Мартин Протоѓер добитник на статуетката „Златен Гебелс“ за кампањата „На Заев не може да му се верува“

03.02.2014 12:18
Мартин Протоѓер добитник на статуетката „Златен Гебелс“ за кампањата „На Заев не може да му се верува“

Скопје, 3 февруари 2014

За спотовите со црна пропаганда против лидерот на СДСМ Зоран Заев, македонскиот режисер и мултимедијален уметник Мартин Протоѓер ја доби статуетката „Златен Гебелс“ на филмскиот фестивал Филм Јонг Ун во Пјонгјанг.

По азербејџанското признание за спотот „Македонија вечна“, ова е еден од најголемите успеси на македонската кинематографија, која полека добива потврда за вредноста и на меѓународен план.

„Наградата Златен Гебелс за мене претставува особена чест. Би бил лажно скромен ако кажам дека не го сметам признанието за заслужено. Во црната кампања против Заев ја вложив целата креативна енергија. Воедно, ова претставува и голем успех за Македонија“, вели Протоѓер.

Тој додава дека голем дел од успехот му должи и на премиерот и негов шеф Никола Груевски, кој бил еден од првите што сфатил дека на Заев не може да му се верува.

„Мудриот заклучок на Груевски претставуваше иницијална каписла за создавање на видеата против Заев. На некој начин, тој ми беше муза. Постојано го имав светлиот лик на пастирот пред очи додека творев“, објаснува Мартин Протоѓер.

Нема прецизна статистика за бројот на гледачи на кратките филмови на Протоѓер, но од лица блиски до Центарот за комуникации на ДМПНЕ дознаваме дека драстично се разликува вкупниот број на гледачи од оние кои веруваат во содржината на филмчињата.