Патувања по собата

04.02.2014 09:55
Патувања по собата

Кревет

Од мене тој е
постар
барем две-три роднини во него
умреле
во истите простирки своите браќа
ги стекнав
и своите деца
неродени ги истурив
во белите пештери на постелнината
колку пати бев вечен и огромен
поголем од удот свој сопствен
влажен од слатката млакост на семето
уште почесто бев слаб и немоќен
гонет од пороци посакувани па сонувани
потрајни од секое конечно време

Во мојот кревет секое утре сништа
заборавам
спремен во животот дневен да
нурнам
и измами против смртта смерно да
измислувам

Во него навистина сево ова
почнало
го мразам - во него и мојот фетус
е зачнат


Орман

Помеѓу мојот орман и мене
нема спогодба

Таму е мрачно и чисто
а јас сум изложен на сонце
и валкан - онтолошки

Во неговите мракови
мириса вечноста
на сите жени на светот
а јас сето свое машко
го носам насекаде
привремено
и без убеденост

Во него траат
сите мои лаги:
тука сум обесен - јас
во форма на сако
кошула и панталони
и оној зимски
и оној летен
и мојата црна варијанта
кога излегувам ноќе
како поим од лексикон

По неговите топли темници
кога со рацете барам
некој оклоп
за дневните средби
со облеченото човештво
наидувам на разни крзна
како на туѓи срамни влакна
додека од неговите небеса
врз глава ми паѓаат
вешалици
бесмртните ми заменици.

Во мојот орман уште владее
хиерархијата на оловни војници
од времето на олеографијата
со драгите глетки од бурската војна

А јас за него сум
натрапник од новиот век
чудовиште некое меко
и лудо
што го превртува
најчесто премногу нервозно
воспоставениот поредок
меѓу крпите.


Тепих

Шарата
не е баш шара
туку зборови заплеткани
меѓу неизмерни парчиња и нитки
мисла без конец и крај
на некој тивок
лудак


Телефонски именик

Често ги превртувам страниците
полни броеви
имиња непознати
и се смеам
на нивниот живот
Знам -
спијат
дишат
и малку се плашат

Додека ги читам нивните имиња
дали уште постојат


Огледало

Во неговиот рамен сјај
наидувам на многу лица
слични на себеси
но никогаш доволно слични
за смерно да признам:
овој од оваа страна
надвор од живата
навистина јас сум
во своето месо

Секогаш е оној таму
поспокојниот
а овој од оваа страна
во мене
малку топол од постоење
пошашардисан
и многу победен

Секогаш е оној таму возвишен
а овој од оваа страна
што може кога сака
рака да подигне
наивен и комичен
убеден дека е слободен

Секогаш оној таму
ги има сите причини
и сите тајни
а овој од оваа страна
во три димензии
јасен е и
без изненадувања

Оној таму
нема страсти
нема можност да се понизи
а овој од оваа страна
меѓу стварите
- nihil humani a me allienum puto -
на сѐ е спремен
злосторник

Оној е
вечен и без години
а овој од оваа страна
облак е од клетки
и чека поволни ветришта
за самоуништување

Додека го гледам
оној таму
јас - овој од оваа страна -
врел од живот и од умор
добивам волја да го претворам
во парампарче

Подигам рака
врз својот двојник од сребро
и тишина
Но тој се брани
со рака на праведник
со мудроста на образ
побрзо од мојата намера
и поспоро од мојата подлост
и јас го - разбивам

Залудно
Од подот ме набљудуваат
илјада очи


Прозорец

Низ мојот прозорец
со години ги гледам
истиот ѕид
истиот електричен столб
истиот пат долг

Едно утро
ќе ги здогледа
ѕидот
електричниот столб
патот
долг
некој друг.

Превод: П. В.
Од книгата „Поређење придева“, 2013

Слики: Марк Хол

Јован Ќирилов бил на чело на Југословенскиот драмски театар од 1985 до 1999, а пред тоа, од 1956 драматург во истиот театар, како и во Ателје 212 од 1967 до 1985 година. Од основањето во 1967 година до денес е уметнички директор и селектор на Битеф.

Автор е на романи, повеќе збири песни, театролошки есеи, книги со спомени, антологии на драма и речници. Превел драми од Кристофер Фрај, Брехт, Жене, Стопард, Сем Шепард, Мамет, Марбер и мјузиклот „Коса“.

Во НИН ја пишува колумната Збор на неделата (од 1986 до денес), две колумни неделно во Блиц (Позориштарија и Со рацете во џебови) и театарски дневник во весникот Лудус.

Зборува германски, англиски, француски, шпански и италијански, а го проучувал и кинескиот јазик.

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото