Паланка над паланките

03.02.2014 15:00
Паланка над паланките

Повод: „Паланка“ од Александар Станкоски, „Утрински весник“ од 21 јануари 2014

За јазикот на омразата многу се зборува и се критикуваат јавни настапи на политичари и јавни дејци. Меѓу „шампионите во овој спорт“ секако спаѓа авторот на горенаведената колумна. Секоја негова колумна е преполна со навреди и негации од најнизок вид и се карактеризира со многу вербални пируети, без „уметнички впечаток“. Во оваа колумна, користејќи го скапиот простор на весникот, се пресметува со некој НЛО (за нашите читатели непознат), кој како приватно лице полемизирал со односниов и му нанел некаква навреда, која ја цитира во написот. Меѓутоа, авторот-уметник не само што му одговара на авторот на навредата туку целиот говор е во множина и со тоа цели на цели генерации и жители на нашиот град.

Инаку, арсеналот на епитети е од типот стада, бесни бабуни, базична глупост, орди, анимално, сомнебулност, плитки промислувачи, културен отпад, кастрати, евнуси, тапири, дегенерирани кловнови, уплашени овци, чобани, употребени презервативи и да не набројувам повеќе, бидејќи на читателите може да им се слоши. Меѓутоа, целта на моето јавување не е да го култивирам овој уметник, туку да се осврнам на неговите тврдења дека неговиот критичар потекнува „од една типична касаба каква што била и сѐ уште е неговото родно Скопје, и покрај натчовечките обиди на курентните владетели да се промени ова и паланката навистина да прерасне во метропола, ако не суштински, барем физички, со што ќе се создаде амбиент на поголема софистицираност и култура“.

Ќе си земам слобода на овој и таквите како него, но и на дел од читателите, да им ја претставам атмосферата во таа паланка во 50-тите години од минатиот век до земјотресот. Познато е дека во таа паланка или касаба, по ослободувањето, се формирани сите државни, културни и научни институции. Прв пат прозвуче македонскиот литературен јазик на театарските штици и уметничката литература. Во почетокот на 50-тите години беа организирани првите изложби на современа американска и француска уметност, а публиката имаше можност да се запознае и со делото на Хенри Мур. На сцената на Македонскиот народен театар гостуваа многу познати оперски и драмски уметници. Во концертната сала на тогашниот Офицерски дом, чија реплика (плагијат) сега се гради настапија врвни светски уметници, како Хенрик Шеринг, Давид Ојстрах, Леонид Коган, Александар Унински, Никита Магалоф, Алдо Чиколини, Елефтерио Папаставро, Андре Навара, Јуриј Буков и многу други. За да види кои се овие уметници, кои како да немале друга работа, па настапувале по вакви балкански касаби, на умЕТНИКОТ ќе му треба да се консултира со некој добар музички лексикон. Во тој период настапи генерацијата на младите сликари, штотуку завршени студенти на ликовните академии низ Југославија, кои ги донесоа своите експресионизми, кубизми, надреализми, апстракции и другите современи правци во ликовната уметност и ги имаа првите настапи пред скопската публика, Кондовски, Мазев, Велков, Куновски и други. На концертните подиуми прозвучија и првите композиции на новата генерација македонски композитори, Прошев, Николовски, Зографски. Младите литерати, собрани околу неколку литературни списанија како „Млада литература“, „Современост“ и други ги објавуваа своите први литерарни творби и тие ги пренесоа новите тенденции од светската литература. Некои од нив сѐ уште се живи и се молчаливи членови на МАНУ. Во десетината кино сали во градот и приградските населби, достапни беа врвните достигнувања на светската кинематографија. А паланечката младеж, пак, на своите матинеа танцува и се забавува на фантастичните џез-импровизации на генијалниот Шпато. Во таа паланка се возеа оригинални англиски двокатни автобуси, а не нивни реплики изработени во Кина!

Кутриов „колумнист“ признава дека сега не градат суштинска метропола туку физичка, со што ќе се „создаде амбиент на поголема софистицираност и култура“. А тоа што беше од култура, посебно во градителството, му го препуштија на разни чауши и алај-чауши да го упропастат и покријат со корупки. Сигурно односниот знае дека самите кулиси и декори на театарската сцена не значат ништо и не зборуваат за ништо ако не им се даде содржина со дејството и изговорената реч. На крајот, ако ги користиме со турските термини, се изгради бош паланка фазла паланка.

Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото