Блокадата на Ленинград го блокира слободниот говор во Русија

01.02.2014 09:33
Блокадата на Ленинград го блокира слободниот говор во Русија

Изминатава недела со моето семејство бевме до Пискарјовски меморијален комплекс да им одадеме почит на безбројните и незнајни граѓани кои загинаа за време на фашистичката опсада на Ленинград од 1941-44 година.

Со својот парк и езерце, на лето комплексот е живописно место за прошетка каде звучи лесна траурна класична музика. Прекрасен амбиент за внатрешна рефлексија и смирување на духовите после секојдневната стресна градска суета на Петербург.

Овојпат не беше така. Сега, на 10 степени под нула, со снег посланите и смрзнати могили немо пречекуваа река од посетители - бабушки, дедушки, синови, ќерки и внуци. Илјадници петербуршци, многумина некогашни ленинградци, доаѓаа да се поклонат и да положат каранфили на гробовите на блиските роднини, пријатели и комшии, да им запалат свеќа и со шепот да спомнат за нивните воени маки и страдања.

Санкт Петербург и цела Русија неделава славеа седум децении од пробивот на опсадата на Ленинград. Во понеделникот присуствуваше и претседателот Владимир Путин, кој положи венец на споменикот на паднатите, за потоа да ја проследи парадата составена од илјадници војници и офицери, стари советски тенкови и воена техника.

Ретко кој од Петербург нема поблизок или подалечен роднина, свој предок кој не исчезнал во небиднината на мачните опсаднички години.

Споменичниот ансамбл на комплексот се состои од гранитен зид со изрезбани строфи напишани од поетесата Олга Бергољц. Над платото се извишува драматична женска фигура, симболот Родина-мајка, еден од најшироко распространетите ликови на советската пропаганда од време на Втората светска војна. На влезот од комплексот е запален вечниот оган, а од обете страни по еден музејски павилјон, како две џиновски гранитни блок-коцки подигнати во бруталистичко-соцреалистички стил.

При влезот стои мермерна спомен-плоча која порачува: „Од 8 септември 1941 година до 22 јануари 1944 година на градот испуштени се 107.158 авиобомби, испукани се 148.478 гранати, убиени се 16.744 луѓе, ранети 33.782, од глад умреле 641.803 луѓе.“

Во Русија позната како блокада Ленинграда, фашистичката опсада на северната престолнина е една од најцрните епизоди во поновата историја на земјата. Тригодишна жестокост што го има преуредено менталниот и социјален код на Русите. Опсадата започнала во многу лошо време, кога црвениот терор на Сталин земал дополнителен замав, и чие мачно бреме се чувствува до денешен ден, влијаејќи на руската културна и општествена стварност.

Има неколку гробници расфрлани низ градот каде масовно се закопувале мртвите тела на старите и изнемоштените, како и на мажите, жените и децата. Тие, полуживи, умирале со денови и недели главно од изгладнетост, премрзнатост, тифус и други болести а некои и од такви човечки слабости како канибализам. Се открија и нови масовни гробници. Една од поголемите е онаа во Левашово, на север од градот, каде своја рака ставиле тајните служби, НКВД, кои во метежот на војната егзекутирале политички затвореници. Во гробницата се најдени коски од вкупно 45,000 луѓе убиени во текот на чистките пред и за време на војната. Покрај сувото гори и суровото.

Но Пискарјовка, на проспектот на Непокорливите, е можеби една од најголемите плански некрополи некогаш создадени во човечката историја. Според воените податоци, во 180 братски могили, овде биле закопани над 470,000 жители на градот. Разни проценки посочуваат дека во текот на опсадата умреле од 750,000 до 1 милион луѓе. Пред почетокот на војната Ленинград броел 3 милион жители, пет години подоцна, по крајот на војната, населението на градот се намалило на 2 милиони.

На многумина од загинатите не им се знаат могилите, ниту пак биле евидентирани со име и презиме. Едноставно, за тоа немало време и средства. Ставени помеѓу чеканот и наковалната, под закана од „кафеавата чума“ од една, и масовниот глад, мразот, бомбардирањето и отсечените канали за снабдување од друга страна, ленинградци умирале по повеќе илјадници месечно, а во зимските месеци и по десетици илјади. Заради опасност од ширење на зарази, мртвите тела кои се валкале по улиците, градските пасажи и на тротоарите, биле траснпортирани и експресно закопувани во масовни гробници.

„Поскоро смртта ќе се исплаши од нас отколку ние од неа“, гласи стих од изрезбаната посвета.

И наеднаш бомба во етерот. Ретко кој руски медиум досега си играл со прашања поврзани со невиденото мачеништво на народот во Татковинската војна, во потсвеста на Русите нешто слично како што е Битката на Беласица во подсвеста на Македонците. Но табуата беа прекршени, имено, на денот пред да започне главната церемонија за одбележување на годишнината.

На 26 јануари во вечерните часови, популараниот и либерален интернет ТВ-канал Дожд постираше анкетно прашање: „Дали Ленинград требаше да се предаде за да бидат спасени животите на стотици илјади луѓе.“

Од воена-тактичка и морална гледна точка прашањето е легитимно и етичко. Исто како што е легитимно, на пример, да се праша „Дали при крајот на 1944 македонската армија требаше да се испрати на Солун, наместо на Сремски фронт“, или „Дали судењето на Ајхман требаше да се одржи во Бон, а не во Ерусалим.“

Но за многумина во Русија, каде лустрацијата и соочувањето со тоталитарното минато се политичка егзотика, постојат прашања кои треба да се премолчат.

За некои слоеви од општеството, посебно за провладините интелектуалци и елитата на Путин која гравитира кон силовиките, распадот на советската империја (тој си постави задача да ја возобнови и немирите во Украина се директен резултат на тоа), сѐ уште се восприема како крах на цивилизацијата.

Безброј коментари и постови по блоговите, социјалните мрежи и на Твитер, како и од провладините медиуми, неколку министерства, и десетина думски депутати од КПРФ, сите ја осудија ТВ Дожд за навредливото прашање што спред нив е „обид за повторно пишување на историјата и клевета во однос на сите ленинградци“.

Поради „скандалното“ анкетно прашање, обвинителство на град Санкт Петербург, започна истрага за можни нарушувања и во своето соопштение наведе: „Дали телевизискиот канал ги преминал сите граници на дозволеното пред одбележувањето на славната дата на конечниот пробив на опсадата?“

Неколку кабловски оператори веќе му откажаа соработка на ТВ Дожд и каналот не е достапен во некои области. Обвинителството и разни државни инспекции водат проверки на неговата работа. На единствениот либерален и критички ТВ-канал во Русија, власта му се заканува со исклучување.

Во меѓувреме, како одговор на непожелната анкета, каналот се извини до јавноста и во својата програма за овој викенд планира емитување на маратон од документарци, интервјуа и филмови во чест на пробивот на опсадата.

И додека страстите никако да се смират, и расте неизвесноста околу конечната демисија на ТВ Дожд, генералниот директор на каналот, Наталија Синдејева, смета дека случувањата се одмазда на власта за емитување на прилог за дачниот кооператив Бор.

Разните афери наречени „дачни кооперативи“ се постојано под лупа на московскиот Фонд за борба против корупција на Алексеј Навални, популарен блогер и опозициски лидер кој води широка антикорупциска кампања. Меѓу другото, тој во своите постови открива какви плацеви големи неколку хектари и лоцирани во Московската област, во матни зделки откупуваат видни членови на владината Единствена Русија, директори на разни државни компании, високи функционери од Думата и од админстрацијата во Кремљ, и какви дворци и „дачи“ вредни десетици милиони долари тие таму градат.

Сите зборуваат во име на воените ветерани и таканаречените блокадники, оние што ја преживеале опсадата, но, за чудо, никој не ги праша нив, ниту пак тие организирано се јавија со свое соопштение. Којзнае дали тие, во своето позно доба, користат смартфон или таблет, и знаат ли воопшто како се гледа онлајн ТВ Дожд.

Иако Русија денес е на праг од економска криза и девалвација на рубљата, режимот најде одличен повод уште еднаш да ја спинува јавноста со славни историски референци на земјата а против еден од ретките критичко-опозициски медиуми.

Борис Камчев е новинар и писател од Санкт Петербург, неговата книга Русија на Путин: Записи од опачината на светот, неодамна излезе во издание на Темплум.