Полициската академија сведена на вечерна школа

03.02.2014 10:04
Полициската академија сведена на вечерна школа

Имам 27 години и од разбирливи причини би сакал да останам анонимен. На Полициската академија во Скопје се запишав во 2004 година, а дипломирав во 2008 со просек 9.5. Истата година дипломираа околу сто колеги и колешки од запишаните 141 редовни студенти. Бројот на вонредните не ми е познат, а не верувам дека го знаат и надлежните на факултетот.

За тие кои помалку се запознаени, Полициската академија се рестартираше по донесувањето на Законот за Полициска академија од 2003 година. Министерството за внатрешни работи, веројатно по опсежни анализи, утврдило дека постои потреба од ваква високообразовна институција, па до Собранието предложило закон.

Во овој Закон, кој подоцнежната влада на ВМРО-ДПМНЕ го поништи како никогаш да не постоел, стоеше дека на Полициската академија се образуваат кадри со високо образование и магистри за потребите на Министерството за внатрешни работи, други државни органи, како и за други организации, установи и правни лица кои вршат дејност од областа на безбедноста. До 1996, кога Академијата била укината, дипломираните се стекнувале со титулата „дипломиран правник од областа на безбедноста“, додека од 2004 наваму, истата е преименувана во „дипломиран криминалист“.

Бројката на студенти и начинот на извршување на процесот на селекција ги има одредено Министеството за внатрешни работи. Од над 1200 кандидати, преку приемни испити по Уставно право, проверки на физичка кондиција, психотестови и тестови за интелигенција, како и елиминаторни здравствени прегледи во Поликлиниката на МВР (сето тоа дебело платено од џебовите на кандидатите) беа избрани 100 кандидати и потоа дополнително уште 41 од редовите на малцинствата и кандидатите со статус деца на загинати бранители. Целата постапка, од поднесувањето на првичните документи, па до крајната ранг-листа, беше следена од тогашната мисија на ОБСЕ.

Студентите од т.н. државна квота плаќаа партиципација од 200 евра, додека останатите по 800 евра годишно. Уште во првиот семестар, неколкумина студенти се откажаа од студиите, најверојатно од финансиски причини. ОБСЕ спречи нелегално да се запишат деца на министри, инспектори, воени старешини, директори, бизнисмени, па повеќето студенти потекнуваа од сиромашни семејства, што за некои значеше проблем да се обезбедат 800 евра за партиципација секоја година. Трошоците за стан, храна, превоз, книги, пријавување испити се дополнителни.

По доаѓањето на Гордана Јанкуловска на позицијата Министер за внатрешни работи и добропознатиот конфликт со тогашната директорка на Академијата, Слаѓана Тасева, работите тргнуваат во погрешна насока. Со новодонесен Закон за полиција, Академијата се брише од систематизацијата на МВР и се сведува на ниво на факултет, како оние во меѓувреме основани на ФОН и Европски, таканаречени факултети за детективи и приватно обезбедување. Академијата се преименува во Факултет за безбедност и плаќа кирија на МВР за користење на просториите во Центарот за обука во Идризово. Директорката е сменета, студентите се избркани од интернатот и приморани да бараат станови низ Скопје, а на нивно место се доведени студенти на постдипломски студии на кои дебело им се наплаќа за престој во интернатот.

Да биде иронијата на ниво, Гордана Јанкуловска потпишува т.н. Договори за стратешка соработка со факултетите за детективи при ФОН и Европски универзитет за изведување на практична настава на студентите во полициските станици, додека практичната настава за студентите на Факултетот за безбедност е прекината. Министерката подоцна потпишува и Меморандум за соработка со Факултетот за драмски уметности.

Во меѓувреме, вонредните студенти, кои речиси стопроцентно биле вработени во МВР кога се запишувале, завршуваат високо образование (со помош на семинарските и материјалите соџвакани од редовните студенти) и денес се на високи позиции во Министерството. Вработени се и речиси сите редовни студенти од албанска националност кои извадиле партиска книшка од ДУИ. Од останатите редовни студенти, во безбедносните институции се вработиле само тројца. Другите ќе ги сретнете низ бутиците по Скопје, по градилиштата ширум државата, пред некоја банка во униформа на некоја приватна агенција за обезбедување, или во рецепција на некој хотел. Оние со визија одамна ја напуштија државата и заминаа во САД или некоја држава од ЕУ. Некои со глава во торба, обезбедуваат американски воени бази во Авганистан.

Денес кого и да прашате, ќе ви каже дека за да се запишете на институцијата која би требало да претставува правен наследник на Полициската академија, треба да искеширате две до три илјади евра на тамошните раководни лица. Критериумите за упис се смешни и претставуваат грда карикатура на тоа што некогаш беше потребно да го поседува кандидатот кој претендираше да биде прв меѓу дванаесеттемина други кои се бореа за истото место.

Факултетот денес едуцира кадар кој никаде не може да се вработи. Каде може да се вработи еден дипломиран криминалист како високообразована личност, ако не во безбедносните институции на државата? Прашајте ја Гордана Јанкуловска колку јавни огласи распишала од 2006 година до денес, во кои се бараат кадри со високо образование? Гордана Јанкуловска оневозможи и дипломираните криминалисти од првата генерација да се пријават на конкурс за полицајци, бидејќи еден од критериумите беше тие да не се постари од 25 години.

Гордана Јанкуловска бега од средба со дипломираните криминалисти. Тие неколку пати до сега, преку Здружението на дипломирани криминалисти, бараа да бидат примени на разговор кај неа, но таа ниту еднаш не ги удостоила со средба. Наместо тоа, со смешни цитати од закони, нѐ известува дека „согласно законите и Уставот“ кога некогаш ќе имало јавен оглас, ќе сме можеле да конкурираме, како и секој друг. Затоа на единствениот оглас на кој се сеќавам дека бил распишан, бараа лице за обработка на класифицирани податоци, кој требало да има завршено Факултет за физичка култура.

Дали професорите кои денес предаваат на Факултетот за безбедност знаат каков кадар произведуваат и каде тој се вработува? Снимаат ли сѐ уште документарни емисии, каде студентите им глумат статисти, додека тие лажно се самопромовираат, во намерата да привлечат повеќе постдипломци за им врви бизнисот, согласно максимата „Знаењето е сила, знаењето е моќ“, нели? Чувствуваат ли барем малку грижа на совеста што оставија на улица млади и способни луѓе, со кои и тие заедно учеа и се развиваа професионално? Се гордеат ли со фактот дека се неми и безгласни кукавици, сарказам за тоа што би требало да претставува професор или асистент на факултет? Ви удрија во глава професорските титули, платите и скапите автомобили. Се сеќававте ли на времето кога на работа доаѓавте со автобуси или скршени сто-кецови? Јас многу добро се сеќавам! Се сеќавам и дека со семинарските и нашите преводи од странски истражувања, вие си ги пишувавте вашите книги, кои потоа ни ги продававте.

И целава работа е како некој кошмар. Јанкуловска има пријавено тема за докторат на овој факултет. Изгледа поради тоа, го сведе истиот на ниво на вечерна школа која штанца дипломи и во која предаваат само партиски послушници. На онаа старата Полициска академија, не верувам дека некогаш би докторирала.

Засрамете се, убијци на млади луѓе со жар, знаење и интегритет!

Слики: Свирачиња