистинска дијалектичка временитост единствениот пат до комунизмот се крие во буквалното сфаќање на либералната демократија. Мислам дека Марксовата критика на формалната буржоаска слобода е потполно погрешно сфатена. За Маркс, оваа слобода не е формална во смисла дека е тоа чиста форма, дека не значи ништо. Тоа е универзална форма на слобода. И формалната слобода е единствен начин да се создаде простор за конкретна слобода. Знаеме што се случуваше во сталинизмот - сакаа да ја укинат формалната слобода заради правото на слободата, и така секако се губи слободата како таква, формална или неформална.

Во склад со сопствената традиција, ќе бидам многу прост и ќе ви раскажам еден страшно безобразен виц. Тоа е американски виц за доктори, имаат одлични вицови за доктори. Жената на некој човек отишла на тешка операција. После операцијата, човекот му пришол на докторот да праша како поминала операцијата. Докторот одговорил „Сѐ е во ред, жена ви преживеа, ќе ве надживее дури и вас. Но, ќе има некои мали проблеми. На пример, нема да може да го контролира ректумот, па изметот секогаш ќе ѝ истекува. Од вагината ќе ѝ тече некоја грозна течност, така што нема ништо од секс. Устата ќе ѝ се грчи, па секогаш ќе ѝ испаѓа храна“. Секако, мажот пребледел и се престрашил. Докторот тогаш го гушнал и му рекол „Се шегувам, сѐ е во ред, не ја преживеа операцијата“. Тоа се случува со вистинската слобода без либерална демократија. Ги користиме сите слабости, но слободата умира.

Меѓутоа, од друга страна, слично како со Швејк кој разбирајќи ги буквално прописите го довел системот до самоуништување, истото важи и за либералната демократија. Ако ја сфатите буквално, ќе ја промените од корен. Сакам да кажам дека во оваа смисла за мене либералната демократија не е непријател туку препрека.

Да го земеме како пример денешниот капитализам. Проблемот со либерално-демократската перспектива е дека таа претпоставува дека либерално-демократските институционални механизми се доволни за да се врати контролата над капиталот. Јас мислам дека не се. Мислам дека денес е сѐ уште актуелно она што го тврдел Маркс-дека местото во општеството каде се одредува слободата не е политичката сфера како таква - дека имаме слободни избори, слободен печат итн. Секако, сето ова е исклучително важно. Но, тука останувам марксист и тврдам дека вистинската слобода мора да биде втемелена во она што на прв поглед е неполитичка сфера. На пример, во економските односи, или како што секоја феминистка знае, во приватните семејни односи. Во таа сфера треба исто така да бидеме слободни.

Дури и ако имаме критични мисли, колку се тие ефикасни? Мислам дека ова денес е многу сериозен проблем , бидејќи колку и да беше ужасен сталинизмот, сепак зборовите во него останаа многу ефикасни. Мислам дека тоа го кажа Јосиф Бродски - зарем фактот што поетите биле стрелани не е показател колку поезијата била ценета? Била сфаќана многу сериозно. На запад никој не би стрелал поет, бидејќи не им е грижа што некој зборува.

Мислам дека денес доминантното функционирање на идеологијата е цинично. Тврдам дека не само што е важно дали вистински верувате во идеологијата или не, дури е опасно ако вистински верувате. За да функционира системот мазно, луѓето не смеат сериозно да ја сфаќаат официјалната идеологија. Тоа беше моето искуство од младоста во поранешна Југославија. Имав буквално двајца пријатели во Централниот комитет кои наивно веруваа во самоуправувачкиот систем. Останаа без работа. Номенклатурата ги сметаше за опасни. Беа на чекор од Швејк. Но сепак треба да се избегнува идејата дека, бидејќи идеологијата е цинична, не е важно што зборуваме. Дека треба само да дејствуваме, да фрламе бомби или што и да е, дека зборовите не се важни. Мислам дека тој став е погрешен.

Мислам дека за тоа зборувам во мојата книга „Прво како трагедија, потоа како фарса“, дека радикалниот цинизам е невозможен став. Секој циник има приватна тајна во која не е циничен. Погледнете ги западните бизнисмени. Тие се на прв поглед цинични. Прво, некаде прочитав дека 80 проценти од нив се зен будисти. Велат - знам дека мојот деловен живот е само маскарада, а дека она што е навистина важно е мојата духовна посветеност. Без оваа приватна тајна тие не би можеле да преживеат.

Другата идеја што ја добив од левицата е онаа за основниот доход. Знаете, тоа е она што го имаат во Бразил, на хартија, не во стварноста. Но за мене тоа е крајно парадоксално решение. Ја знаете таа идеја - и да сте вработени и да не сте, секој државјанин треба да има загарантиран минимален приход. Но како што основачот на оваа идеја - белгискиот социолог Ван Парејс образложи, неговата замисла е да го спасат капитализмот. Замислата е дека денешниот капитализам е толку продуктивен што може да си дозволи некаков универзален основен приход. Да скратам, не верувам дека сето тоа може да се направи на светско ниво, тоа е утопија.

Се согласувам дека не треба да ја апсолутизираме спротивставеноста помеѓу умерената и радикалната активност. Се согласувам со идејата дека либералната демократија би требало да ја сфатиме посериозно отколку што таа се сфаќа самата себе. Се согласувам дека треба до крај да се бориме за социјална држава. Само тврдам дека, на крајот, тоа нема да успее. Но, исто така се согласувам дека ова може да го установиме така што ќе поминеме низ тој процес. Не постои пречка, па да можеме да кажеме дека знаеме дека ова не функционира и што потоа... медитираме и чекаме голема револуција?

Овие конкретни борби денес се сосема очигледни. И тоа може да се изрази во многу разумни економски показатели. Да ја земеме на пример тековната реформа на високото образование во Европа, таканаречената болоњска реформа. Мислам дека тоа е еден вид на колективно интелектуалнно самоубиство на Европа. Зашто, знаете која е основната идеја тука? Да направат од универзитетот фабрика за производство на експерти. Учествував во една дебата во Франција, каде еден висок француски поручник ми го објасни тоа, беше тоа во времето на оние нереди кога беа палени автомобилите во париските предградија. Ми рече: „Гледајте, сега во Париз горат автомобили. Сега ни се потребни психолози да ни објаснат како да ја контролираме толпата. Потребни ни се урбанисти да ни кажат како да го уредиме градот така што масата нема да може да направи голема штета“. Но јас мислам дека ова експертско знаење не е наша задача. Нашата задача е нешто многу едноставно и многу порадикално - не да одговараме на прашањата што други ги поставуваат, туку да ги поставиме вистинските прашања. Мистификацијата е веќе во самите прашања.

Мислам дека затоа денес ни е потребен интелектуалниот живот повеќе од секогаш. Дали сме свесни што се случуваше последниве децении? Ќе ви наведам на прв поглед еден сосема маргинален пример. Дали забележавте чудна тенденција во новите холивудски филмови да има сѐ помалку секс? Дали гледавте некои од оние грозни филмови како што се оние според романите на Ден Браун, „Кодот на Да Винчи“ и „Ангели и демони“? Имате љубовен пар, но нема секс. Исто е со последниот филм на Џејмс Бонд, „Зрно утеха“. Се сеќавате дека на крајот нема секс? Зошто се случува ова?

Дали забележавте дека сѐ повеќе се враќаме на предмодерната традиција на договорени бракови? Само денес со тоа не се занимаваат роднините, туку агенциите за запознавање и склучување бракови. Од своите пријатели дознав дека е така во Франција и Америка. Не функционира на чешки или на мојот јазик, но на англиски и француски тоа се вели - „to fall in love“, „tomber amoureux“ – буквално - да се „падне во љубов“. Многу агенции таму го повторуваат слоганот - ќе ви овозможиме да бидете заљубени без да паднете. Замислата е дека ако едноставно ги запознаете луѓето, премногу се откривате. Љубовта е пад, тоа е ризик. значи, замислата е да им ги дадете своите лични податоци, а тие ќе се потрудат да не паднете. Зарем тоа не е идеја, „секс без кофеин“? Исто како што денес имаме кафе без кофеин, прво без алкохол, колбаси без маст, овде добивате љубов без љубов.

Имам дури една идеја која можеби се чини конзервативна, но не е. Дека се приближуваме кон периодот кога љубовта ќе се смета за опасна, а не сексот. Веќе постојат некои радикални кругови на американските универзитети кои тврдат дека сексот без обврска е во ред. Ја задржувате својата слобода, не се врзувате премногу, но страствената заљубеност е некаква метафизичка фиксација која е катастрофална. Можеби сега се прашувате каква врска има тоа со капитализмот? Мислам дека токму тоа е структурата на субјективноста која совршено се вклопува во денешниот глобален капитализам. Ако сакате да конструирате идеален тип на денешна субјетивност во развиените земји - тоа е тоа.

Да резимирам, мислам дека во денешниот глобален капитализам демократијата станува сѐ понеспособна или се претвора во празен ритуал. Ми се допаѓаат вашите примери за тоа што неодамна се случи во Грција и Италија - идејата за неутрална или технократска влада. Тука треба да почне нашата работа. Почетокот треба да гласи - не постои некакво неутрално, технократско знаење. Сосема се согласувам дека треба да продолжиме да водиме борба за социјална држава, бидејќи сите објаснети мерки кои сега се наметнуваат - знаете, во криза сме, мора да ги скратиме трошоците итн. - не се точни дури ни во економска смисла. Тоа е идеологија. На пример, неодамна бев во Холандија каде исто така прават крупни резови во буџетот за култура. Многу помалку издвојуваат за култура и наука. Но, Холандија не е во никаква криза, и понатаму добро им оди. Станува збор само за одредена идеолошка перцепција.

Значи, мојата поента е дека денешната глобална криза не е дури ни економска. Станува збор, да се послужам со традиционалната терминологија, за идеолошка криза. Во историјата на човештвото идеологијата веројатно никогаш не била посилна отколку денес. Идеологијата е на дело во нашата секојдневна перцепција кога не можеме дури ни да ја замислиме промената. И мислам дека нашата прва задача не е да предложиме обрасци што треба да се прави, туку само да отвориме простор за алтернативно размислување. Знаете, тоа не е така лесно како што се чини. Често кога мислиме дека имаме алтернатива, и понатаму остануваме во рамки на хегемониската идеологија. Да се размислува за вистинска алтернатива е многу тешко. Но, истовремено е и можно.

Неодамна престојував во Норвешка. Ми рекоа дека таму луѓето некако прифаќаат извесна егалитаристичка логика. Во просечната компанија, максималниот однос меѓу најниско платениот работник и врвниот менаџер е 1:4 или максимално 1:5. Луѓето просто го прифаќаат ова како нормално. Сега ќе кажете, но што е со пазарната конкурентност? Норвешка е меѓу најконкурентните земји. Веднаш зад - кои се на врвот - Хонг Конг и Сингапур, ми се чини. Веднаш зад нив е Норвешка. Значи, гледате дека може да постои социјална држава, егалитаризам, а и покрај тоа - дури и во капиталистичка смисла - да бидете многу конкурентни.

Значи, она што е денес „можно“ или „невозможно“ е чиста идеологија. Не ги сакам левичарите шеесет и осмаши. Но еден од главните од тоа време, Херберт Маркuзе, рекол нешто згодно. Рекол: „Слободата е предуслов за ослободувањето“. Што значи, слободата во смисла на бегство од идеолошките окови е предуслов за вистинско ослободување. И мислам дека ова денес ни е потребно повеќе од кога било. Имануел Кант го нарекувал тоа јавна употреба на умот. Како што можеби знаете, Кант го спротивставува ова на приватната употреба на умот. Но, неговата дистинкција помеѓу јавната и приватната употреба на умот е многу парадоксална. За Кант, кога ѝ служите на својата заедница - државата, нацијата - тоа е приватна употреба на умот. Бидејќи вашето размислување е веќе подредено на целите кои ги поставува заедницата. Но, за Кант, јавната употреба на умот е она што го правиме овде, кога се состануваме надвор од официјалните државни институции, тогаш можеме да размислуваме навистина универзално. Мислам дека ова денес е попотребно од кога било.

Извор: YouTube, 22.01.2014.
Слики: Pawel Kuczynski

Слични содржини

Активизам / Свет / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Теорија
Општество / Европа / Став / Теорија
Општество / Активизам / Балкан / Теорија
Општество / Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото