Јавно обраќање на селекторот на зимскиот салон на ДЛУМ

03.02.2014 13:04
Јавно обраќање на селекторот на зимскиот салон на ДЛУМ

Имајќи ја предвид неуспешната прес конференција организирана од ДЛУМ по повод овогодишниот петнаесетти Зимски салон и фрапантното игнорирање на електронските и печатените медиуми како на овој настан, така и на жалните состојби во културата кај нас кои перманентно се прикриваат и премолчуваат, сметам дека е неопходно за сето ова уште еднаш да се информира јавноста преку мое јавно обраќање:

 

ЈАВНО ОБРАЌАЊЕ НА СЕЛЕКТОРОТ НА ЗИМСКИОТ САЛОН НА ДЛУМ


Почитувани,

Понудата да бидам селектор на Зимскиот салон на ДЛУМ ја прифатив, не со цел да помогнам да се одржи илузијата што ја прикрива културната катаклизма што се случи во нашава земја, туку да помогнам да се одржи надежта дека уметност е можна и во вакви ненормални и за човек недостојни услови на професионално работење.

ДЛУМ е во агонија, како и целата македонска култура. Културата кај нас ретерира на најниско можно рамниште. Сето она што во минатото го градеа поколенија културни дејци и уметници, денес е урнато и овие тажни урнатини на нашата национална култура не можат да ги прикријат веселите фасади на новите градби, ниту баењето и мамењето на политичарите. Перманентното прикривање на состојбите како во ДЛУМ, така и на нашата ликовната сцена, од страна на државата и државните медиуми (а тоа кај нас значи речиси сите печатени и електронски медиуми) и премолчувањето на проблемите со кои се соочуваат ликовните уметници како последица го има трајно уништеното уметничко творештво во оваа земја. Ако на сето ова му го додадете и недостигот на критериуми, незнаењето да се препознае вредност и таа наша трагична неспособност да се направи разлика, сето тоа нѐ враќа во мрачниот глиб на почетокот од минатиот век во времето кога првото поколение основоположници на македонската модерна уметност се бори со една закоравена, тврдокорна и неука заедница. Ликовниот живот во оваа земја денес е во рацете на бездарници и ситни измамници. Вистинските уметници, оние со творечки потенцијал и дарба, тие се вистинските жртви на ова време.

Оттаму, причина за моето ангажирање е обид да се одржи идејата за уметноста на оваа наша мала провинциска ликовна сцена сè додека сосем не ги изгаснале светлата.

А состојбите се алармантни. Ниту еден наш уметник денес не може да изложи свои дела во ниту една пристојна галерија каде било во цивилизираниот свет (тие што тврдат спротивно сметаат на вашата неупатеност). Дела на наши уметници во големите светски музеи нема. Изложби на наши уметници во големи светски галерии нема. Нѐ нема нигде, а за тоа се молчи. Неуспешни сме, и покрај тоа што имаме добри уметници, како што сме неуспешни во сè друго. И сите обиди да се прикрие вистината со лаги се најобична јавна измама која што однапред смета на незаинтересираноста, на незнаењето и на ниското културно рамниште на она што треба да биде наша „културна јавност“.

Нас нè заобиколуваат сите значајни настани и уметнички текови како да сме осамен остров на сред море. Овде веќе речиси никој и не знае, ниту пак го засега, што се случува некаде таму далеку на запад. Овде нема големи светски изложби, ниту гостуваат големи уметници од светот. Нашите национални установи се исклучени од системот на меѓународна размена и не само што до нас доаѓаат само некакви понижувачки изложбички од едукативен карактер, туку и нашите претставувања надвор се незабележливи и безначајни. Ова е единствена земја во овој дел од светот што самата нема престижна манифестација за ликовна уметност (Биенале или барем Квадренале), ниту пак имаме оспособени куратори со меѓународно искуство кои можат да организираат такво нешто овде, а тоа да не биде засрамувачки. Инстутициите на системот се во рацете на неуки и неспособни раководители и партиски послушници кои панично ја прикриваат својата неукост и неспособност спроведувајќи „тивко гаснење“ на дејноста во установите и на вработени „преку врски“ во тие установи кои немаат поим од професијата, а да не спомнуваме некакви професионални критериуми и професионална етика.

Ова е земја каде се даваат повеќе пари за забавни мелодии од пари за откупи на ликовни дела. Ова е земја каде се даваат повеќе пари за фестивали на новокомпонирана музика од пари за ликовни изложби. Ова е земја каде се даваат повеќе пари за градење на нови нефункционални објекти од пари за одржување на постојните што пропаѓаат пред наши очи. Ова е земја каде државата ги корумпира уметниците дозволувајќи самите јавно да си ги вреднуваат сопствените дела преку засрамувачки комисии и совети составени од истите тие уметници. Ова е земја каде свесно се прескокнуваат кустосите во јавните установи и самите уметници со директорите на установите обраќајќи се директно до Министерството за култура донесуваат одлуки за изложби како стручните лица да се физички работници кои служат само за поставување на делата во даден простор по налог на уметникот. Ова е земја каде колку што се помали резултатите во работата на државните установи, толку се поголеми известијата за работа. Ова е земја каде кога државата троши огомни пари за промашени проекти и неуспешни претставувања во светот, никој не прашува ништо, ниту го интересира зошто е тоа така. Ова е земја без елементарни уметнички критериуми каде темелно е разурнат општествениот систем на вредности. И потоа се чудите зошто никаде нѐ нема. Или веќе никој не се чуди, зашто никому веќе и онака не му е грижа за ништо!

Можеме уште долго да говориме за нашите тажни состојби. Како и да е, сепак не се сите неуки и неспособни во оваа земја. Не е оваа земја само на бездарните и на неуспешните. Има тука и добри уметници кои создаваат вредни уметнички дела. Има уметници со огромен творечки потенцијал што ако не се поддржи ќе згасне во општиот мрак. Затоа сметам дека се потребни вакви манифестации како што е Зимскиот салон на ДЛУМ кој и покрај обидите да се издигне над провинцискиот просек, сепак, не успева да стане престижна манифестација со меѓународно значење. Но, тоа не значи дека не треба да се обидуваме.

Овој Зимски салон го одбележува учеството на голем број млади автори. Тоа дава надеж. Втор белег е учеството на голем број уметници од странство. Тоа речито говори за интересот и за можностите што треба во иднина да се исползуваат. Жално е што понижувачкиот недостиг на пари во држава што троши огромни суми на „декорирање“ на нашата стварност и на невкусна „декоративна пластика“ по улиците и плоштадите, и немањето слух на таа држава (освен, секако, слух за забавни мелодии) не дозволува оваа манифестација да се крене на повисоко рамниште.

Пристигнаа дела на овој Зимски салон од целиот Балкан. Уметниците од Виена до Истанбул покажаа интерес да учествуваат и јас им благодарам. Да поканевме уметници од целиот свет и тие ќе приложеа дела. Само тоа што ДЛУМ нема пари за транспорт и осигурување на делата е причина за ова ограничување и за тоа што сега преовладуваат цртежи, графики и видеа. А и нив не можеме да ги изложиме како што треба. Уште постаршно е што е направена грешка во организацијата и на гостите од странство им е речено дека делата не подлежат на селекција. Сепак, меѓу тие педесетина уметнички дела, видеа и видео инсталации кои ќе бидат претставени има вредни остварувања. Оттаму, ова е и една од ретките ликовни изложби кај нас каде што можеа да преовладуваат новите медиуми, но и тоа наполно не успеваме да го оствариме поради ограничените техничките можости и ограничениот буџет на ДЛУМ. Неспособноста на државата да препознае вредност ја сведува оваа манифестација на селска приредба.

Нашите уметници покажаа, исто така, голем интерес за темата и јас им се заблагодарувам на сите оние кои приложија свои трудови независно дали тие дела се изложени. Од приложените трудови само дел (38 дела) ја минаа селекцијата, а од нив само дел се комплетни уметнички остварувања со спецефична уметничка вредност. Значи, сите дела кои што се одбиени или се неуспешни обиди да се создаде уметничко дело или немаат никаква врска со дадената тема. Делата пак кои се селектирани, во поголем број, се помалку или повеќе успешни илустрации на дадената тема или, од причини кои никого не засегаат (немање пари, немање простор, немање време, немање знаење…) не се изведени како што треба до крај и се само добар обид со добра идеја, но со лоша реализација (настрана видливите „инспирации“ од познати уметници). Да бидеме начисто, на оваа изложба има само десетина вредни дела и да се премолчува тоа е лицемерно и не им прави услуга ниту на уметниците, ниту на публиката. Но, десетина вредни дела и уште дваесетина добри обиди е доволно за изложба. Особено денес кај нас. И тоа, за нашите несреќни прилики, атрактивна изложба каква што е оваа година Зимскиот салон на ДЛУМ. Со сите ограничувања и скудните можности, наспроти понижувачките услови на работење, наспроти сè, сепак, имаме предизвикувачка и поттикнувачка изложба каде можат да се видат вредни дела.

Ви благодарам на вниманието

Емил Алексиев,
селектор на Зимскиот салон на ДЛУМ

Слики: Нејтан Пејл

ОкоБоли главаВицФото