Зошто нема побуна

03.02.2014 08:16
Зошто нема побуна

Луѓето редовно ме прашуваат како тоа во Америка нема револуција, или барем голем бран реформи како оние од времето на прогресивизмот, Њу дилот или Големото општество.

Средните доходи паѓаат, бројот на сиромашни упорно расте, речиси сите економски добивки одат кај самиот врв, а крупниот капитал ја корумпира нашата демократија. Тогаш, зошто нема поголеми потреси?

Одговорот е комплексен, но се истакнуваат три причини.

Прво, работничката класа е парализирана од стравот дека ќе ги изгуби работните места и платите кои веќе ги има. Претходните децении работничката класа ги поттикнуваше реформите. Работничкото движење беше на чело на борбата за минимален доход, 40-часовна работна недела, осигурување за невработените и социјална сигурност.

Повеќе не е така. Работните луѓе не се осмелуваат на ова. Процентот на работоспособни Американци кои имаат работа сега е понизок од кој било момент во последните три децении и 76 отсто од нив едвај сврзуваат крај со крај. Никој нема сигурна работа. Последно што сакаат е да креваат врева и да ризикуваат да го изгубат и она малку што го имаат.

Освен тоа, нивните главни облици на организирање и самозаштита - работничките синдикати - се десеткувани. Пред четириесет години, повеќе од една третина од работниците во приватниот сектор биле членови на синдикатите. Сега ги има помалку од седум проценти.

Второ, студентите не се осмелуваат да брануваат. Во претходните децении студентите беа главни придвижувачи на општествените промени. Играа активна улога во движењето за граѓански права, движењето за слобода на изразувањето и во протестите против војната во Виетнам.

Но, денешните студенти не сакаат да креваат врева. Оптоварени се со долгови. Од 1999 студентската задолженост порасна за повеќе од 500 проценти, додека просечната почетна плата на секој дипломиран студент падна за 10%, усогласено со инфлацијата. Реформаторите и револуционерите не се радуваат на животот со мама и тато и не се грижат за кредитната способност и препораките за работа.

Трето и последно, американската јавност стана толку цинична во однос на државата, што многумина сметаат дека реформата е невозможна. На прашањето дали веруваат дека државата најчесто ќе постапи правилно, помалку од 20 отсто од Американците одговараат потврдно. Пред педесет години, кога тоа прашање прв пат се поставило во анкетите, потврдно одговориле 75% од испитаниците.

Тешко е да ги загреете луѓето да го менуваат општеството, па дури и да се обидат да променат неколку закони, ако не веруваат дека државата воопшто може да функционира. Мора да замислите некој огромен заговор за да поверувате дека сето ова е масло на оние сили во Америка кои се најотпорни на позитивните општествени промени.

Нормално, можно е десничарските републиканци, корпоративните директори и могулите од Волстрит плански да ги згаснале работните места и да ги намалиле платите за да ги зауздаат работниците, да ги затрупале студентите во толкави долгови за никогаш да не излезат на улица, и кај повеќето Американци да поттикнале таков цинизам кон државата што не се ни обидуваат да променат нешто. Но поголема е веројатноста дека само дозволиле да се случи сево ова, како џиновско мокро ќебе префрлено преку гневот и револтот кој повеќето Американци го чувствуваат, но не го изразуваат.

Во секој случај, промената ќе дојде. Не можеме да издржиме сѐ поголем удел од националниот приход и богатство да оди кај најбогатите додека просечниот приход на домаќинствата и понатаму опаѓа, една петтина од нашите деца да живеат во сиромаштија и крупниот капитал да ја презема нашата демократија.

Во некој момент, на работните луѓе, студентите и граѓаните ова ќе им дојде преку глава. Тие ќе ја повратат контролата над нашата економија и демократија. Ова е клучна поука од американската историја.

Реформата е помалку ризична од револуцијата, но колку подолго чекаме, изгледите за ова второто се сѐ поголеми.

Извор: Social Europe Journal

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото